Алкалоид договори Србин од Еурофарм Пелистер?

Екипата на Алкалоид ги продолжи настапите во ЕХФ Купот и со синоќешната победа над Баја Маре во Скопје обезбеди историско прво полуфинале на меѓународна сцена. Но, тоа не е единствената позитивна вест за фановите на освојувачот на Купот на Македонија, затоа што пред портите на Алкалоид е Урош Борзаш.

Според пишувањата на српски „Моцарт Спорт“, левиот бек на Еурофарм Пелистер веќе ги договори сите услови со клубот од Автокоманда и од налето ќе го облече „сино-белиот“ дрес на Алкалоид. Српскиот „бомбардер“ две сезони го носи дресот на шампионот Еурофарм Пелистер, но оваа сезона не добива поголема минута и повеќе ја грее клупата за резерви. Поради тоа не доби продолжување на соработката со „зелено-белите“ и како слободен агент се сели во Скопје. 

Борзаш има големо искуство од настапи во Лигата на шампионите, бидејќи пред да дојде во Битола ги бранеше боите на Елверум од Норвешка, каде редовно играше во европската елита. 

Борзаш е роден во Сента, има српско и унгарско државјанство, а негов матичен клуб е големиот Веспрем. Борзаш го носеше дресот и на Татабања и Тулуз во Франција.