Бизнис
Николов: Шанси постојат, треба да се искористат
Метална и електроиндустрија
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.
Иле Николов, управител на Актива ДОО Штип, член на УО на Здружението на метална и електроиндустрија
АКТИВА ДОО Штип како компанија со 100 % домашен капитал постои на пазарот веќе 25 години и многу успешно го трасира својот пат во делот на производството, на развојот и на економскиот раст перманентно во годините што следуваат.
Производниот процес е димензиониран за делот на метални компоненти, на полупроизводи и на финални производи за потребите на неколку странски компании од областа на автомобилската индустрија, на индустријата за градежна механизација, на градежната индустрија и на други производи според потребите на странските партнери.
Кризата од претходните неколку години во периодот на ковидот, војната во Украина и глобалните тектонски нарушувања со економските блокади меѓу западните земји, Русија и Кина, има големо влијание во делот на производството од овој вид на Западот.
Повисоките цени на енергентите внесоа дополнителни трошоци во вкупните цени на производите во западните земји така што тие се принудени да бараат партнери од регионот на Балканот каде што ќе можат да добијат ист таков производ по квалитет, а со поповолни цени.
Во последниве две години постои зголемување на нарачките од инопартнерите како кај нас така и во соседните земји како што се Босна, Србија, Бугарија.
Ние како компанија многу вложивме во нови производни линии во овој период за да можеме да ги следиме нарачките, со рок и квалитет според бараните стандарди.
Овие нови економски движења сметам дека многу позитивно може да влијаат кај домашните компании и како понудена шанса треба да се искористат.
За ова нормално е дека треба да се направат дополнителни вложувања во ресурси како објекти, опрема, машини и работна рака.
Понудената поволна кредитна линија од страна на Владата на РС Македонија е добар потег токму во овој момент за да можат компаниите да се обезбедат со потребните ресурси и да бидат подготвени за овие предизвици.
Шанси постојат, треба да се искористат.