Штипска Брегалница, откако беше обвинета дека нејзините фудбалери ги искршиле тушевите во соблекувалните на стадионот во Неготино по вчерашниот пораз (1-0) од Вардар во Втората македонска фудбалска лига, се огласи со соопштение во кое нагласува дека сето тоа е обид за невешто смислени сценарија од страна на домаќините кои сакаат да ги прикријат со тоа инцидентите кои ги предизвикале на вчерашниот дуел.
Од Брегалница велат дека односот на лицата од Вардар Неготино бил очигледен уште со самото пристигнување на екипата во Неготино, со напади врз фудбалерите и членовите на стручниот штаб. А, сето тоа продолжило на полувремето кога тренерот на Брегалница и двајца фудбалери биле нападнати од лица од управата на Вардар Неготино.
СООПШТЕНИЕТО ОД ФК БРЕГАЛНИЦА ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
ФК Брегалница најостро ги демантира искажаните невистини и невешто смислени сценарија од страна на домаќинот на вчерашниот меч и некои медиуми. Нашиот клуб е клуб со традиција и никогаш во историјата на нашите гостувања управата и играчите немаат направено, ниту помислено на ваков девијантски однос каков што некои искомплексирани “фудбалски работници” сакаат да исценираат.
Покрај тоа, сакаме да истакнеме уште неколку факти. Уште кога пристигна нашата екипа во Неготино, некои непознати лица почнаа физички да ги малтретираат нашите играчи и стручен штаб. На полувремето, нашиот тренер и двајца играчи беа нападнати од лица од управата на домаќинот. Овие сцени, наведуваат да помислиме дека ова беше однапред смислено сценарио, бидејки полицијата која беше во мал број воопшто не реагираше. Фрапантен е фактот што еден од напаѓачите на нашите играчи е роден штипјанец.
ФК Брегалница, како клуб со реноме и традиција, доколку не беше испровоциран, немаше да се занимава со “клубови” кои немаат елементарни условиз а натпреварување во било која лига. Немаат топла вода, немаат вода за пиење, а санитаријата во соблекувалните е искршена со години наназад.
Исто така, сакаме да прашаме дали овие напади и немили сцени на еден “фудбалски терен” на некаква си “арена” се евидентирани од делегатот или полицијата во записник!? Ова е втор случај, како службено лице од домаќинот напаѓа противнички играч, а како што знаеме ФК Вардар Неготино беше казнет и од федерацијата. Па јавно прашуваме, дали ваков клуб заслужува да се натпреварува во некоја фудбалска лига?“ – се вели во соопштението од ФК Брегалница.
Повод за оваа реакција на Брегалница беше претходно изнесените обвинувања од страна на Вардар Неготино дека фудбалерите на штипјани по натпреварот ги искршиле тушевите во соблекувалните на стадионот во Неготино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА