• Саше Љолес
Екипата на Аталанта ја прекина низата од три порази и конечно победи во Серија А, откако ја надигра Болоња на домашен терен со конечни 2-0 (2-0) во натпреварот од 32. коло.
- Извештај од натпреварот:
Херој на домашниот тим беше одличниот Матео Ретеги, кој најпрво го отвори резултатот уште во третата минута, а потоа асистираше и за неговиот соиграч, Марио Пашалиќ. Хрватскиот репрезентативец зголеми на 2-0 во 21. минута и го постави резултатот на паузата меѓу двете полувремиња.
Болоња се обиде да заигра поконкретно во вториот дел, имаше солидни шанси преку Камбијаги, Ендоје и Де Силвестри, но голманот Карнезеки беше на висина на задачата.
Аталанта умешно го приведе мечот кон крајот и рутински го заокружи осумнаесеттиот триумф со кој повторно се враќа на третата позиција на табелата. Болоња повторно се „лизна“ до петтото место, а во следното коло ќе има тешка задача на домашен терен против шампионот Интер.