Шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас, изјави дека внимателно ги следат случувањата поврзани со разрешувањето на членови на Судскиот совет, нагласувајќи дека секое потенцијално мешање во независноста на судството и функционирањето на Судскиот совет предизвикува загриженост во Брисел.
„Очигледно е дека ги следиме овие настани одблизу. Дадовме бројни препораки за судските реформи, не само во нашиот Годишен извештај, туку и во извештајот за владеење на правото, особено во однос на Судскиот совет. Нашиот став е јасен – секое мешање во независноста на судството е причина за загриженост. Сите знаеме дека правната основа за разрешување на членовите на Судскиот совет не е поврзана со интерпелации – тоа е сосема различна процедура. Очекуваме реформи кои ќе обезбедат силно судство, клучно за борбата против корупцијата, што е наш заеднички приоритет,“ изјави Рокас, одговарајќи на новинарско прашање за интерпелациите на членовите на Судскиот совет изгласани во Собранието.
Во врска со запирањето на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Рокас повторно ја истакна важноста на процедурите.
„Станува збор за процесот, а не за поединците. Јасно е дека моментално постапката е замрзната, иако претходно беше активна. ЕУ не зазема став за поединечни случаи, туку инсистираме на функционален систем што ќе ја гарантира независноста на судството. Разрешувањата мора да следат процедури усогласени со европските стандарди,“ потенцира Рокас.
На прашањето во која област најмногу се доцни со реформите и која е најслабата алка, тој ги посочи владеењето на правото и реформата на јавната администрација како клучни предизвици.
„Две области бараат најголемо внимание – владеењето на правото, што е основа за сè, и реформата во јавната администрација. Потребна ни е компетентна администрација што ќе може да ги спроведе реформите. Владеењето на правото беше во застој изминатите години, па сега се неопходни конкретни и брзи чекори напред,“ изјави Рокас на денешната прес-конференција за презентација на мерките од Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027, одржана заедно со министерот за европски прашања Орхан Муртезани во Владиниот медија центар.