Секоја земја што купува нафта или гас од Венецуела ќе плати тарифа од 25 отсто за сите трансакции со САД. Ова во понеделникот го соопшти американскиот претседател Доналд Трамп.
Оваа „секундарна давачка“ ќе стапи на сила на 2-ри април, рече шефот на државата во објава на социјалната мрежа Truth Social. Тој додаде дека го презема овој потег бидејќи, според него, Венецуела испратила „десетици илјади“ луѓе во САД кои имале „многу агресивен карактер“.
На почетокот на овој месец, Трамп ја раскина лиценцата што Вашингтон и ја додели на енергетската корпорација „Chevron“ во 2022-ра година да работи во санкционираната јужноамериканска земја и да ја извезува нејзината нафта, откако го обвини претседателот Николас Мадуро дека не постигнал напредок во изборните реформи и враќањето на мигрантите.
Кина, која веќе подлежи на американски царини, е најголемиот купувач на венецуелска нафта. Во февруари, Небесната империја доби директно и индиректно околу 503.000 барели дневно венецуелска сурова нафта и горива, што претставува 55% од вкупниот извоз.
Шпанија, Италија, Куба и Индија се другите водечки потрошувачи на „црното злато“ на оваа јужноамериканска земја.
Претходно во март, Доналд Трамп се повика на Законот за странски непријатели од 1798-ма година за да го оправда депортирањето на наводните членови на венецуелската банда Трен де Арагуа без конечни наредби за отстранување од судиите за имиграција.
Шефот на американската држава во понеделникот рече и дека во блиска иднина ќе објави царини за автомобили, алуминиум и фармацевтски производи.
Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, Трамп рече дека на САД ќе им требаат сите овие производи доколку се појават проблеми, вклучително и војни.