22 Април, 2025
0.1124

ШПЕДИТЕРОТ ГОЛЕМ АКЦИОНЕР МОЖЕБИ НЕМА ДА „ЛАПНЕ“ ГОЛЕМА ДИВИДЕНДА, АМА ЌЕ СЕ ОФАЈДИ ОД ГОЛЕМАТА ЗДЕЛКА - што ќе ѝ продаде „Фершпед“ на „Европа“ за пет милиони евра

Објавено во: Економија 07 Април, 2025 08:20

Добивај вести на Viber

За акционерите на „Европа“, 7 мај ќе биде денот на кој ќе се донесат битни одлуки за нив и за компанијата, но со оглед на познатиот и добро уигран сопственички состав, таму не се очекуваат некои големи изненадувања.

Ќе се гласа за предлог одлуката за поделба на ланската добивка, за дивидендата на сопствениците на акции, ќе се одобрува работата на директорскиот Борд, но и ќе се гласа за избор на нови членови, кои засега остануваат во тајност, со оглед што им истекува мандатот на сегашните.

Ќе се разгледува и зделката што „Европа“ ќе ја склучи со еден од своите најголеми акционери, а тоа е компанијата „Фершпед“, и од кого Европа ќе набави стоки и услуги на сума од фантастични 4,9 милиони евра.

Она што паѓа во очи од предлог одлуките, е дека акционерите на „Европа“ годинава ќе се „омрсат“ со помали дивиденди, наспроти парите кои ги зедоа во минатата година. Па така, на акционерското собрание ќе се гласа за одлука за распределба на ланската добивка, која изнесува 310 илјади евра, а која е за 43 отсто пониска од онаа во 2023 година, што само по себе, носи и помали приливи од дивиденди.

Од овие средства за дивиденди ќе одат околу една третина, или околу 112 илјади евра, додека пак, како нераспределена односно акумуилирана добивка ќе се чува поголемиот дел, односно 198 илјади евра.

Кој колку ќе земе од дивиденда?

Ако се има предвид дека 21,77 отсто поседува шпедитерската компанија „Фершпед“, со што таа е најголем акционер во чоколадната фабрика, според математиките таа ќе добие околу 24 и пол илјади евра, а согласно своите пакети, дивиденда треба да очекува и компанијата „Макошпед“, која располага со акционерски пакет од 19,9 отсто, потоа АС Сењак на Селаудин Арифи располага со 19,15 проценти, Мила Левентиќ поседува 8,68 отсто, Есмедин Хасани поседува 6,25 проценти, и самата Европа има 10 отсто сопствени акции во акционерската структура на компанијата.

Или дивидендата во бруто износ по акција ќе изнесува 30 денари, а ќе се исплатува во пари на трансакциска сметка на акционерите. Последен ден на тргување со право на дивиденда е 26 мај, а прв ден на тргување без право на дивиденда е 27 мај. Од компанијата навеле и дека дивидендата ќе биде исплатена во законски предвидениот рок, најдоцна до 30 септември оваа година.

Ќе се гласа и за Одлука за одобрување на голема зделка со заинтересирана страна. Односно, ќе се одобри за купување, продавање, аванси, гаранции, шпедитерски услуги и организација на транспорт, организирана исхрана, користење на други услуги, Европа да склучи голема зделка со заинтересирана страна „Фершпед“, по пазарни услови за слични видови на зделки, и со која зделка „Фершпед“ ќе се јави како давател односно продавач на стоки и услуги на „Европа“ во вкупен износ од 4,85 милиони евра, а Европа ќе биде корисник односно купувач на тие стоки, и тоа суровини, амбалажа, канцелариски материјали, исхрана на вработените и дел од ХТЗ опремата, како и услуги. А, и Европа ќе му продава на Фершпед дел од својот асортиман, но тоа ќе биде во многу пониска вредност, од само 32 и пол илјади евра.

Ова би значело дека главниот акционер на „Европа“ нема да земе големи пари на име дивиденди, но затоа добро ќе се офајди од зделката што ќе ја склучи со фабриката за продажба на стоки и давање на услуги.

На Акционерското собрание ќе се гласа и за одлука со која ќе се одобри работата и водењето на работењето со друштвото од членовите на Одборот на директори во 2024 година, и тоа за секој член поединечно, а како што е познато, тука влегуваат Марина Симоноски, извршен член и генерален директор на компанијата, потоа Наташа Милева, неизвршен и независен член, како и Драган Наков, Есамедин Хасани, Марика Караџова, како и Селаудин Арифи, сите неизвршни членови.

Ќе се гласа и за одобрување на работата на Марика Караџова и како извршен член на Одбор на директори,која функцијата ја извршува до 15 мај оваа година.

Ќе се бираат и нови членови на Одборот на директори, бидејќи на сегашните директори на 11 мај им престанува мандатот поради истек на периодот за кој биле избрани. Ќе се бираат шестмина нови членови на Бордот, но засега нивниот идентитет не се објавува, па дали ќе останат старите или ќе се појават нови имиња, ќе дознаеме по седницата на акционерското собрание. Но, она што е битно е дека од компанијата навеле дека „На годишното собрание на акционери, по предлог на акционерите на друштвото се врши избор на нови членови на Одбор на директори, со мандат во траење од четири години“.

Засега се знае дека за овие свои функции тие ќе добиваат месечен паричен надомест во нето износ од 30.000 денари по член. Тие добиваат и обврска да одржат конститутивна седница на која ќе изберат Претседател на Одборот и ќе определат лице кое ќе биде извршен член, односно ќе го носи називот генерален директор.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

СЕ ЗГОЛЕМИЈА ПЛАТИТЕ ВО ХРВАТСКА: Највисоката плата е исплатена во секторот основни фармацевтски производи

СЕ ЗГОЛЕМИЈА ПЛАТИТЕ ВО ХРВАТСКА: Највисоката плата е исплатена во секторот основни фармацевтски производи

ПОРАДИ ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП: ММФ објави дека светската економија ќе забави

ПОРАДИ ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП: ММФ објави дека светската економија ќе забави

МИНИМАЛНАТА КОШНИЧКА ПОСКАПЕ: Потребни се повеќе пари за живот

МИНИМАЛНАТА КОШНИЧКА ПОСКАПЕ: Потребни се повеќе пари за живот

ИНВЕСТИТОРИТЕ БАРААТ СИГУРНИ СРЕДСТВА: Цената на златото проби нова граница

ИНВЕСТИТОРИТЕ БАРААТ СИГУРНИ СРЕДСТВА: Цената на златото проби нова граница

ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА ОСТАНУВААТ ИСТИ: Ова се максималните цени

ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА ОСТАНУВААТ ИСТИ: Ова се максималните цени

ВО СТРАНСТВО ПРИМАТЕ ГЕРМАНСКА ПЕНЗИЈА? ОВА МОРА ДА ГО ЗНАЕТЕ ЗА ДАНОЦИТЕ - еве каде ќе бидат оданочени вашите приходи

ВО СТРАНСТВО ПРИМАТЕ ГЕРМАНСКА ПЕНЗИЈА? ОВА МОРА ДА ГО ЗНАЕТЕ ЗА ДАНОЦИТЕ - еве каде ќе бидат оданочени вашите приходи

Се разгледуваат можности за изградба на нов саемски комплекс во Скопје

Се разгледуваат можности за изградба на нов саемски комплекс во Скопје

ПОЧНА ПОСТАПКАТА ЗА ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР: Прво ќе има јавна расправа за спроведување тендер за трет мобилен оператор

ПОЧНА ПОСТАПКАТА ЗА ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР: Прво ќе има јавна расправа за спроведување тендер за трет мобилен оператор

Директор си поднесе оставка во ЕСМ по осум месеци

Директор си поднесе оставка во ЕСМ по осум месеци