Се сретнаа на македонската медиумска сцена двајца ликови од светската шоу и бизнис сцена: Теле Репомаше и Препи Шувачи. Едниот е од Србија а вториот е од Македонија. Средбата не им беше прва од таков вид. Препи Шувачи е долго познат во нашата земја. За него се зборува надолго и нашироко. Ретко може да го сретнете но за него сите знаат. Неговиот дух секој ден е присутен на платформата наречена Времето на Македонија или Тајм на МК.
Теле Репомаше е релативно нов на нашите простори. Вообичаено се појавува на 1 април, а потоа исчезнува. До следниот први април. Велат дека неговото појавување се врзува за денот на шегата, или подобро речено денот на лагата кој е многу почитуван ден во Македонија. На овој ден сите лажат, но најчесто лажговците се препознаени на време. Освен кога Теле Репомаше одлучи да се пошегува со нашиот Препи Шувачи. „Теле" не беше доволен збор за Препи Шувачи да се замисли дали е тој вистински или лажен лик. Теле е благороден збор, кое го носи името на едно од поубавите домашни животни во Македонија. Но многу често се користи и како синоним за некој што не разбира и на научува, колку пати и да му биде повторена лекцијата. „Не ме гледај како теле“, „гледаш како теле во шарена врата“, „теле едно толку ли не разбираш“ – се дел од репликите што ги смислил нашиот народ како метафора за некадарноста и незнаењето.
Теле Репомаше е сосема невин во оваа ситуација. Тој беше пратен во Македонија за да го измери умот на оние кои се блиску до Препи Шувачи. Без разлика дали се индивидуални личности или се групи на личности собрани во медиуми. Теле Репомаше си имаше зададено задача да стави печат на неговиот контра лик Препи Шувачи. Дојде од каде ако не од соседството. Соседството е обично територија од каде доаѓаат разни влијанија, но и болести, вируси, а по потреба и задевања. За тоа служат соседите. Теле Репомаше тоа одлично го знаеше кога замавна со својот реп кон Македонија. И удри врз македонските медиуми.
Медиумските ламји голтаат сѐ
Но, доста беше шега. Помина 1 Април и денес е 2 април кога треба да бидеме сериозни. Медиумската сцена во Македонија долго време егзистира со полнење на содржини на принципот еден од друг. Напливот на портали и нивната нерегулираност, доведе до тоа секој да отвори портал и да работи.
Приказни како онаа за Теле Репомаше се голтаат наеднаш и без проверка на вистинитоста. За жал оваа сочна приказна беше измислица по повод 1 Април, Денот на шегата.Но случајот има и друга функција: да делува отрезнувачки на медиумските ламји кои голтаат сѐ што ќе им се стави на јазикот.
Нашите портали најчесто со по три-четворица вработени се константно по потрага на инстант кликови. Таблоидизацијата може да се види на секој чекор. Насловите наместо да нудат опис на веста или темата, се стапици за кликови. Ако некогаш беше навредливо медиум да биде обвинет за пласирање на таканаречени жолти вести или да биде нарече „жолт печат“, денеска тоа како да стана комплимент. Во трката по огласувачи порталите одат со бројки на кликови како аргумент а не со квалитет и влијание. Бидејќи влијанието нема врска со кликовите. Може да имате и десетици илјади отворања на веста но тоа не значи дека читателот ја запаметил и дека ќе се раководи од неа во понатамошните ставови.
Медиумското влијание се дели во три категории: медиуми кои ги чита народот но немаат никакво влијание, медиуми кои ги чита народот но и носителите на политички одлуки но немаат влијание врз одлуките на владите, и во третата категорија се медиуми кои добиваат помалку кликови но имаат големо влијание врз одлуките кои ги носат политичарите. Кај нас за жал се ретки медиумите кои не сакаат кликови (и гледаност) по секоја цена, туку доминираат медиуми со информативни содржини кои имаат за цел сите да ги видат. Но не и да предизвикаат критичко размислување кај јавноста.
Провидна приказна
Впечаток е дека заложбите за медиумска писменост и политичката, економска и социјална писменост во самите медиуми, се во тесна зависност едни од други. Прашањето е дали за описменување на публиката се потребни писмени и автентични медиуми или за писмени медиуми треба да има писмена публика која континуирано ќе им врши притисок да ги доведат своите перформанси на прифатливо ниво.
Приказната со Теле Репомаше и наводното евтино вино од Мрзенци кое со префинети француски марифетлаци стасало до тамошните замоци, е толку провидна што просто зачудува фактот како можела да биде проголтана од селекторите на содржини во македонските портали. Комплиментите за иновативноста одат кај колегите во Србија кои ја смислија и намерно или не подметнаа скиселено вино на новинарите од Македонија.
Македонскиот журнализам е толку кревок што се расправаше и со светски медиуми за тоа дали било исправно или не да се известува во детали за кочанската трагедија. Предрасудите и провинциското расудување не се отсутни од професијата која треба да биде придружник на авангардата во едно општество. Духовната, социјалната и економската криза во која се наоѓаме како заедница се одрази и на медиумите и нивните содржини. Исто така и политичката поларизација во државата. Новинарството наместо инкубатор на новото и прогресивното, стана заложник на политиката. Теле Репомаше нѝ ја раскажа токму таа приказна колку и да не ни се допаѓа.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.