Аста Вречко: Ако не ја признаевме Палестина, ќе бевме човечки недостојни

07.04.2025 02:47
Аста Вречко: Ако не ја признаевме Палестина, ќе бевме човечки недостојни

Интервју со министерката за култура на Словенија, Аста Вречко, историчарка на уметност чии интереси се словенечката и југословенската уметност од 20-тиот век. Вречко паралелно ја развивала академската и политичката кариера. Предава на Катедрата за историја на уметност при Филозофскиот факултет во Љубљана и е една од основачките на Левица, со искуство во уметничко-културни институции и проекти, како и во јавна политичка работа со широк спектар, од кои ја издвојуваме нејзината функција како градска советничка во Љубљана од 2018-тата до 2022-тата година.

Освен фактот дека ја вклучивте партизанската песна во фондот на нематеријалното културно наследство, можеби нема потреба да разговараме за значењето на наследството на социјализмот во културната политика што ја водите? Тогаш какви се габаритите на постјугословенскиот културен простор, на теренот на вашата политика?

Постјугословенскиот културен простор е природно место за соработка на сите земји од поранешна Југославија. Нè поврзуваат сличната културна легислатива, сличниот начин на општо и уметничко образование и концептуално еднаквата културна инфраструктура во која, на пример, културните и друштвените домови имаа значајна улога. Нè поврзува и односот кон институцијата самостоен уметник и самостоен културен работник, што Словенија како прва од републиките во Југославија ја воведе како категорија во осумдесеттите, а во актуелниот мандат интензивно работиме на нејзина подобрена актуелизација на полето на трудовото право.
 
Гледајќи ги пак историските разлики, треба да се каже дека транзицијата во Словенија, која за разлика од Хрватска практично немаше војна по 1945-тата година, течеше поинаку. Институционализацијата на уметноста и развојот на уметничкото образование во Хрватска се случија 50 години порано отколку во Словенија. Како што е познато, во Југославија, Загреб беше третиран како културен центар, Белград како политички, а Љубљана беше во некакво заостанување, некаква третост. Процесот на институционализација на културата и уметноста во Словенија се развиваше целосно по Втората светска војна, што на сè што следи му дава значајна разлика.
 
 
Концептот на социјалната држава е основа на политиката на Левица од самиот почеток. Што конкретно постигнавте?
 
Концептот на социјалната држава пред сè подразбира дека секој во општеството има право на достоинствен живот. Тоа значи дека на секој поединец, без разлика на неговиот социјален статус или местото на живеење, му се гарантира мрежа на јавно достапни институции. Факт е дека класните разлики во Словенија последниве десетина години се зголемуваат, а епидемијата со КОВИД-19 ги истакна уште повеќе. Нашиот концепт на социјална држава се темели на идејата дека сите во општеството, а особено младата популација, имаат еднакви почетни позиции.
 
Благодарение на залагањето на Левица, чии ставови многу се разликуваат од опозицијата кога станува збор за минималната плата, последниве години успеавме да го зголемиме нејзиниот износ. Успех на оваа коалициска влада, за што Левица силно се залагаше, е и Законот за долгорочна грижа во староста, кој беше донесен во декември 2022-та година, по две децении политички натегања помеѓу сите заинтересирани страни. Станува збор за мерка за осигурување според солидарен принцип (по примерот на германскиот модел), која од оваа година, покрај пензиското и здравственото осигурување, ќе биде задолжителна.
 
За кратка споредба, Хрватска, која како и Словенија има висок процент на население на кое никој не му помага во староста, нема намера да го воведе овој закон. Продолжете...
 
Исто така, во рамки на еден од најважните, но воедно и најмалку популарни ресори со кој се занимава Левица, а тоа е Министерството за труд, семејство, социјални прашања и еднакви можности, се работи на пензиската реформа. Во моментов се финализираат преговорите со социјалните партнери и верувам дека следната генерација пензионери ќе почувствува значителна разлика во износот на својата пензија.
 
Исто така, станува збор за солидарен принцип на реформа според кој се зголемуваат трошоците за пензии – бидејќи тоа е едноставно неопходно. Општество кое создава армија сиромашни пензионери – го осиромашува целото општество. Конечно, третото важно нешто во овој мандат на владата е системскиот закон за јавно домување за јавен наем, што претставува огромен поттик за концептот на социјалната држава.
 
 
Системот на јавно домување за наем како нов квалитет во културата на живеење е чин на историска промена во словенечкото општество, кој го поттикна Левица. На кои принципи?
 
Едно од клучните нешта во историското оформување на левичарската политика на овие простори беше градењето населби според принципите на станбена градба достапна за секој работен човек. Социјалистичкиот модернизам од педесеттите и шеесеттите градеше плански населби во кои се заокружуваше принципот на квалитетен живот во секој негов аспект: од квадратура достојна за човек, самец или семејство, до сите детали на инфраструктурата на квартот.
 
Планскиот урбанизам и архитектурата кај нас го преживеаја тестот на времето, бидејќи мнозинството урбано население живее во таа модернистичка архитектура. Така е и во Словенија, и во Хрватска, и насекаде на просторите на поранешна Југославија. Меѓутоа, проблемот настана кога оригиналните стандарди на урбанизмот и архитектурата во дивата транзиција од социјализам во капитализам одеднаш станаа надстандард, чиј единствен квалитет беше профитот – пазарната цена.
 
И навистина е срамота во Словенија што во цели 30 години не дојде до општествен консензус кој би бил на нивото на одлуките за урбанизмот од времето на социјалистичкиот модернизам. Наместо тоа, без никакво прилагодување на стандардите на урбанизмот на 21-от век, едноставно продолживме да ја користиме таа урбанистичка традиција. Кога надвладеа доктрината на капиталот како единствен квалитет на домувањето – сфативме дека е предоцна. Во денешна Словенија, но и Хрватска, со две просечни плати во домаќинството е невозможно да се купи стан или да се плаќа кирија.
 
 
Новоградбата започна: каква е замислената динамика, со колкав буџет?
 
Годинава имаме две илјади нови станови, а потоа ќе се градат по две илјади станови годишно, низ цела Словенија. Станува збор за енергетски и еколошки прифатливи згради, во согласност со концептот на кружна економија. Важно е да се нагласи дека станува збор за поинаков квалитет на домување, гарантиран со Законот за системско финансирање на градењето станови под јавен наем. За периодот до 2035-тата година е предвидена сума од околу една милијарда евра, што подразбира годишно издвојување од околу сто милиони евра. Најпосле, суштината е во новиот ментален скок на општеството: во освестувањето на промената дека домувањето навистина може да биде достапно за секој што чесно работи во Словенија.
 
Значи, станува збор за таканаречен непрофитен наем, каде што изнајмувачи се државните и локалните фондови, а критериумите на достапност се поставени на генерациски солидарен начин. Во Хрватска во моментов се финализира Националниот план за станбена политика, кој првенствено треба да го регулира пазарот на недвижности и да го намали бројот на празни станови во насока на пристапно домување. Разликите со вашиот модел се очигледни, иако и кај вас се претставени решенија за функционализација на празните недвижности?
 
Урбанизмот на идејата за одржливо домување треба да се активира и во архитектурата што не е новоградба. Во тој контекст, неопходно е да се активира механизам за обнова на старите градски јадра во кои има голем број празни, нефункционални станови. Се работи на оформување системски механизам што би ја ставил запуштената архитектура во функција на домувањето. Иако за тоа сè уште не се определени буџетски средства, станува збор за втората фаза од системската промена во насока на одржливо домување во Словенија, со која истовремено би се запрел процесот на гентрификација и би се вовеле стандарди на зелена политика. Тоа би бил голем чекор напред во социјалната политика.
 
 
Генерално, не е тешко да се процени по кои теми се разликува Левица од ставовите на другите политички партии во Словенија, но е неблагодарно да се предвиди како ќе поминат тешките теми, како што е оданочувањето на имотот за кое се залагате – бидејќи Словенија по тоа прашање е меѓу најлошите во ЕУ. Исто така, актуелната коалициска влада беше меѓу ретките европски земји што ја признаа Палестина, што е (и) резултат на долгогодишното парламентарно залагање на Левица за прашањето на Газа?
 
Словенија беше една од првите земји што ја осуди геноцидната војна во Газа, бидејќи Левица уште пред десетина години предупредуваше на таа реалност. Според Левица, Словенија ја призна Палестина во последен момент. Да не го сторевме тоа, ќе останевме човечки недостојни.
 
Познато е дека Левица се залага за излез на Словенија од НАТО и дека е против секаква милитаризација. Во контекст на актуелните разговори на високата ЕУ-политика за потребата од основање европска војска, постои ли сериозен аргумент против, според политиката на пацифизмот? Како тоа пацифизмот не е политичка опција, дури и кај леволибералните европски опции? Кој е вашиот став?
 
Прашањето на пацифизмот секогаш мора да биде на преговарачката маса. Ако го нема, сме загубиле. Војната има само еден победник – капиталот на воената индустрија. Секако дека треба да им се спротивставиме на агресорите, но тоа мора да биде со цел траен мир, а не создавање нови конфликти – во лоша бесконечност на создавање потреби на воената индустрија. Ставот против милитаризацијата во општеството е единствена гаранција за неговата безбедност.
 
Наместо погрешната политика на поттикнување систем кој создава претпоставки за идни конфликти, Левица се залага за еден вид еманципаторска политика која би ги поврзувала државите.
 
Тоа би бил храбар чекор кон политика на неоопределени, неврзани, неутрални земји. Земји со темелна идеја на прогресивниот лев центар, кои ги ставаат човекот и посветеноста за траен мир во центарот на сите настани. Ни недостасува таков вид разговор, а се работи навистина за најважните прашања на актуелниот момент во светот. Задачата на ЕУ, според ставот на Левица, е да започне сериозен разговор. Таа е одговорна за сите свои граѓани и за нивната иднина. Во моментов, ЕУ има историска улога во новиот светски поредок, но се плашам дека воопшто не е свесна за тоа.
 
 
Која е основната цел на вашата лева културна политика во рамките на либералните политики на ЕУ?
 
Единствениот начин на размислување за културата подразбира свест за нејзината двојна, нераздвојна природа. Од една страна, таа е дел од општеството како и секоја друга област – самостојна и комплементарна. Од друга страна, таа е место на пресек на различни општествени сили, поради што е клучна за динамиката на општеството. Кога го презедовме овој ресор, се обврзавме дека ќе ја вратиме културата од маргинална политичка позиција во центарот на општеството, за да стане негова развојна основа. И сето тоа со цел да живееме полесно едни со други – не како народ или нација, туку како луѓе на заедницата.
 
Имено, во добрите аспекти на социјалната држава, културата не се гледа како паразит. Треба да се постигне консензус дека таа е моторот, пресвртната точка од која започнува развојот на општеството. А сè што ја движи смислената културна политика се наоѓа во полето на работничките права. За политиката на Левица, најважно во културата е унапредување на условите за работа – како за работниците во културните институции, така и за самовработените во културата.
 
Работата во културата не е привремена, ниту е „работа во слободно време“, туку е како и секоја друга област во општеството. Платформата на ЕУ-политиките служи за поврзување и соработка на сите земји-членки, а на фактот дека постојат долгорочни програми за соработка – нема што да се забележи. Напротив, сметам дека се можни промени во тој регистар, бидејќи и на ниво на ЕУ постои простор – и за зголемување на финансирањето на културата и за концептот на одржлива култура. Ако културата не е инклузивна во секој нејзин аспект, нејзината улога во општеството е промашена.
 
 
Полето на културата генерира политички судири, а еден таков неодамна го предизвика десницата, односно Словенечката демократска партија (СДС)?
 
Наскоро ќе се одржи референдум против донесувањето на Законот за додаток на пензија за уметници, кој го иницираше радикалната десница, СДС. За референдумот собраа доволен број потписи. Станува збор за нов закон наместо стариот од 1974-тата година, кој сега содржи критериуми врз основа на кои уметниците добиваат право на додаток на пензија. Таков закон за спортисти во Словенија е донесен уште во 2017-тата година и никој не се спротивстави на тоа, а камоли да организира референдум. СДС смета, ете, дека тоа е погрешно, па преку референдум ќе се обиде да го оспори.
 
Разбираме, СДС е против такви „привилегии“ на културната елита?
 
Да. Но референдумот е класичен пример на десничарска инструментализација во функција на предизборна мобилизација. Дискурсот што го користат е навистина навредлив и припаѓа на иконографијата на нацистичка Германија. Делата на домашните уметници ги нарекуваат „изопачена уметност“ (Entartete Kunst), а кренаа огромна десничарска машинерија со цел преку грбот на уметниците, по углед на популизмот на нивните трамповско-орбановски идоли, да започнат изборна кампања.
 
Општеството се менува преку културата, а манифестациите на десницата се секогаш перформативно едноставни. Што ви останува до крајот на мандатот? Изборите се следната година, какви се плановите? Колку што гледаме, Законот за медиуми неодамна беше повлечен од собраниска процедура за доработка – дали ќе биде донесен на време?
 
На Законот за медиуми работиме веќе две години и сега навистина сме во последната фаза. Работата на него беше напорна, бидејќи требаше да се усогласи дигиталната агенда на ЕУ со сите специфики на медиумската конфигурација и медиумската професија. Накратко, Законот за медиуми е лакмусов тест меѓу националната и европската политика – и се однесува на секој од нас.
 
А што се однесува до изборите – ќе се обидеме да обезбедиме уште еден мандат. Состојбата што ја затекнавме во културниот ресор беше толку запуштена, што за здравјето на тој сектор уште еден мандат би бил речиси неопходен. Да, апсолутно би останала на ова место уште еден мандат. Работата во културата е бара многу и политички воопшто не е едноставна – но токму затоа.
 



Слики: Alesander Labas

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото