Економија

Министерство за енергетика: Имотно-правните пречки ги кочат енергетските проекти

02.04.2025

Надминување на административните пречки што го кочат спроведувањето на значајни енергетски проекти беше главната тема на денешниот состанок во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кој е инициран од министерката Сања Божиновска. На состанокот присуствувале претставници од АД МЕПСО, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за имотно-правни работи и Министерството за транспорт и врски.

- Главниот предизвик што го попречува развојот на овие проекти е долгото чекање на решенија за имотно-правни прашања и сложените процедури за упис на државниот имот во Катастарот. Оваа состојба директно го забавува напредокот на повеќе капитални инвестиции, меѓу кои и проектот Милетково, неопходен за стабилноста на електроенергетскиот систем во тој регион, информира МЕРМС. 

Министерката Божиновска истакнала дека „проектите од ваков обем не смеат да стојат во место поради долги и неефикасни административни процеси“.

- Ова не е само техничко прашање – ова е прашање на енергетска сигурност и економски развој. Одговорноста на институциите е да обезбедат навремена и координирана работа, за државните инфраструктурни проекти да не чекаат непотребно, нагласила министерката. 

МЕРМС наведува дека на состанокот било договорено засилено меѓуинституционално координирање и утврдување на јасни процедури за забрзување на процесите.

-Министерството за енергетика, во соработка со надлежните институции, ќе работи на конкретни решенија за да се спречат идни застои и да се обезбеди навремена реализација на сите стратешки енергетски проекти, се наведува во соопштението.

 

ПРЕПОРАЧАНО