На терените ширум Македонија повторно ќе се игра кошарка, откако судиите донесоа одлука за прекин на штрајкот поради кој беше одложен стартот на плејофот и плејаутот во Првата лига, но и не се одигра ниту еден меч во останатите лиги од мак-баскетот. По последниот состанок со претставници на клубовите и на федерацијата, судиите синоќа имаа состанок на кој беше одлучено штрајкот да биде прекинат, а со натпревари да се продолжи веднаш по велигденските празници.
Првите средби од плејофот би биле играни во среда, по што во забрзан ритам би продолжил шампионатот за да се надополни пропуштеното, а се очекува Комесарот за натпреварување во следните денови да го објави распоредот и делегирањето за првите натпревари по паузата.
Судиите би се вратиле на терен на 23 април, прифаќајќи да почекаат најдоцна до 25 април за целосна исплата на долговите од федерацијата, нешто што им беше ветено од страна на првите луѓе на мак-баскетот на последниот состанок. Целиот тајминг е совршено наместен, КФСМ во текот на вчерашниот ден им соопшти на клубовите дека очекува целосна исплата на долговите кон федерацијата најдоцна до 23 април, во спротивно ќе следи суспензија и службено губење на натпреварите. Потоа ќе бидат покриени долговите кон официјалните лица, но и она што е најважно – повторно ќе се игра кошарка низ Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА