Дисциплинска постапка за двајца полициски службеници кои лажно тврделе дека возилото „порше“ е службено

МВР изврши проверки по објавената видео снимка на која се гледа како група граѓани бараат од полициски службеник, кој постапува со специјално возило „пајак“, да го подигне возилото „порше каен“ со скопски регистарски ознаки, кое било паркирано на велосипедска патека. 

Како што соопшти МВР, полициски службеници утврдиле дека било постапувано по прекршок за погрешно паркирање сторен од возачот на поршето. 

Полицискиот службеник С.Н., со специјално возило „пајак“ и двајца вработени од ЈП за јавни паркиралишта на Општина Центар, се упатиле на наведеното место, каде што било затекнато возилото и револтирана група граѓани кои барале возилото да биде подигнато. На местото на настанот, од угостителски објект излегле две лица кои се легитимирале како полициски службеници и изјавиле дека возилото е службено. Полицискиот службеник С.Н. им наредил веднаш да го отстранат возилото и да го паркираат на соодветно место, по што влегол во кабината на „пајак“ возилото со цел да провери дали возилото навистина е службено. Откако утврдил дека возилото не е службено и дека се уште не е отстрането, на вработените од ЈП Јавни паркиралишта им дал наредба да го подигнат возилото, по што истото било пренесено во депото. 

Двете лица кои се претставиле како полициски службеници и тврделе дека возилото е службено, со патничко возило „форд мондео“ се упатиле кон депото. Полициски службеници  извршиле проверки за возилото „форд мондео“ и констатирале дека истото го управувале полициските службеници Т.Д. и И.С. распоредени во одделението за лично обезбедување на претседателот на Македонија. 

Од МВР додаваат дека со овие полициски службеници бил извршен службен разговор, при што било констатирано дека сториле потешко прекршување на работниот ред и дисциплина. 

Од МВР ќе биде поднесен предлог за утврдување на дисциплинска одговорност 

Инаку, друг полицаец направил записник за сторен сообраќаен прекршок и издал платен налог во кој како сторител на прекршокот е наведен С.К.  од Скопје, сопственик на возилото, пак, е извесен М.Т. од Скопје.