„Ако тие за Коридорот 8, којшто требаше да биде формалност и за којшто не обвинуваа, денеска носат таква одлука, па замислете што нас нè чека понатаму“, рече премиерот во вечерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5
Премиерот Христијан Мицкоски и вечерва го повтори ставот дека уставни измени нема да има сè додека Бугарија не ги исполни своите обврски во однос на почитувањето на правата на малцинствата.

Прашањето за уставните измени, како услов за продолжување на преговорите за членство во Европската Унија деновиве повторно доби на интензитет, а на изјавите на македонскиот премиер реагираше и бугарското министерство за надворешни работи.
Мицкоски на оваа тема говореше и во вечерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, каде на прашање околу стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и што доколку Вашингтон побара да се гласаат уставните измени, рече дека тоа нема да се случи.
„Нема да ги гласам, тоа нема да се случи. Нема да ги гласам се додека Бугарија исто така не ги заврши своите обврски кои што ги има преземено, а тоа е да ги почитува правата на сите малцинства. А тие права се содржани во пресудите од Судот за човекови права во Стразбур“,
рече премиерот.
За тоа дали може да се очекува некакво поместување со новата политичка Влада во Бугарија во однос на спорот, Мицкоски се осврна на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и неговиот бугарски колега Георг Георгиев во Минхен, наведувајќи дека тоа не ги поместило работите и оти не сме наишле на разбирање туку на блокада.
Како пример ја наведе одлуката на бугарската влада на премиерот Росен Жељазков за одложување на модернизацијата на делниците Софија-Перник и Перник-Радомир, кои се дел од Коридорот 8 за кој во ек се преговори меѓу Скопје и Софија за изградба и модернизација на железничката пруга од овој коридор од македонска и од бугарска страна.
„Колкав партнер на НАТО е нашиот источен сосед, доволно говори денешната одлука да не вложуваат во Коридорот 8, којшто е втор по важност за Алијансата и за кој што потпишаа на самитот во Вашингтон во јули минатата година. Нивната Владата донесе одлука да не вложува во модернизација на Коридорот 8. Ако тие за Коридорот 8 којшто требаше да биде формалност и за којшто не обвинуваа, денеска носат таква одлука, па замислете што нас нè чека понатаму“,
рече Мицкоски.
Говорејќи за патот кон ЕУ, а во контекст на неодамнешното коспонзорство на декларацијата на САД во Обединетите нации за Украина, Мицкоски рече дека „нашата близина и далечина со ЕУ“ не зависи од тоа дали сме биле коспонзори на оваа или онаа резолуција, туку исклучиво од билатерални прашања, кои, како што кажа, Европската Унија за жал дозволила да се случат.
„Се додека не покажете карактер и вредности во кои што верувате, нема да ве ценат. Ја знаете онаа приказната со полжавот, ако мислите дека со лигавење ќе стигнете до врвот се лажете, барем јас така не мислам. Јас сум застапник на тезата подобро тешко, отколку срамно. И тоа се принципите и вредностите во кои што верувам…Дали јас грешам не знам, дали ќе успеам во ова не знам, јас сум го добил легитимитетот од граѓаните пред 9 месеци, пола милион луѓе излегле и гласале. Немам намера да бакнувам пенкала, да се смешкам додека ме навредуваат, понижуваат и омаловажуваат. Тоа што го мислам и моите аргументи што ги имам не велам дека се најисправните и најточните, но јас сум ја добил довербата на граѓаните да ги презентирам тие аргументи кои што ги бранат интересите на оваа држава, на сите граѓани“,
кажа Мицкоски.

Според него, ние како малуброен народ треба секогаш да се држиме до нашите најголеми стратешки партнери.
„Ние треба да водиме умна политика. Има многу држави членки во ЕУ, но и кандидати кои соработуваа со држави од Истокот, па напредуваа во рамки на членството со ЕУ, за жал ние не напредувавме. Кога еднаш имате двоен стандард и исклучок, тоа станува пракса“,
рече премиерот.
Тој како лицемерни ги оцени критиките и загриженоста на опозицијата за нашите односи со ЕУ поради стратешкото партнерство со САД.
„Кај опозицијата секогаш ќе има дилема што и да направиме ние, и јас не очекувам дека опозицијата ќе излезе со поддршка за чекорите кои што ги прави ВМРО-ДПМНЕ и кои што ги прави македонската влада. Нивната загриженост се темели на лицемерие затоа што ако до вчера се сеќавате кога исчезнуваа пратеници, тие велеа дека со срцето се во Брисел, а со душата во Вашингтон, во името на тоа да се претстават дека САД се нашиот најважен стратешки партнер“,
рече премиерот.