Во интервју за Рацин.мк, народниот правобранител Насер Зибери се осврнува и на актуелната состојба на „балансерот“, алатката за исполнување на стандардите за правична застапеност и обаснува зошто јавноста има перцепција дека кога станува збор за оваа тема, правичната застапеност се однесува само за Албанците во државата.
Зибери тврди дека заради несоодветната примена и алатката за правичната застапеност припадници на ромската, турската, српската и на другите заедници не се соодветно застапени на позициите во јавната администрација, и тоа е особено нагласено на раководните места.
„Сите овие податоци кога ќе се анализираат се добива впечаток дека инструментот за спроведување на правичната застапеност не беше доволно искористен, често пати и злоупотребуван и создаде една негативна перцепција кај јавноста“, вели Зибери.
На прашањето дали очекува дека новиот предлог на закон за правична застапеност ќе донесе и подобар инструмент од укинатиот „балансер“, народниот правобранител вели дека ќе биде многу тешко да се најде друг инструмент којшто ќе ја запази одлуката на Уставниот суд да не биде истакната етничката припадност, а при тоа да се спроведе соодветно застапување на заедниците.
„Доколку предлагачот, Владата и Собранието се обидат да најдат инструмент кој ќе биде поефикасен, тогаш не може да се заобиколи етничката припадност на вработените во јавниот сектор, зашто тоа е единствениот уставно уреден критериум за застапување“, вели Зибери. „Лично мислам дека Владата ќе биде навистина на испит да го премости овој проблем, да ја пополни оваа правна празнина што сега е создадена“.
Зибери истакнува дека канцеларијата на Народниот правобранител ја следи состојбата и дека, како орган кој по Устав е должен да ја следи оваа област, соодветно ќе реагираат.
„Посочувам дека со укинувањето на алатката за правична застапеност се создаде правна празнина, која што е намерно направена, затоа што сѐ додека не биде донесен новоиот закон за правична застапеност, институциите ќе имаат одврзани раце за да можат да вработуваат без никакви ограничувања. Тоа е мое лично убедување“, предупредува Народниот правобранител Насер Зибери.