Македонија
(Видео) Филипче: Понеспособна влада сме немале никогаш досега, ќе се бориме за доброто на државата

СДСМ ќе ја врати државата на победничката патека, за доброто на Македонија, за доброто на сите граѓани, кажа вечерва на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче, откако беше реизбран за лидер на партијата.
„Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе не претстават на локалните избори, луѓето кои имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите соседи, пред пријателите и познаниците во своите општини, луѓе на кои може да им се верува дека политиките и програмите кои ќе ги ветат, ќе може да ги исполнат. Ќе имаме тешка работа затоа што ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ, за жал нивните градоначалници не испорачуваат добри политики, гледаме се повеќе корупциски скандали, не ги водат општините како што треба“, рече Филипче.
Тоа, според него, најдобро се гледа по примерот на градот Скопје, којшто, како што рече, заради инаетот и бизнис интересите на градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ нема ни јавен превоз, ни чисти улици, ниту еден проект за доброто на граѓаните и оти Скопје мора повторно да стане метропола.
„Имаме уште една тешка друга борба – а тоа е да се бориме против оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, која што во изминатите десет месеци само покажа дека ниту знае ниту умее да се справи со проблемите, дека се што кажаа излажаа, дека не испорачаа ниту едно ветување, понеспособна влада државава немала никогаш досега“, истакна лидерот на СДСМ.
Затоа, рече Филипче, имаме обврска пред граѓаните да покажеме дека сме подготвени и мотивирани, дека знаеме, умееме и ќе се бориме за доброто на државата и дека ќе ја вратиме на европскиот пат.
„Нема да дозволиме граѓаните да бидат манипулирани. Нема ниту една област во која нешто добро се случува. Видете што се случува и какви катастрофални политики се водат во земјоделството, образованието, здравството. Гледајте што се случува со платите на работниците, ги убедуваа дека можат да живеат со 400 евра месечно, какви лицемери седат во владата – оттука јасно им порачувам СДСМ е силна, спремна и консолидирана и се враќа на победничката патека. Ние ќе бидеме тие што ќе ја вратиме државата на победничката патека“, заклучи Филипче.
Тој од вкупно 23.712 запишани избирачи добил 18.001 глас, додека 139 ливчиња се неважечки, соопшти претходно претседателот на Централната изборна комисија Бранко Георгиевски.
Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, претходно беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Љутков ги погази правата на културните работници: СДСМ бара итна исплата на платите

Сегашната ситуација во културата говори за целосно погазување на Колективниот договор и погазивање на правата на културните работници, вели Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
„И во интервју на министерот Љутков го слушнавме како кажа без срам за колективниот договор за Култура дека е незаконски а тоа е напад на достоинството и правата на сите културни работници во државата. Колективниот договор не е проблем туку потреба за работниците и претставува законска обврска. Тој договор е резултат на борба на работниците, на дијалог и праведна политика на СДСМ кога беше на власт и кога платите во културата беа покачени а се исплаќаа редовно и со почитување на сите права на вработените“.
Денеска, додава таа, за жал културните работници се без плата за месец март и празниците така ги поминаа, а гледаме дека никој не понесе одговорност.
Ова, според неа, е последица на неспособност и распиничко трошење и целосно потфрлање на министерот за култура и владата на ДПМНЕ.
Како што оценува Кузеска, прашање е дали нападот на колективниот договор е најава за ново кратење на правата на вработените во културата и тоа по партиски терк.
„Неговата неспособност не е никакво оправдување. СДСМ бара целосна исплата на мартовската плата, покачена според колективниот договор за културните работници и негово целосно почитување“.
Македонија
Не е време за пиво и скара, туку за протест за 500 евра минимална плата и 100 евра зголемување на другите плати, повика ССМ

Овој Први мај, место марш, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави протест оти платите се мизерни, најниски во регионот, не се зголемуваат во согласност со потпишаните договори и Владата и работодавците одбиваат да ја зголемат минималната плата на 500 евра и да ги зголемат сите други плати за најмалку 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повика синдикатите здружени во ССМ, нивните членови, но и сите други синдикати и поддржувачи на работничките права, место на скара, да излезат на протест.
„Недостоинствените услови за работа и недостоинствените плати се главниот мотив оваа година на Први мај да протестираме, а не да маршираме. Има многу причини ‘за’, но ниедна против излегувањето на протест на Први мај. Денеска, за жал, огромен број работници во приватниот сектор уште немаат добиено плата за март. Денеска, огромен број институции во јавниот сектор немаат добиено плата за март 2025 година. Ако тоа што ви се ниски платите, ако тоа што не добивате плата не е доволен мотив да ни се придружите на Први мај, тогаш треба да знаете – колку ќе дојдете и колку ќе дојдеме – толку и ќе добиете и толку ќе добиеме. Нè бројат и Владата и работодавците. Поканата е отворена за сите што сметаат дека треба да ни се придружат на овој Први мај заедно да покажеме дека минималната плата во Македонија е мизерна во однос на најниската во регионот. Ако во некоја држава минималната плата е на дното во регионот, во Македонија минималната плата го проби и дното. Не е време за пиво и скара, време е за борба за работничките права“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом на Први мај. Трендафилов апелира работниците да покажат единство оти живеат од плата, не од политика, и масовно да излезат да го искажат незадоволството. Тој нагласи дека пет месеци нарочно не се утврдува репрезентативност на ССМ за да не се одржи седница на Економско-социјалниот совет, на која Владата ќе мора или да го прифати или да го одбие предлогот на ССМ минималната плата да се покачи на 500 евра.
Македонија
Добро е што СДС, конечно, ги тргна розовите очила и виде во каква состојба ја остави државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Добро е што СДС конечно ги тргна розевите очила и виде во каква состојба ја оставија државата, Владата контиуирано ги зголемува платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на изјавата на Богданка Кузеска од СДСМ.
„СДС очигледно мислат дека работите се поправаат со магично стапче. Да им појасниме, пустошот во кој ја оставија Македонија на секој план, не се поправа преку ноќ. Еве неколку факти за подобрување на животниот стандард кој СДС успеа да го уништи за седум години власт. Прво, припадниците на МВР добија зголемување на платите за 10%. Второ, вработените во основните и средните училишта добија зголемување на платите за 7%, или за мандатот во образование платите ќе се зголемат за 46%. Трето, во здравството се зголеми капитацискиот бод за матичните лекари и гинеколозите за речиси 40 проценти, додека за стоматолозите околу 25%. За период од четири години предвидено е зголемување на платите во здравството до 50 отсто“, пишува во реакцијата.