1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентите се секогаш „ветрот на промената”

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
24 март 2025

И денес студентскиот „ветер на промената” забучува по трагични настани и убиства на млади луѓе, како во Кочани. Едно демократски витално општество секогаш силно реагира на кризите и на неправдата. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4sBNF
Масовен собир по трагедијата во Кочани каде загинаа 59 луѓе
Протест по трагедијата во Кочани каде загинаа 59 луѓеФотографија: Arbnora Memeti/DW

„Под одорите, мувла од 1000 години” (Unter den Talaren, Muff von 1000 Jahren), беше водечката парола на германските студентски протести во 1967-та кои, всушност, придонесоа за најдлабоката промена на германското општество по Втората светска војна. Тие ја поттикнаа промената на свеста за клучните прашања во минатото и во сегашноста на  Западна Германија.  Паролата на студентското движење се роди на инаугурацијата на новиот ректор во големиот амфитетар на универзитетот во Хамбург, во ноември 1967-та. Во мигот кога стариот и новиот ректор свечено зачекорија по скалите удолу, кон бината, придружени од музиката на виолински квартет, од публиката скокнаа двајца студенти, облечени во црни костуми. Застанаа на скалите пред ректорите и, држејќи го прочуениот транспарент, продолжија свечено да чекорат удолу. Затоа што двајцата ректори зад нив не можеа да го видат транспарентот, тие продолжија спокојно да се симнуваат по скалите, со свечена насмевка. Дури кога поворката стигна долу, пред бината, студентите се завртија кон нив и кон публиката. И паролата стана видлива за сите. На студентите им аплаудираа само неколкумината студенти во публиката, а присутните професори гласно го изразија своето негодување. Еден од нив дури извикал: „Вие сте сите за во концентрационен логор!”

Студентски протести во Западен Берлин, откако на 2 јуни 1967, полицијата уби еден демонстрант, 26-годишниот студент Бено Онезорг
Масовните студентски протести уследија откако во Западен Берлин, на 2 јуни 1967, полицијата уби еден демонстрант, 26-годишниот студент Бено ОнезоргФотографија: AP

Отпорот на германските студенти се пројави уште во 1965, кога тие укажаа дека со катастрофалната состојба во образованието не се почитуваат правата на студентите. Студентите реагираа и затоа што меѓу учителите и професорите имаше и такви кои беа на истите функции и во нацизмот. Студентите се заложија за реформа на студиските програми кои, во голема мера, беа уште во духот на 19-от век. Масовните студентски протести уследија откако во Западен Берлин, на 2 јуни 1967,  полицијата уби еден демонстрант, 26-годишниот студент Бено Онезорг (Benno Ohnesorg), пукајќи му во глава. Студентските протести во СРГ траеја долго, се преобразија во двиежење и доведоа до коренита промена во германското општество на патот кон модерна демократија. Бидејќи студентите не бараа само реформа на условите за студирање, туку и критичко соочување на целото општество со сопственото минато. Тоа, конечно, доведе до промена на колективната свест. Студентите, всушност, бараа да „се проветри” застојаниот воздух во општеството, а тоа беше и молкот за учеството во нацистичката диктатура, кој како „мувла” ја кочеше преобразбата на германското општество.

Иако студентските протести во СРГ започнаа порано од „мајските” протести на париските студенти, овие останаа во историјата како симбол за силата на студентите. Во мај 1968, од Париз одекна во целиот свет паролата на студентите: „Бидете реалисти, барајте го невозможното!” Како по Француската револуција, париските студентски протести не само што коренито го променија француското општество, туку станаа за Западна Европа симбол за стремежот за слобода и правда. Критичкиот дух на „мај 68” во Париз го симбилизираа и паролите: „забрането е да се забранува” и „да се каже НЕ, значи да се мисли”. На студентите во Париз им се придружија и синдикатите на работниците што предизвика вистински општествен потрес и политичка криза. Парискиот „мај 68” остана симбол за студентските протести воопшто, токму поради споменатите пароли, поради концентрацијата на слободарски дух и интелектуална енергија. На студентите во Франција им се придружија уметници и мислители како Франсоа Трифо, Жан-Лик Годар, Жан-Пол Сартр, но и многу други. И со германското студентско движење се соладиризираа многу германски уметници и филозофи како, на пример, Херберт Маркузе.

„Србија - земјата која си ја враќа иднината”

Денес духот на протестите во 68-та може да се препознае кај српските студенти. Во неделникот „Ди Цајт”, новинарот Улрих Ладурнер, одличен познавач на Балканот,  Србија на студентските протести ја нарече „земјата која си ја враќа иднината”, затоа што „земјата на Александар Вучиќ” била земја без надеж и иднина. Ладурнер смета дека во Србија конечно започнува „зацелувањето на лузните” кои на општеството им ги нанесоа војната, национализмот, сиромаштијата и неслободата. Тој цитира една постара госпоѓа во Белград која вели: „денес ништо веќе не е така како што беше, затоа што ние се променивме.” Притоа е интересно што и студентските протести во Србија 2024 и тие на германските студенти 1968 започнаа по еден трагичен настан кој, иако ја потресе сета јавност, на него први реагираа студентите.

Студентските протести ја потресуваат Србија по несреќата во Нови Сад кога падна настрешница и загинаа 16 лица
Студентските протести ја потресуваат Србија по несреќата во Нови Сад кога падна настрешница и загинаа 16 лицаФотографија: Pavel Nemecek/CTK Photo/IMAGO

Во Србија  тоа беше  несреќата во Нови Сад,  во Германија убиството на Бено Онезорг. Всушност,  студентските протести во Србија  може да се гледаат и како задоцнета реакција на едно друго убиство. Тоа на премиерот и познат српски фолозоф Зоран Ѓинѓиќ. Тој самиот долго повикуваше на коренит пресврт во српското општество и на надминување на национализмот и милитаризмот на Милошевиќ, на мирните масовни собири, кои ги предводеше пред 25 години во Белград. Ѓинѓиќ го запозна духот на германското студентско движење во Германија, каде што докторираше во Франкфурт под менторство на филозофот Јирген Хабермас.Тој сонуваше за Србија на европските демократски вредности.Очигледно тој беше многу пред своето време, а својата визија ја плати со животот. Сепак, денешните студенти не ја заборавија неговата визија.Тие го продолжуваат неговиот сон, зашто тие, впрочем, се генерацијата и на неговите деца. Тие растеа во „оловното време” по убиството на Ѓинѓиќ во српското општество, кое долго го блокираше духот на граѓаните, одземајќи им ја вербата во промени.Тие, децата на безнадежните родители од генерацијата на Ѓинѓиќ, денес храбро се борат со мирни протести за демократска Србија и во негов спомен.

Истовременоста на студентското движење во Германија и во Франција 1968, беше „ветрот на промената” во двете општества, затоа што тие меѓусебно се инспирираа. И студентските протести во Србија зрачат во соседните земји на Балканот со истата позитивна енергија, покажувајќи на дело дека промената на општеството и на доминантната свест во политиката е можна. За тоа граѓаните треба само јасно да го формулираат својот сон. Тој, на почетокот, бездруго за многумина ќе прозвучи утописки, затоа што по распаѓањето на социјалистичкиот систем, граѓаните на Балканот предолго живееја со постојан страв од војни и од етнички конфликти. Младите Срби, кои веќе неколку месеци со мирни протести се борат за промена, сакаат да го ослободат српското општество од тој страв кој, всушност, е духот на Милошевиќ, на национализмот и на диктатурата.

„Ветрот на промената“ и Кочани

Во истата атмосфера на страв од војна и од меѓуетнички конфликти, на очај поради долгиот македонски пат кон ЕУ поради блокадите од соседите, но и поради корупцијата, криминалот и нефункционалниот систем, три децении опстојуваат и македонските граѓани. На постарите, на родителите и на дедовците и бабите на денешните генерации млади во Македонија, таа состојба на духот им ја одзеде надежта за промена. Им ја одзеде вербата дека граѓаните можат да го променат општеството не само на избори, туку и со нивното граѓанско право на мирни собири и протести.

Масовен собир во Скопје по трагедијата во Кочани каде загинаа 59 луѓе
Масовен собир во Скопје по трагедијата во Кочани каде загинаа 59 луѓеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сега, по несреќата во Кочани  и во Македонија младите се обидуваат да ја вратат иднината не само за себе, туку и за нивните родители. Тие родители, кои одбиваат да веруваат во „ветрот на промената”, укажувајќи дека „Шарената” ги изневерила своите цели. Притоа тие забораваат дека таа беше првото искуство на македонските граѓани со таков вид граѓански отпор. Поразот на „Шарената” докажува само дека македонските граѓани уште имаат прекусо искуство во ангажманот за демократски промени во една модерна парламентарна демократија, па затоа воопшто не веруваат во промена, што е погубно за нив самите. Тие уште не согледале дека вербата во граѓанската сила за промени во општеството не се гради само од успесите, туку, пред се‘, од критичкото сознание за поразите. Ниту една цел не може да се постигне само со еден обид, туку со долга истрајност во ангажманот за истата цел. Едно демократски витално општество секогаш силно реагира на кризите и на неправдата со пројавување на својот  протест на демонстрации и на мирни собири.  Тоа што и денес студентскиот „ветер на промената” забучува по  трагични настани и убиства на млади луѓе, како во Кочани,  само го потврдува сознанието дека за промена на општеството е неопходно обединување околу еден заеднички спомен кој, потоа, станува заедничка визија за иднината на сето општество. Само тоа подоцна ќе ја присили политичката елита да ги направи одамна очекуваните промени и во своите редови.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.