• Мартин Танасковски

Капитенот Филип Кузмановски на уште едно дерби стапи на сцена и му донесе победа на Еурофарм Пелистер. Бекот беше најдобар стрелец во победата над Алкалоид (28-30) по доста драма и неизвесен финиш, иако „зелените“ водеа со пет гола разлика.
„На крајот пресуди нашето искуство од Лигата на шампионите, игравме до крајот без нервоза, без избрзани потези. Имавме добри ротации, секој кој што влезе на терен имаше свој придонес. Да не го заборавиме и Самоил Ристевски кој одигра перфектна одбрана, тоа е пример за секој помлад ракометар тука како треба да се игра. Има простор тука за сите таленти да напредуваат. Тешко дека некој ќе не победи со ваква атмосфера и перфектна публика во Битола. Никого не го потцениваме, максимално се спремаме за секого. Покажавме шампионски менталитет, сега ни следи Бутел. Сакам само да продолжиме во ист ритам.“, изјави Кузмановски.
Еурофарм Пелистер е лидер во плеј-офот со девет бода, пред Вардар 1961 кој има осум бода. Алкалоид е трет со четири освоени бода.