Наш предизвик и цел како Влада и како држава, во периодот кој следи, е да го подигнеме социјалниот и економски статус на Ромите, а со тоа и подобрување на целосната положба на Ромите во сите сфери на општественото живеење, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
„Инвестираме во достоинствени услови за живот, вистински домови, а не импровизации. Секое семејство заслужува кров над глава, вода, струја и сигурност, без разлика каде живее и кој е. Нашата визија е Ромите да не бидат само „вклучени“, туку рамноправни со глас, со право да создаваат, одлучуваат и сонуваат. Да живее достоинството, различноста и заедништвото!“, објави Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Тој во името на Владата и во негово лично име на сите граѓани од ромската етничка заедница им го честита 8 април – Меѓународниот ден на Ромите.
„Македонија е земја која историски и традиционално гледано секогаш била пример за толеранција, разбирање и инклузивност на своите граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Ова е процес кој мора да започне од потполна достапност до системот на образование и едукација, преку организиран и институционален систем на заштита од дискриминација, до апсолутна вклученост на Ромите во економските и социјални текови на нашата заедница. Македонија е земја со ограничени ресурси и затоа мора својот приоритет да го постави во насока на искористување на сите кадровски и човечки потенцијали со кои располага, со стремеж постигнување на заеднички напредок.
Најдобар одговор за социјалното и економското назадување е образованието. Нашите напори се да воспоставиме реформи кои земјава ќе ја реформираат, унапредат и обезбедат иднина и развој.
Мораме да ја претвориме нашата земја во држава која дава еднакви можности на сите, која ќе го цени и вреднува успехот и квалитетот на индивидуалецот, како предуслов за градење на подобра иднина на сите.
Заедно можеме повеќе, подобро и само така Македонија ќе биде нашиот заеднички дом“, вели Мицкоски.
Фото: Фејсбук на Христијан Мицкоски