Нова „инвазија“: Саудијците по Салах пред почетокот на клупскиот Мундијал

Челните лица на Саудиската Про лига и натаму се уверени дека ќе успеат да го доведат Мохамед Салах во текот на летото, односно пред почетокот на Светското клупско првенство. 

„Фараонот“ е на излезните врати во Ливерпул и најверојатно нема да ја продолжи соработката, па токму тука Саудијците ја гледаат својата шанса да го доведат кај себе и да стане еден од најпрепознатливите играчи во лигата. 

Ал-Хилал е тимот кој се споменува како најзериозен кандидат за неговиот потпис, а клубот во Салах гледа идеална замена за Бразилецот Нејмар, со кого неодамна беше раскинат договорот. 

Агентот на Салах изјави дека тој би сакал да остане во Англија, но доколку не ги добие очекуваните примања и бонуси, повеќе од сигурно е дека ќе ја промени средината. Во Саудиска Арабија на големо се зборува за оваа трансфер „бомба“, која би се реализирала пред почетокот на клупскиот Мундијал. 

Одамна е познато дека Ал-Хилал не штеди пари кога се работи за големите фудбалски ѕвезди, а се претпоставува дека Египќанецот би добивал плата од околу 40 милиони евра годишно.