1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Република Српска: Одмазда за германските санкции

СН/дв | агенции
5 април 2025

Германската државна секретарка за европски прашања, Ана Лирман, е протерана од српскиот ентитет во Босна и Херцеговина како одмазда за германските санкции против раководството на босанските Срби.

https://p.dw.com/p/4sisE
Ана Лирман (лево) се состана со опозициски политичари во Бања Лука пред да биде протерана од Република Српска
Ана Лирман (лево) се состана со опозициски политичари во Бања Лука пред да биде протерана од Република СрпскаФотографија: SDS

Полицијата на босанските Срби во петокот (4 април,2025) протера висока функционерка на германското Министерство за надворешни работи од Република Српска (РС), српскиот ентитет во Босна и Херцеговина, по состанокот со опозициските групи.

Германската државна секретарка за европски прашања, Ана Лирман, изјави дека претставниците на лидерот на РС, Милорад Додик, ѝ се заканувале со „насилство“ во главниот град на ентитетот, Бања Лука.

Во објава на социјалните мрежи, Лирман напиша дека Додик „повторно го покажа своето деструктивно однесување“.

„Неговите претставници ни се закануваа на мене и на мојата делегација со насилство“, додаде таа.

Лирман мораше да ги откаже своите состаноци во петокот и ја напушти Бања Лука под полициска придружба, јави босанската национална телевизија.

Зошто Лирман беше протерана?

Властите на босанските Срби ја прогласија Лирман за „персона нон грата“ како дел од, како што рекоа, „реципрочните мерки“ по германските санкции.

„Очекувам полицијата многу брзо и засекогаш да ја испрати од Република Српска“, напиша Додик на социјалните мрежи.

Во четвртокот во Сараево, Лирман и австриската министерка за надворешни работи Беате Рајзингер најавија санкции кои предвидуваат забрана за влез во Германија и во Австрија за лидерот на босанските Срби и неговите двајца најблиски соработници, обвинувајќи го Додик за напад врз уставниот поредок на БиХ и за загрозуување на безбедноста на земјата и на регионот.

Додик предизвика уставна криза пркосејќи им на одлуките на меѓународниот претставник за БиХ, Кристијан Шмит задолжен да ја спречи мултиетничката балканска држава да се врати во конфликт.

Ова ескалираше во правен и политички конфликт во кој Додик и неговите сојузници, Русија и Србија, ги спротивстави со Соединетите Американски Држави и Европската Унија.

Реакција од Берлин

Германското Министерство за надворешни работи во вчеравечер соопшти дека претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик нема законско овластување да прогласи некого за  „непожелна личност“ односно „персона нон грата“.
„Република Српска не е независна држава“, соопшти МНР на Германија.

Haftbefehl für bosnisch-serbische Politik-Spitze
Забранет влез во Германија и во Австрија: Претседателот на Република Српска, Милорад ДодикФотографија: Radivoje Pavicic/AP/dpa/picture alliance

Од крајот на меѓуетничката војна во 1990-тите години, Босна и Херцеговина е поделена на две полуавтономни половини: Република Српска со српско мнозинство и Федерацијата на Босна и Херцеговина со бошњачко и хрватско мнозинство.

Секој од нив има своја влада и парламент, со само слаби централни институции кои ја раководат со земјата со 3,5 милиони жители.

Додик со години води кампања за поткопување на слабите централни институции на Босна, заканувајќи се со отцепување на српскиот ентитет.