Анализи
ММФ: Војната во Украина може да се смири до крајот на годината, но ризиците остануваат високи

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во своето основно сценарио предвидува дека војната во Украина ќе почне да стивнува во последните месеци од оваа година.
„Иако ризиците остануваат екстремно високи, основното сценарио сепак претпоставува дека конфликтот ќе се смири во последните месеци од 2024 година“, се наведува во документот објавен на официјалната веб-страница на ММФ.
Сепак, пречките предизвикани од продолжувањето на војната – вклучувајќи ги неодамнешните масовни напади врз гасната инфраструктура и затворањето на клучниот рудник за јаглен – продолжуваат да влијаат врз економскиот раст во 2025 година, се истакнува во извештајот.
Песимистичко сценарио: Конфликтот може да трае до 2026 година
Во песимистичко сценарио, ММФ предупредува дека конфликтот би можел да се смири дури во вториот квартал на 2026 година, што дополнително би ја влошило економската состојба во регионот.
Аналитичарите проценуваат дека и Киев и Москва во моментов настојуваат да добијат што е можно повеќе стратешки предности на теренот пред евентуалното замрзнување на конфликтот. Ова, според експертите, го објаснува интензивирањето на борбите на границата – украинските сили се обидуваат да се задржат на упоришта во регионот Курск и да напредуваат кон Белгородска област, додека руските сили ги зајакнуваат операциите во регионот Суми.
Економските прогнози за Украина
Покрај политичко-воените предвидувања, ММФ ги ревидираше и економските прогнози за Украина. За 2024 година, се предвидува раст на БДП од само 2–3%, додека проекцијата за 2026 година е намалена за дополнителни 0,8%.
Останува неизвесно како ќе се одвива ситуацијата, но јасно е дека воените и економските последици ќе продолжат да влијаат врз регионот и пошироко.
Анализи
ИНФЛАЦИЈАТА ВО САД: Пад на цените или само привремен потег? Како трговската војна и политичкиот притисок врз ФЕД ќе го обликуваат економскиот пејзаж

Последните податоци за индексот на потрошувачки цени (CPI) во САД покажуваат намалување од 3,1% на 2,8%, што е значителен показател за намалување на инфлацијата. Овој тренд на намалување на индексот на потрошувачки цени (CPI) е дополнително поткрепен со падот на базичната инфлација, која, исто така, бележи намалување во исто време. Таквите промени создаваат дилема во економската анализа: Дали ова претставува сигнал за стабилизација на инфлацијата и можност за продолжување на забавување на растот на цените или се работи само за краткотраен ефект кој може да биде променлив и нестабилен во периодот што следи?
Можни причини за падот на инфлацијата
Еден од најголемите фактори што довеле до падот на инфлацијата во САД може да се поврзе со слабеењето на цените на енергенсите, кои во последните месеци пораснаа со огромни брзини, но сега започнуваат да се стабилизираат и солидно да се намалуваат. Исто така, можеби има благ период на стабилизација на цените на храна и други основни потреби, што позитивно влијае на индексот на потрошувачки цени. Сепак, ако се погледне повнимателно, падот на инфлацијата може да биде и одраз на краткорочни фактори, како што се временски осцилации или привремени промени во понудата и побарувачката.
Дали ова е сигнал за забавување на инфлацијата или краткотраен ефект?
Иако податоците за инфлацијата покажуваат намалување, економистите остануваат внимателни и подготвени за можни повторни ценовни шокови. Има неколку клучни фактори што може да го променат трендот на инфлацијата:
- Промени во цените на нафтата и енергетските ресурси: Нараснувањето на цените на нафтата или на глобалните енергетски ресурси може повторно да ја зголеми инфлацијата.
- Продолжување на проблемите со синџирите на снабдување: Ваквите проблеми, ако не се решат во целост, можат да доведат до повторно зголемување на цените.
Затоа, падот на инфлацијата може да се смета за сигнал на краткотраен ефект, кој можеби ќе продолжи во периодот што следи, но не е гаранција дека трендот ќе биде траен.
Влијанието на трговската војна со Кина
Трговската војна помеѓу САД и Кина, како и напнатоста во глобалната трговија, може да има сериозни последици за инфлацијата во САД. Ако трговските бариери продолжат да се зголемуваат, тоа може да ги зголеми трошоците на увозот, што повторно ќе ја подгрее инфлацијата. Кина, како еден од најголемите трговски партнери на САД, игра клучна улога во глобалните синџири на снабдување, па секоја нестабилност во трговијата ќе ја почувствуваат цените на производите во САД. Можеби ќе има ефекти и на трошоците на работната сила, ако цената на увозните суровини и компоненти продолжи да расте.
Како ќе влијае американскиот претседател и ФЕД?
Американскиот претседател, со оглед на значењето на инфлацијата на политичката сцена, веројатно ќе изврши притисок на Федералните резерви да ги намалат каматните стапки и да започнат со квантитативно олеснување (QE) за да ја стимулираат економијата и да ја одржат ниска инфлацијата. Ова, пак, може да создаде притисок на ФЕД да ги намали каматните стапки за да ги поддржи бизнисите и потрошувачите во услови на трговска неизвесност.
ФЕД, сепак, ќе мора да биде внимателен со одлуките за квантитативно олеснување (QE), бидејќи долгорочниот ефект на таквите политики може да го зголеми кредитирањето и ризикот од „финансиски балон“, особено во насока на глобалната економска нестабилност. Влијанието од политичкиот притисок ќе зависи од вкупниот економски контекст и процената на ФЕД за долгорочните економски трендови.
Заклучок
Иако краткорочните податоци за инфлацијата изгледаат поволно, не може да се донесе брза пресуда за целосно забавување на инфлацијата. Влијанието од трговската војна со Кина и политичките притисоци врз ФЕД ќе бидат клучни фактори кои ќе влијаат на идните економски одлуки и ќе ја обликуваат политиката за инфлација во САД, но истовремено ќе го обликуваат и глобалниот економски тек!
Анализи
Девизните резерви на крајот на март достигнаа 4,78 милијарди евра – најголем дел вложени во државни хартии од вредност

На крајот на март 2025 година, бруто девизните резерви на Република Северна Македонија изнесуваат 4.788,1 милиони евра, покажуваат најновите податоци објавени од Народната банка. Овој износ претставува стабилно ниво на девизни резерви, што придонесува за одржување на макроекономската стабилност и довербата во монетарната политика на земјата.
Анализирајќи ја структурата на резервите, најголемо учество имаат инвестициите во државни записи, кои сочинуваат 77,0% од вкупните резерви. Оваа состојба укажува на претпазливо управување со средствата, преку инвестирање во нискоризични и ликвидни инструменти, што е во согласност со конзервативниот пристап на централните банки.
Втор по големина сегмент во структурата на резервите е монетарното злато, кое учествува со 13,4%. Златото традиционално се смета за сигурна актива, особено во услови на глобални финансиски неизвесности и геополитички тензии, па неговото значително присуство претставува дополнителна заштита на девизните резерви.
Остатокот од 9,6% се однесува на валути и депозити, што дополнително ја зајакнува ликвидноста и флексибилноста на резервите, овозможувајќи брза реакција во случај на надворешни шокови или потреба за интервенција на девизниот пазар.
Ваквата структура на девизните резерви претставува индикатор за стабилност и дисциплинирана фискална и монетарна политика. Воедно, таа овозможува сигурна поддршка за надворешната позиција на земјата, вклучително и за покривање на увозот и обврските кон странство.
Анализи
ИНАЕТ ШТО ЧИНИ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ: Битката за каматните стапки и контрола над ФЕД се заострува, Трамп и Пауел во нов судир околу иднината на американската економија

Со враќањето на Доналд Трамп во фокусот на американската политичка сцена, повторно се отвора прашањето – дали тој повторно ќе се обиде да ја стави Федералната резервна банка (ФЕД) под политичка контрола? И дали актуелниот претседател на ФЕД, Џером Пауел, ќе издржи под притисокот кој Трамп е познат дека знае да го наметне?
Конфликтот меѓу Доналд Трамп и претседателот на ФЕД, Џером Пауел, не е нова приказна. Тој започна уште во 2018 година, кога Трамп тогаш актуелен претседател на САД во својот прв мандат, јавно изрази незадоволство од одлуките на ФЕД за зголемување на каматните стапки. Иако самиот го назначи Џером Пауел на функцијата, Трамп брзо го означи како „најголемата закана за економскиот раст“ и неколкупати отворено сугерираше негова смена, нешто речиси невидено во историјата на односите меѓу Белата куќа и ФЕД. Тој сметаше дека Пауел со своите политики ја забавува економијата, ги демотивира инвеститорите и ги поскапува кредитите за бизнисите и граѓаните.
Покрај монетарната политика, Трамп паралелно развива агресивен економски план со воведување на високи реципрочни царини, особено кон Кина и другите трговски партнери за кои тврди дека имаат „несправедлива предност“. Оваа политика ја претставува како начин за заштита на американските работници и индустрии, но истовремено внесува голема неизвесност на капиталните пазари. Инвеститорите се ставени пред сериозен притисок и ризик од глобални трговски војни, што ги дестабилизираше пазарите и предизвика големи флуктуации во берзанските индекси.
Со неговото враќање на политичката сцена, конфликтот со Пауел добива нова димензија, не само околу каматните стапки, туку и околу улогата на ФЕД во креирање на американската економска политика и меѓународната трговска размена. Сега, како и тогаш, Трамп ветува „економски национализам“ и е подготвен да го стави ФЕД под притисок за да ја спроведе својата визија, дури и по цена на нарушување на довербата во независноста на институцијата.
Стар конфликт, нова динамика
Во текот на својот претходен мандат, Трамп често влегуваше во отворен конфликт со Пауел, јавно го критикуваше поради „превисоките каматни стапки“ и дури навестуваше дека би го отпуштил, иако тој самиот го постави на таа функција. Според Трамп, високите каматни стапки сериозно ја кочат економијата и предизвикуваат „вештачки притисок“ врз американските инвеститори и пазарот на трудот.
Од друга страна, Џером Пауел, како гувернер на ФЕД, инсистира на независност на институцијата и на тоа дека нејзината примарна мисија е да ја контролира инфлацијата и да го одржи финансискиот систем стабилен, без разлика на политичкиот моментум.
Каматната политика во срцето на конфликтот
Сегашната ситуација е уште посложена. По период на агресивни зголемувања на каматните стапки со цел справување со инфлацијата, ФЕД внимателно сигнализира потенцијално олеснување, но без јасен распоред. Во меѓувреме, Трамп во почетните месеци од својот втор мандат како американски претседател пробува преку силен притисок да ја искористи монетарната политика како политичко оружје.
Тој повторно ја обвинува ФЕД дека „игра политички игри“ и тврди дека го одложува намалувањето на каматите за да и наштети и да ја забави економијата, нешто што беше случај и во првиот негов мандат. Во познат стил, Трамп сака брзо намалување на каматите со цел да се поттикне потрошувачката, а со тоа и економскиот раст.
Што значи ова за економијата?
Овој судир носи високи ризици со сериозни последици. Ако ФЕД попушти под политичкиот притисок, може да се наруши довербата во независноста на институцијата, нешто што е клучно за стабилноста на доларот и целата глобална економија. Од друга страна, тврдоглавоста на Пауел може да значи одржување на високи каматни стапки подолг период, затегната монетарна политика што би го забавило економскиот раст, а потенцијално би довело и до рецесија која понатаму би предизвикала зголемување на невработеноста, а тоа би довело до огромни последици врз пазарите на капитал и граѓаните.
Финансискиот пазар со едно око кон Вашингтон, со друго кон ФЕД
Инвеститорите внимателно го следат секој говор, твит или интервју, било од Трамп или од Пауел. Волстрит сака стабилност, но моменталната динамика најавува турбулентна година во која ќе се судрат политичките интереси и монетарната логика.
Во моментов пазарот на капитал се соочува со сериозен предизвик и инвеститорите се ставени под голем притисок со оглед дека берзанските индекси се во слободен пад. Вредноста на компаниите вртоглаво се намалува со секој изминат ден, но ниту Трамп, ниту Пауел не попуштаат во одбрана на својата политика.
Заклучок
Битката меѓу Доналд Трамп и Џером Пауел е многу повеќе од личен судир, таа претставува судир на две различни визии за тоа како треба да функционира една економија: политички водена, со фокус на краткорочен раст и национални приоритети, или институционално автономна, со долгорочна стабилност како крајна цел. Повторното појавување на Трамп на политичката сцена не само што ја обновува оваа стара тензија, туку и ја засилува во многу понеизвесен глобален контекст, инфлациски притисоци, геополитички тензии и зголемена недоверба кон институциите.
Неговите агресивни реципрочни царини, заедно со притисоците врз ФЕД за драстично намалување на каматите, можат да го разнишаат внимателно балансираниот економски поредок. Во исто време, доколку Пауел и ФЕД продолжат да се држат до своите цели без отстапки, ризикуваат да бидат перцепирани како институција што се оддалечила од реалните економски и политички текови.
Клучното прашање е: дали Федералните резерви ќе можат да ја задржат својата независност во време кога политиката сè повеќе навлегува во монетарната сфера? И дали американската економија, а со тоа и светските пазари, можат да издржат уште една турбулентна фаза на политички мотивирани економски интервенции?
Она што е сигурно е дека исходот од овој судир нема да влијае само на САД. Ќе се чувствува низ глобалниот финансиски систем – преку берзите, валутите, каматните стапки и одлуките на централните банки ширум светот. Во свет каде довербата е сè, ФЕД се наоѓа пред една од своите најголеми историски одговорности: да остане столб на стабилност во време на политичка бура.
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во Стопанска банка АД – Скопје
- Банкипред 2 месеци
НОВО: Кредити од Комерцијална банка со намалени каматни стапки
- Колумнипред 1 месец
Онлајн пристапот е лесен, но дали го чуваме доволно безбеден?
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
- Банкипред 2 месеци
STB Pay by link – ново платежно решение за вашиот бизнис од Стопанска банка АД – Скопје