Зошто никој не го апси Милорад Додик?
27 март 2025На една видео снимка може да се види колку добро е заштитен претседателот на Република Српска овие денови, додека патува во својот ентитет. Иако има налог за негово апсење, Милорад Додик го посетува Градското собрание на Зворник. Само што излегува од автомобилот, веќе го опкружуваат мажи во маскирни униформи со автоматско оружје.
Додик наводно често околу себе има од 40 до 50 телохранители. Станува збор за полицајци и специјалци за антитероризам од Министерството за внатрешни работи на Република Српска. Меѓу нив нема војници, бидејќи армија има само државата Босна и Херцеговина.
Против Додик има многу различни обвинувања, вклучително и оние од меѓународно ниво: тој се залага за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина, поттикнува национализам, го негира геноцидот што силите на босанските Срби го извршиле врз Бошњаците за време на војната во БиХ, обожавател е на рускиот претседател Владимир Путин, кого редовно го посетува - и владее со земјата на исклучително коруптивен начин.
Затоа Додик е под санкции од САД и Велика Британија. Тој, како што се вели, ја води Република Српска како семејна фирма. Според Транспаренси интернешнал, поголемиот дел од владините договори одат на бизнисмени од семејството и кругот на пријатели на Додик.
Страв од судири
Државната полиција (СИПА) досега одбиваше да го уапси српскиот националист. Според информации на студиото на АРД во Виена, мнозинството од полициското раководство е на мислење дека пресметката со безбедносните сили на Додик би била премногу ризична. Исто така, постојат стравувања дека застрелани полицајци на босанските Срби на улиците може да предизвикаат немири меѓу населението.
Граѓаните досега останаа мирни, но се чини дека ретко кој го поддржува Додик и неговите конфликти со босанското правосудство. Има многу противење на претседателот.
Ваков впечаток дава и улична анкета спроведена од информативниот портал vijesti.ba во Бања Лука. „Бев за Додик 15 години, сега сфатив дека е корумпиран хохштаплер“, вели еден пензионер.
Еден млад човек додава: „Најдобро би било Додик да биде уапсен и да се стави крај на корупцијата и криминалот во нашата земја“. А една постара жена дури посакува Додик и „неговата банда“ да одат на поранешниот југословенски затворски остров Голи Оток, „таму да толчат камења“.
Се закануваат повеќегодишни казни затвор
Колку подолго ништо не се случува и Додик останува на слобода, толку е поголема штетата за владеењето на правото во Босна и Херцеговина. Против Милорад Додик, како и против премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ, и претседателот на Парламентот, Ненад Стевандиќ, се издадени налози за апсење. Ним им се закануваат повеќегодишни затворски казни поради напад на уставниот поредок на БиХ. Тие не одговориле на поканата од Јавното обвинителство на Босна и Херцеговина.
Додик, Вишковиќ и Стевандиќ учествуваа во донесување неуставни закони, со кои се обидоа да го забранат делувањето на институциите на БиХ во Република Српска. Според тие закони, на државните органи на Босна и Херцеговина - на полицијата, јавното обвинителство и државниот суд - треба да им биде забранет пристап на територијата на Република Српска.
Додик дури ги повика сите Срби вработени во овие институции да преминат на работа во ентитетските институции на Република Српска, со ветување дека ќе ги задржат своите позиции и ќе добијат повисоки плати. Но, тој повик немаше ефект.
Државните органи на БиХ делуваат и натаму во Република Српска, а против нив засега не се преземаат никакви мерки. Заканата на Додик дека целосно ќе го елиминира влијанието на државните институции на територијата на Република Српска засега останува само на зборови.
Прва пресуда – една година затвор
Додик на крајот на февруари беше осуден на една година затвор и 6 години забрана за вршење политичка функција поради носење нелегални закони. Тој со декрет ги прогласи за неважечки одлуките на Уставниот суд и на Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина.
Додик продолжува да ја игнорира пресудата. Оваа недела дури и дополнително го предизвика правосудството во БиХ. Според босанските медиуми, Додик, и покрај налогото за негово апсење, тајно се качил во владиниот авион на Република Српска и отишол прво во Белград, а потоа во Израел - на конференција за антисемитизмот.
Обвинителството на Босна и Херцеговина побара издавање меѓународна потерница за Додик, што босанскиот суд денеска го одобри и се чека реакција на Интерпол. Но, за вакво нешто веројатно не треба да се очекува поддршка ниту од Израел ниту од Србија.
Автор на текстот: Оливер Зос, АРД