Македонија
(Видео) Талески до Тошковски: Кој ќе одговара за пропустите на МВР за трагедијата во Кочани

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кое се однесуваше на одоворност за пропустите на МВР за трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 59 луѓе, а над 200 беа повредени.
Toj ги потенцира сите пропусти на МВР и повика на неселективна истрага и утврдување на одговорноста.
Талески вели дека ваква трагедија, со толку многу жртви и повредени, повикува на неселективна истрага и утврдување одговорност.
„Досега нема одговор на најважните прашања: за потфрлањето на безбедносниот систем, кој е одговорен за пожарот во кобната ноќ и кој дозволи таков настан со присуство на толку луѓе и малолетници. Клучната улога за безбедноста на граѓаните, за сигурноста на јавните собири, за превенцијата и спречување потенцијални настани со огромни последици е во Министерството за внатрешни работи. Затоа ќе поставам прашања до министерот за внатрешни работи, кој раководи со ова Министерство и е најодговорен за неговата работа и постапувањето. Господине Тошковски, механизмите за контрола под надлежност на МВР покажуваат алармантни пропусти непосредно пред и за време на кобниот настан на Бирото за јавна безбедност, на ОВР Кочани и СВР Штип.
Факт 1. Законот за јавни собири јасно наведува дека за собири со повеќе стотици лица – како што беше овој настан со 650 присутни – полицијата има обврска да има оперативни сознанија и да преземе мерки за обезбедување, дури и ако собирот не бил формално пријавен.
Стандардните процедури во вакви случаи вклучуваат 1) формирање на оперативен штаб најмалку во ОВР Кочани, 2) Комуникација со сите СВР за можни ризици и присуство на организирани групи и 3) Превентивно зголемување на полициското присуство.
МВР не подготвила официјален план за обезбедување на настанот, што е стандардна процедура при јавни собири со голем број посетители. Овој пропуст значително ја намалил способноста за контрола и управување со ризици, особено во случај на итни ситуации.
Факт 2. МВР, односно БЈБ, СВР Штип и ОВР Кочани, не направиле ниту план за процена на ризик. Без разлика што немало официјално известување, настанот бил јавно објавен и најавен, а покрај тоа немало комплетен безбедносен план.
Значи МВР – конкретно во Кочани – не постапило по закон. Да постапеше, на местото на настанот ќе имало полиција, противпожарна бригада, брза помош и безбедносен план кој можеше да спаси животи.
Факт 3. МВР е директно одговорно за контрола на процесот на употреба и давање дозвола за користење на пиротехника во затворен простор, што е единствена причина за пожарот, а БЈБ е одговорно за обезбедување на јавната безбедност.
Факт 4. МВР не презел никакви активности за прекинување на настанот кобната вечер, иако непосредно пред случување на несреќата во клубот имало полицајци, ама во 2 часот полноќ. Увиделе присуство на малолетници, присуство на пиротехника, затекнале настан кој се случува непријавено, во клуб за кој биле должни да знаат дека не поседува валидна лиценца и не презеле ништо.
И уште еден факт. По смената на началниците, сопственикот првин го реновирал клубот, па го отворил во ноември, исто така со јавна најава. Немал лиценца, полицајците оделе во акциски контроли во диво кабаре, а не спречиле ништо.
Доколку МВР преку своите ОВР и СВР постапеле по кој било од наведените 4 основи, немало да има ваква трагедија.
Ова го покажува директното непостапување на службениците на МВР, особено Бирото за јавна безбедност и службениците во СВР Штип и ОВР Кочани.
Господине Тошковски, мото прво прашање е: Кој ќе одговара за овие институционални и системски пропусти во МВР? Ама не лани, не пред две години, туку на денот на несреќата, 16 март 2025 година?“, додаде Талески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.