1021 hPa
86 %

0 °C
Скопје - Нед, 13.04.2025 05:59
Кога во далечната 2022-ра година одекна бумот на вештачката интелигенција, во новинарските редакции и канцелариите на креаторите на јавното мислење се вклучија алармите: дали ова е крајот на политичките кампањи какви што ги познававме? Влегуваме ли во ера на лажни вести на стероиди? Настапува ли време на deepfake фотографии и видеа во кои никој повеќе нема да ја разликува реалноста од симулацијата, лагата од вистината, фактите од измамата? Меѓутоа, три години подоцна и три години подесно нештата изгледаат значително поинаку.
На пример, кај нас со вештачката интелигенција малку поамбициозно си поигра само партијата Можемо! Во пресрет на минатогодишните европарламентарни избори, тие ја претставија Нитколина, „првата хрватска AI политичарка“. Дигитално скроена според публиката на Можемо! – млада, паметна, урбана – Нитколина на својот профил на Инстаграм објави неколку слики и видеа. Малку се залагаше за етичка употреба на вештачката интелигенција, малку правеше лоши шеги на сметка на политичката конкуренција, а малку и засвири: па така, добивме неколку песни што требаше да звучат како музиката што ја слушаат младите, додека текстовите зборуваа за тоа како Гордан Босанац ќе замине во Брисел и дека „во Европа ќе се заложиме / дека Хрватска мора да вложи во пругите “.
Ако ме прашувате за уметничкиот впечаток: кринџ, жалопојка и трансфер на блам. Сепак проблемот е што мене никој ништо не би требало да ме прашува. Зашто естетиката на вештачки генерираните слики, сега веќе препознатлива – одбивно убави луѓе, заситени бои, драматични зраци светлина, хиперреализам што дава и повеќе и помалку од реалноста – е наменета за некои други.
Или барем така е на Запад. За разлика од Хрватска, таму генеративната вештачка интелигенција стана омилена алатка на екстремно десничарските партии. На истите тие европарламентарни избори, но во Франција, три тврдонационалистички партии беа единствените што стратешки ја користеа вештачката интелигенција во своите кампањи. Во Италија, предничеше Лега на Матео Салвини. Германските постфашисти од Алтернатива за Германија неодамна предизвикаа скандал со AI-спот во кој се менуваат кадри на убави, насмеани, русокоси Германки и Германци со кадри на опасни темнокожи мигранти, со завршно прашање за гласачите: „Сакате ли пристоен градски пазар или пазар на дрога?“
Притоа, американските магаши (Make America Great Again) се ненадминливи, а споделувањето клипови со вештачка интелигенција стана омилена забава на Доналд Трамп и Елон Маск. И додека можемовката Нитколина заглави на изборните маргини, меѓу екстремните десничари вештачката интелигенција функционира одлично. Она што е клучно: функционира иако не ја потисна реалноста на „вистинските“ фотографии и видео-клипови. Напротив, функционира токму благодарение на својата карикатуралност. Како е тоа можно? Зошто е тоа така?
Ден Брукс, коментатор на Њујорк Тајмс, ја објаснува енигмата гледајќи го грозоморното видео на Трамп за „Газа Ривиера“. Сигурно и вие го видовте: изопачена дигитална визија на луксузен ресорт во претходно раселениот Појас Газа, со Трамп и Нетанјаху легнати на лежалки, јахти, палми, брадести ориентални танчарки и долари што паѓаат од небото – видео што успеа да ги шокира дури и оние што веќе се навикнати на трампистичката стратегија на постојан медиумски шок. Бизарно, бесчувствително, болно: токму во тоа е и поентата, вели Брукс.
Овој спот најдобро го олицетворува „новиот жанр на компјутеризирана иронија“ што станува доминантна поетика на екстремната десница. Тоа веќе не е онаа старомодна иронија со која – како што нè учеа на училиште – го кажуваме спротивното од она што навистина го мислиме, туку лизгава, нестабилна, амбивалентна иронија што „фигуративно значи токму тоа што буквално го кажува, но на некој друг начин, кој никогаш не се објаснува“.
Ни едното, ни другото: Трамповото видео истовремено е толку безумно што не можете да го сфатите сериозно и толку претерaно што сосема прецизно ја сумира суштината на сето она што го претставува Трамп – отаде сатирата, отаде исмевањето. И не се работи за тоа дека Трамповите приврзаници не се свесни колку идејата за „Газа Ривиера“ на сите нивоа – естетско, етичко, политичко – всушност е лоша, вели Брукс. Напротив, тие се сосема свесни дека другите луѓе мислат дека тие не сфаќаат дека е лоша, па си поигруваат со перцепцијата. Тоа е панк-рок, кич, тролање – уметност на создавање нешто толку глупаво што останатите членови на твојата субкултура го доживуваат како паметно. А што со оние надвор од субкултурата? Апсолутно ништо: „Ако изгледа дека видеото е направено да ги отуѓи оние што веќе не се согласуваат со него, тоа е затоа што една од неговите функции е да нагласи дека нивната поддршка повеќе не е потребна.“
Во ред, разбираме: десницата открила поетска формула со која ги провоцира левицата и либералите, однапред лишувајќи ги од противотров. Но, зошто за тоа ѝ е неопходна вештачката интелигенција? Роланд Маер, професор по дигитална култура и уметност од Цирих, во својот есеј „Вистински емоции“ нуди неколку одговори. Генеративните програми, објаснува тој, се „структурно носталгични“ – тие се склони кон популистичка естетика и се потпираат на визуелни клишеа. А сето тоа – во суштина – произлегува од фактот дека се тренирани со бескрајниот архив на комерцијализирани, стереотипни и кичести слики со кои е преплавен интернетот. Така, склоноста кон десничарската идеологија е вградена во самата логика на вештачката интелигенција – технологија на иднината, која, парадоксално, се храни со идеализирани прикази на имагинарно минато. Толку за перспективата од која вештачката интелигенција ги создава своите слики.
Но, за да биде целосна сликата за вештачката интелигенција, мора да ја ставиме во класна перспектива – барем така тврди Гарет Воткинс, коментатор на New Socialist. Во својот текст „Вештачката интелигенција: новата естетика на фашизмот“, тој нè потсетува дека AI пред сè е нешто на што сериозно се обложува капиталистичката класа, во нашите медиуми попозната под името инвеститори. Меѓутоа, нивната инвестиција е далеку од сигурна. Затоа постојат моќни деловни интереси вештачката интелигенција да се поврзе со политичката моќ, додека самите претставници на индустријата во моментов се подготвени да склопуваат какви било сојузништва за својот опстанок – особено откако кинеската конкуренција им се подбиваше со програмата DeepSeek.
Притоа, класната перспектива станува поинтересна кога погледот ќе се тргне од капиталистите и ќе се насочи кон работничката класа. Имено, она што го ветува вештачката интелигенција е преземање на до неодамна навидум сигурните работни места на дизајнерите, музичарите, копирајтерите, аниматорите, медиумските автори и сите останати креативци кои не се „вистински работници“, туку се либерални урбани воук хипстери: предмет на презир и омилена мета на новите десничари. Значи, ете што ѝ донесува вештачката интелигенција на десницата: таа, сосема едноставно, „им овозможува на своите гледачи да си замислат како нивните непријатели остануваат без работа“.
А, за триумфот да биде целосен, работата им ја одзема создавајќи уметност која, според сите критериуми на креативно-класните непријатели, е неподносливо лоша, празна и банална. „Имагинариумот на вештачката интелигенција е срање“, вели Воткинс, „но тоа е нејзиниот главен адут во очите на десницата. Кога вештачката интелигенција би била способна да создава формално разработена, изненадувачка и инспирирачка уметност, тие не би ја сакале.“ Во позадината на опсесијата со кичот и хиперболите на генеративната уметност, заклучува тој, трепери основната десничарска вредност: политичката суровост. Која, можеме да додадеме, е само емоционален плашт на идеологијата заснована на социјалниот дарвинизам, правото на посилниот и газењето на послабите.
Соочена со дигиталната естетика на политичката суровост, левицата засега е парализирана. Воткинс вели дека на Газа Ривиера и сличните перверзии од работ на вештачкоинтелигентниот разум треба едноставно да им се потсмеваат. Но ако на десничарите им се допаѓаат токму затоа што се лоши, каква е користа од потсмевањето? Анекатрин Кохаут во Тагесцајтунг предупредува дека не смееме да заглавиме во теоретизирање додека десницата „го освојува визуелниот свет на 21-виот век“. Но кога Кохаут објаснува што треба да правиме, успева да каже само дека треба да бидеме „иновативни“. Кај нас, Можемо! иновативно ја претрка хрватската десница на теренот на компјутерски генерираните слики. Но што добиваме со тоа ако за нивната политичка публика несреќната Нитколина е кринџ, срам и трансфер на блам?
Немам решение, не сфаќајте ме погрешно. Најпосле, кој сум јас во споредба со угледните колешки и колеги од водечките западни медиуми? И што се Новости во споредба со Њујорк тајмс или Тагесцајтунг? Можеби – само можеби – треба да се вратиме на основите. Ако идеологијата на десницата е социјален дарвинизам, тогаш левицата не може да понуди ништо друго освен солидарност: ако естетиката на социјалниот дарвинизам се темели на суровост, тогаш левицата треба да понуди нешто што ѝ е спротивно. Мислам на она за што пее Сара Ренар во својата нова песна Нежни зборови: „Ни требаат нежни зборови / за груби години.“
Мислам на оној „нежен пат“ по кој тргна Дора Шуштиќ кога, кон крајот на 2023-тата година, се соочи со сексизмот на домашната книжевна сцена на фестивалот Врисак, па одби остро да се конфронтира со своите опоненти и наместо тоа ја избра феминистичката идеја на „радикална мекост“. Мислам и дека ништо од сето тоа не е доволно: нема да ја замени организациската немоќ на левицата, нема многу да значи во судирот со богатите инвеститори, можеби нема ни да помогне баналната уметност на вештачката интелигенција уште утре да не им ги одземе ангажманите и работните места на Сара, Дора и останатите уметници. Но од некаде треба да се почне. Можеби – само можеби – нежноста е почетната точка на отпорот против суровите дигитални визии на новите фашисти.
Карикатури: Paolo Calleri
Извор: https://www.portalnovosti.com/