Чајковски и одговорноста за војната на Путин

Апсурдна и неразумна мисла е да се поврзат делата на руските мајстори како Чајковски, Толстој и Достоевски со воените дејствија и напори во Украина, и да се оди толку далеку, така што ќе се предлага и заговара општ бојкот на руската култура.

886

„Човек мора да биде свесен за сопствените постапки, но Чајковски не може да биде одговорен за застрашувачката војна на Путин во Украина“, вели Шјел Енглунд, директор на шведската „Вермланд опера“ во Карлстад, во која наскоро на шведски, со локални оперски пејачи, за првпат ќе биде поставена љубовната трагедија „Евгениј Онегин“ на еден од најголемите руски композитори, Петар Илич Чајковски.

Во декември минатата година, пак, Шведската телевизија објави дека чешкиот „Херитиџ балет“, познат со своите меѓународни турнеи со „Лебедово езеро“ на Чајковски, имал сомнителни врски со руската држава. Шведските концертни сали кои ја резервираа продукцијата за напролет 2025 година по заедничка спроведена истрага одлучија да ја прекинат соработката со чешката компанија.






Да се изведува руска музика или драмски поставки во западноевропските земји е прашање околу кое континуирано се дебатира по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Прашањето е, всушност, попрецизно речено, дали руските класици може да се сметаат за дел од пропагандата, или, пак, имаат свое недвојбено место во „нашето заедничко европско и светско културно наследство“?

Дали поставка на „Лебедово езеро“ би можела да биде видена и доживеана како некаков израз на меката моќ на Кремљ?

„Чајковски ни припаѓа на сите нас. Мислам дека е исклучително важно да се обидеме да ја разоружаме националистичката руска пропаганда. Режимот на Путин го турка наративот дека Западот го мрази Истокот, но ние не сакаме и не дозволуваме да нè повлече таква приказна“, објаснува Енглунд.

Прашањето е секако комплексно и повеќезначно? Од почетокот на руската инвазија на Украина, културниот извоз на Русија е предмет на опсежна дебата. Многумина западни критичари истапија со мислења дека би било пожелно да се паузира со Чајковски, Толстој или Достоевски, додека не заврши војната во Украина. Но со таквите сфаќања не се согласуваат сите, така што од разни позиции се предупредува дека не треба лесно да се сугерира и прифати врската меѓу рускиот империјализам и руската култура.

Во овој контекст вреди да се спомене и литературната награда „Алма“, која се смета за една од најважните светски награди за литература за деца и млади. Наградата беше воспоставена од страна на шведската влада по смртта на прочуената писателка Астрид Линдгрен во 2002 година. По препорака на владата во Стокхолм, поради војната во Украина, жирито донесе одлука дека ниедна руска инстанца не може да продолжи да номинира автори кандидати за наградата „Алма“. Според истата одлука, руски писатели би можеле да бидат номинирани од организации и институции од други земји, но тоа воопшто не се случи.

Напоредно со таквата одлука се слушнаа и низа критички забелешки дека овој тип на ограничување може да биде од полза токму за Кремљ, од каде долго време се ширеа тврдења дека руската култура е забранета во странство.

Тоа, всушност, може да се протолкува и како лош преседан, според познатиот руски писател Дмитриј Глучовски, актуелен во западните земји со свите дистописки романи. Тој смета дека европските земји треба да застанат на страната на обичните Руси, бидејќи руската литература е едно од ретките преостанати средства кое овозможува да се изнесе мислење надвор од државната контрола.

Руските писатели низ историјата застанувале под светлото знаме на вистината, биле жртви поради своите сфаќања и дела, а неретко и маченици. Затоа со право се вели дека руската литература била совеста на рускиот народ, издигнувајќи се над говорот во политиката, а извесна смисла и над црковните проповеди.

Нема никакво сомнение дека литературата била ставена на пиедестал, но и жестоко прогонувана. Класичната руска литература е нераскинлив дел од светската култура, но во дебатата која се актуелизира во сенката на војната во Европа, многумина укажуваат дека во денешна Русија таа понекогаш се лансира како природен ресурс, како нафтата и гасот. Целта е тоа да функционира како доказ за супериорноста на руската култура.

Оттаму и анимозитетот меѓу западните критичари кои сметаат дека треба отворено да се бојкотира руската култура додека не заврши војната. Но, тоа, сепак, се надвиснува како мече со две острици, бидејќи продолжувајќи со изведбите на делата на големите руски композитори и драматурзи во западните центри, на Путин му се избива аргументот од рацете, дека декадентниот Запад е воден од русофобија.

Но, во крајна линија, апсурдна и неразумна мисла е да се поврзат делата на руските мајстори како Чајковски, Толстој и Достоевски со воените дејствија и напори во Украина, и да се оди толку далеку, така што ќе се предлага и заговара општ бојкот на руската култура.

Проблематизирањата во оваа сфера, всушност, не се ништо ново. Прашањето за културни бојкоти било во голема мера актуелно и за време на Втората светска војна. Во нацистичка Германија упорно е туркана линијата на бојкот на културата на непријателските земји. По избувнувањето на војната во 1939 година, германскиот министер за пропаганда Јозеф Гебелс вовел општа забрана, меѓу другото, на англиската и француската музика (делата на еврејските композитори веќе биле забранети порано). Бројот на француски филмови во берлинските кина и драмите на Молиер биле намалени на апсолутен минимум, а во врска со кампањата против Советскиот Сојуз во есента 1941 година, забраната била проширена за да ја вклучи и руската култура. Историските искуства се повторуваат, иако можеби не секогаш на идентичен начин.

Но актуелната дилема се чини нема така лесно да биде придушена и релативизирана. Всушност, дали навистина може да се верува дека погледот на руската култура ќе биде ист по моралната катастрофа од војната во Украина? Или ќе се прошири како темна сенка врз сè посилните надежи дека на страшната војна најпосле ѝ се гледа крајот?

Поврзани содржини
na