Култура
Краткометражниот анимиран филм „Неми филмови“ на Крсте Господиновски во официјална селекција на најстариот фестивал за анимирани филмови „Анеси“ во Франција

Новиот краткометражен анимиран филм на македонскиот автор Крсте Господиновски, „Неми филмови“, во продукција на Фокус Покус Филмс и Флип Бук Продакшнс и поддржан од Агенцијата за филм, премиерно ќе биде прикажан во официјалната селекција на овогодинешното издание на најпрестижниот и најстар фестивал за анимирани филмови Анеси во Франција.
Од 3900 филмови пријавени од сите континенти, „Неми филмови“ ќе се натпреварува со уште 70 филмови за една од најзначајните награди во светот на анимацијата. Успехот на екипата предводена од Господиновски претставува значаен исчекор за македонската авторска анимација, бидејки ова е првиот македонски филм по „Адам“ на Петар Глигоровски од 1977 г. кој успева да биде вклучен во официјалната селекција на фестивалот.
Филмот е работен по сценарио на Крсте Господиновски, Жарко Иванов и Димитар Димоски, кое е инспирирано од истоимениот расказ на Димитар Димоски, награден на книжевниот конкурс на „Нова Македонија“. Како продуценти се јавуваат Димитар Димоски и Дарко Попов, а копродуценти се Жарко Иванов (Флип Бук Продакшнс) Раду Николае и Дорин Стелеску (Опал Продакшн). Жарко Иванов исто така е Директор на анимација заедно со Гоце Господиновски. За кинематографијата се потпишуваат Горан Наумовски, Димо Попов, Крсте Господиновски, дизајнер на звукот е Горан Петровски, композитор на музика е Владимир Лукаш. Сценографијата е на Крсте Господиновски, Викторија Динева и Тамара Радојковиќ, која исто така е и асистент на режија.
„Неми филмови“ е приказна за едно мало кино сместена на залезот на немото доба, каде една поранешна филмска ѕвезда, маскирајки ја својата згасната слава, решава да проектира исклучиво неми филмови. Неговиот син спокојно расне во овој илузорен свет, несвесен за промените што се одвиваат вон неговите ѕидови, сè дур едно необично откритие не ги разниша неговите уверувања, нарушувајќи го веќе кревкиот однос со неговиот татко.
Филмот е изработен во техниката куклена стоп анимација и она што го прави исклучително специфичен е фактот што целиот филм е изработен во еден непрекинат кадар.
Шеесет и четвртото издание на Анеси ќе се одржи од 8-ми до 14-ти јуни во Анеси, Франција. Освен на Анеси, филмот ќе биде прикажан и на педесет и третото издание на престижниот Анимафест Загреб, уште еден од најзначајните фестивали за анимиран филм во светот.
„Неми филмови“ наскоро премиерно ќе биде прикажан и пред македонската публика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на „Баклава“ и изложба „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“ во КИЦ Загреб

Во македонскиот Културно информативен центар во Загреб во среда, 23-ти април, загребската публика ќе има ексклузивна можност да проследи уникатен мултимедијален културен настан во рамките на кој ќе биде отворена изложбата „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“ и ќе биде одржан етно концерт на групата „Баклава“.
Етно концертот на групата „Баклава“ која го чествува јубилејот на своето 20 годишно постоење, ќе понуди богата програма од традиционални и авторски песни испеани на повеќе јазици. Се работи за песни кои авторката Елена Христова ги селектира од целокупниот репертоар на „Баклава“. Исто така авторката која за второ живеалиште со години ја има Р. Турција, ќе ја запознае публиката со своите долгогодишни истражувања. На репертоарот ќе се најдат и песни од нејзиниот најнов проект „Јоруклук“.
Покрај Елена Христова која е автор и носител на проектот, во групата „Баклава“ членуваат петмина врвни музичари со богата музичка кариера и автентичен музички израз кој кокетира со различни музички стилови од класична музика, поп, рок, џез, панк, традиционална и чалгиска музика, сето тоа преточено во world music.
Изложбата „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“, македонскиот Културно информативен центар во Загреб ја реализира во соработка со македонското Здружение ,,Откритие“ оформено во 2023 година со основна дејност – популаризација на светското и македонското минералошко богатство. Здружението ,,Откритие“ во својата колекција поседува вредни примероци на природни минерали, кристали и фосили меѓу кои и примерок Алги строматолити стари 1,8 милијарди години кои се првата форма на живот на Планетата Земја.
Автори на изложбата се инженерите Деан Шкартов и Илија Петковски кои десетици години се занимаваат со промоција на природните кристали, минерали и скапоцени камења. На изложбата ќе бидат претставени експонати и реплики изработени од овој скапоцен камен.
Култура
Почнаа пробите за претставата „Ангели во Америка“ (дел I) во МНТ

Во просториите на Македонскиот народен театар, во тек се пробите за театарската претстава „Ангели во Америка“ (дел I) од Тони Кушнер, во режија, превод и кореографија на Филип Петковски; продуцент: Петар Антевски, сценограф: Мартин Манев, костимограф: Антонија Гугинска-Јорданоска, асистент на режисерот: Антонија Белазелковска.
Претставата се реализира како копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“ – Скопје.
Процесот на работа на претставата ќе се одвива во текот на април и мај 2025 година, а нејзината премиера се очекува на крајот на мај. Во претставата играат: Јордан Симонов, Тања Кочовска, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски, Стефан Спасов, Александар Стоименовски, Илин Јовановски и Нела Павловска.
„Ангели во Америка“ е едно од најзначајните драмски дела на современиот американски театар, кое низ два дела ги прикажува животот, политиката и идентитетот во САД во 1980-тите, во времето на СИДА-кризата и на конзервативниот политички подем. Преводот, адаптацијата и сценската поставка се очекува да понудат современо и релевантно читање на ова моќно дело во македонски контекст.
Со оваа продукција, МНТ и „Пресврт“ ја продолжуваат својата мисија за донесување актуелни, предизвикувачки и уметнички силни проекти на македонската сцена.
Култура
Поетско читање во Њујорк

Минатата недела со поетско читање на македонски и англиски јазик во преполната сала, дел од Њујоршката јавна библиотека (New York Public Library) во Њујорк, Никола Маџиров го отвори Светскиот поетски салон во рамките на Фестивалот на светската литература и уметност (World Literature and Arts Festival) кој се одржува од 14-ти до 30-ти април во салите на Њујоршката јавна библиотека.
На сцената пред околу сто и педесет присутни гости, Никола Маџиров настапи заедно со американската џез композиторка, пејачка и мултиинструменталистка Бека Стивенс, двапати номинирана за музичката награда Греми и редовна соработничка на современиот музички гениј Џејкоб Колиер — шесткратен добитник на Греми, на американскиот џез состав „Снарки Папи“ — добитници на пет Греми награди, како и на рок-легендата Дејвид Крозби — членот и основач на „Крозби, Стилс, Неш &“Јанг.
Бека Стивенс, заедно со лидерот на „Снарки Папи“ — Мајк Лиг, веќе компонираа песна според стиховите од песната „Окото“ (The Eye) на Никола Маџиров, која таа ја исполни на отворањето на Поетскиот салон во Њујорк, а истата вечер премиерно ја изведе и нејзината нова композиција „Ние немаме сон“ (We Have No Sleep) според истоимената песна на Маџиров.
Оваа композиција ќе се најде на еден од следните албуми на Бека Стивенс. По заедничкиот поетско-музички перформанс, следуваше разговор на Маџиров со аргентинскиот поет-полиглот, универзитетски професор и преведувач на Песоа и Пизарник — Патрицио Ферари. Настанот беше во организација на „Њујорк Паблик Лајбрери“ и „Лајмлајт Поетри“ од Њујорк.
Според стиховите на Маџиров веќе имаат компонирано американската композиторка и добитничка на Пулицеровата награда за современа опера — Дујун, американскиот авангарден џез композитор и соработник на Бјорк и Лу Рид — Оливер Лејк, македонскиот пијанист и џез композитор — Гордан Спасовски, како и композитори на џез, опера и класична музика од Германија, Италија, Литванија, Естонија.