Ново амбулантно возило за Општата болница во Кочани донираа општествено одговорни компании
- Општата болница со проширена дејност во Кочани денеска доби ново амбулантно возило за потребите на Итната медицинска помош, што го донираа три домашни општествено одговорни компании.

Кочани, 1 април 2025 (МИА) - Општата болница со проширена дејност во Кочани денеска доби ново амбулантно возило за потребите на Итната медицинска помош, што го донираа три домашни општествено одговорни компании.
Возилото од марката „рено“ е комплетно опремено со современи медицински уреди за итна интервенција и ќе помогне во проширувањето на возниот парк на болницата.
Трите компании кои донираа позитивно одговориле на повикот на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски за обезбедување помош за санирање на последиците по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“.
-Изразувам жалење за трагедијата што се случи во Кочани и сочувство до семејствата на луѓето кои загинаа, посакувам што побрзо оздравување на оние кои се во болниците во Македонија и надвор од неа. Сакам да порачам до граѓаните на Кочани дека ВМРО-ДПМНЕ и Владата цврсто стојат зад опоравувањето од овој шок што го доживуваме и сите ние кои живееме во Македонија. Упатувам благодарност до општествено одговорните компании Аутомотив груп, Соникс и Шпаркасе лизинг коишто донираа амбулантно возило за потребите на Општата болница во Кочани, а кое ќе помогне побрзо да се транспортираат пациентите и од Кочани и од регионот и да добијат квалитетна услуга. Ги повикувам и другите компании кои сакаат да помогнат и да донираат за поддршка на целиот регион, истакна Сајкоски при предавањето на донацијата во Општата болница.
Општата болница со проширена дејност во Кочани подолг период има потреба од нови амбулантни возила со оглед што последното е добиено пред десетина години, а постојните се дотраени и имаат чести дефекти. та/сст/
фото: МИА