Суровини

Златото првпат надмина 3.000 долари за унца, може ли да ја задржи таа цена?

Извор: Jack Ryan, Sybilla Gross, Yvonne Yue Li/Bloomberg

14 март 2025, 13:14

Златото во текот на денешното тргување се искачи дури за 0,4 проценти, на 3.001,20 долари за унца

Ова е првпат цената на златото да ја надмине психолошката граница од 3.000 долари

Сепак, ова не би било апсолутен историски рекорд ако цената на златото се приспособи на инфлацијата

Златото првпат надмина 3.000 долари за унца, може ли да ја задржи таа цена?

Bloomberg Mercury

Цената на златото во еден момент од денешното тргување надмина 3.000 долари за унца, првпат досега. Растот на вредноста на златото е поттикнат од зголеменото купување од страна на централните банки, економската кревкост низ светот, како и обидите на претседателот на САД, Доналд Трамп, одново да ги напише правилата на глобалната трговија со воведување царини на сојузниците и стратегиските ривали.

Златните прачки во текот на денешното тргување се искачија дури за 0,4 проценти, достигнувајќи цена од 3.001,20 долари за унца.

GOLDS:COM

GOLD SPOT $/OZ

2.997,33 USD

+8,1549999999997 +0,27%

почетна цена

2.985,52

претходна цена на затворање

2.989,175

промена од почетокот на годината

14,13564488474%

дневен опсег

2.980,98 - 3.004,94

опсег на 52 недели

2.146,15 - 3.004,94

Преминувањето на психолошката граница од 3.000 долари ја поттикнува вековната улога на златото како сигурно прибежиште во турбулентни времиња и како мерач на страв на пазарите. Во последниот четврт век неговата цена десеткратно се зголеми, надминувајќи го дури и индексот S&P 500, кој е репер за американските акции, кои се зголемија само за четири пати во истиот тој период.

Додека трговците се подготвуваат за царини, цената на златото во САД се искачи над другите меѓународни референтни вредности, што ги поттикна трговците да побрзаат по големи количества злато во Америка пред да стапат во сила давачките. Повеќе од 23 милиони унци злато, во вредност од околу 70 милијарди долари, влегоа во складиштата на њујоршката берза за термински договори Comex од денот на изборите до 12 март. Приливот беше толку огромен што придонесе за нов рекорд на американскиот трговски дефицит во јануари.

Скоковите на цената на златото обично следат поширок економски и политички стрес. Благородниот метал ја проби границата од 1.000 долари за унца како последица на финансиската криза, а во текот на пандемијата на ковид ја помина и другата граница од 2.000 долари. По пандемијата цените се вратија на 1.600 долари, но во 2023 година повторно почнаа да растат, поттикнати од централните банки, кои купуваа златни прачки за да се диверзифицираат од доларот поради стравувањата дека валутата ги прави ранливи на казнените мерки од САД.

Вашата претплата не може да се зачува. Ве молиме обидете се повторно.
Вашата претплата е успешна.

На почетокот на 2024 година пазарот повторно скокна, поттикнат од купувањето во Кина, каде што растеа грижите за економијата на земјата. Растот доби дополнителен замав по изборите во САД бидејќи пазарите ја апсорбираа агресивната трговска политика на новата администрација.

„Златото е средство што може да ја зачува вредноста при различни макроекономски нарушувања што сме ги виделе“, вели Томас Кертсос, портфолио-менаџер во „Фрст игл инвестмент менаџмент“ (First Eagle Investment Management LLC). „Видовме дека златото со векови беше способно (и покрај нестабилноста) секогаш да се врати на својата просечна вредност и да ја задржи куповната моќ сė додека обезбедува значителна ликвидност“.

Неодамнешниот раст на златото дојде и покрај тоа што обично би било спротивен ветер: повисоки каматни стапки и силен американски долар. Кога обврзниците или готовината во банки даваат солиден поврат, златото, кое не генерира камата, станува помалку привлечно. Американскиот долар е главната валута во која се купува и продава златото. Кога станува поскапо за имателите на други валути, тоа вообичаено води до продажен притисок врз благородниот метал.

Златото го надмина индексот S&P 500 Bloomberg Mercury
 

 

Овој пат истите тие сили донесоа нови купувачи на пазарот. Како што јуанот потона во однос на доларот, кинеските инвеститори се натрупуваа. Постојаната висока инфлација низ светот исто така ја зголеми привлечноста на златото како складиште за задржување на вредноста. А тука се и стравовите на инвеститорите дека ќе ја загубат најновата добивка на златото.

„Многу инвеститори пропуштија кога златото помина 2.400, 2.500, 2.600 долари. Постојано велевме: ‘Ова нема да трае, ќе има корекција и ќе се консолидира’“, рече Филип Њуман, основач на консултантската компанија „Металс фокус“ (Metals Focus). „Не се случи ништо слично. Мислам дека постоеше чувство дека инвеститорите не сакаат да го пропуштат ценовното ниво од 3.000 долари“.

Но токму агресивната и непредвидлива трговска политика на новата американска влада е најважниот двигател за цената на златото во 2025 година. Претседателот Трамп воведе царини за Канада, Мексико и Европската Унија (ЕУ) и воведе давачки за кинеските стоки и за целиот увоз на челик и алуминиум. Откако ЕУ возврати со сопствени царини, САД посочија дека трговската војна ќе ескалира.

Администрацијата на Трамп се закани со пошироки нарушувања на глобалниот поредок. Претседателот посочи дека САД се подготвени да употребат економска принуда - па дури и сила - за да ја преземат контролата врз Гренланд и Панамскиот Канал и предложи многу контроверзен план за реконструкција на Газа. Откако ги вчудовиде европските сојузници во февруари со најавата дека САД ќе ги отворат преговорите со Русија за иднината на Украина, администрацијата на Трамп ги доведе во прашање американските безбедносни гаранции над Европа, кои со децении ги поткрепуваа мирот и стабилноста.

„Има огромна несигурност што произлегува од американската политика, која исто така само фрла сенка врз глобалната економија годинава“, рече Иан Самсон, менаџер на портфолио за повеќе средства во „Фиделити“ (Fidelity) во Сингапур.

Централните банки ги зголемија купувањата на злато по 2022 година Bloomberg Mercury
 

 

Основите за растот на златото делумно беа поставени од претпазливоста на глобалните централни банки да се потпираат во голема мера на американскиот долар, што исто така е одраз на геополитичката несигурност.

По руската инвазија на Украина во 2022 година многу руски средства што беа чувани во странство во долари беа замрзнати. Централните банки дадоа на знаење дека доларот може да се користи како оружје, при што нивниот пристап до финансискиот систем е затворен по налог на САД. Од инвазијата откупот на злато од централните банки е двојно зголемен, од околу 500 метрички тони годишно на повеќе од 1.000.

Развиените економии чуваат повеќе злато како официјални резерви Bloomberg Mercury
 

 

Кина, која неколку последователни американски влади ја гледаа како геополитички ривал, значително ги зголеми своите купувања во 2022 година.

И покрај неговиот раст, златото сè уште е далеку од својот историски врв ако неговата цена ја приспособиме според инфлацијата, кој беше поставен во 1980 година и е еднаков на околу 3.800 долари за унца. Тогаш тоа беше комбинација од слаб економски раст, неизбежна инфлација и растечки геополитички судири што ги зголемија цените, а некои аналитичари веруваат дека слични сили ќе го задржат златото и понатаму да се движи во непозната територија во 2025 година.

Златото и натаму е далеку од историскиот рекорд ако неговата ценовна вредност се приспособува со инфлацијата Bloomberg Mercury
 

 

Растот до 3.000 долари дојде побрзо отколку што предвидуваа повеќето главни прогнозери. Во текот на изминатата година, додека цената решително помина низ клучните психолошки пресвртници од 2.000 и 2.500 долари, повеќето аналитичари ги зголемија своите прогнози, наместо да го променат својот став. Некои аналитичари веќе го имаат на повидок следниот главен показател.

„За да достигне 3.500 долари/унца, инвестициската побарувачка би требало да се зголеми за 10 отсто“, истакнаа аналитичарите на Банката на Америка (Bank of America), предводени од Мајкл Видмер, во белешката од минатиот месец. „Тоа е многу, но не и невозможно“, заклучија тие.

 

„Голдман Сакс“ ја зголеми прогнозата за цената на златото - очекува да достигне 3.100 долари
Суровини

„Голдман Сакс“ ја зголеми прогнозата за цената на златото - очекува да достигне 3.100 долари

„Голдман Сакс“ ја зголеми својата прогноза за цената на златото за крајот на годината на 3.100 долари за унца поради купувањето од централните банки и приливите во фондовите.

18.02.2025

Сите новости од рубриката Пазари

Пазари

Берзите обоени во црвено: Колку долго траат обично корекциите?
Берзи

Берзите обоени во црвено: Колку долго траат обично корекциите?

Расположението дополнително се влоши во четвртокот, откако Трамп се закани дека ќе воведе царина од 200 отсто за вино, шампањ и други алкохолни пијалоци од Франција и другите земји од Европската унија.

14.03.2025

сите новости од рубриката Пазари
Регистрирајте се и отклучете 5 статии!

*Започнете го денот со дневниот билтен и најважните деловни вести

Регистрирај се