1005 hPa
76 %

9 °C
Скопје - Нед, 06.04.2025 06:59
Веќе цела деценија научниците дискутираат како да се толкува подемот и владеењето на Доналд Трамп. Се разгледуваат етикети како популизам и фашизам и се предлагаат разни историски паралели – од кои некои се мошне бизарни („Мартин Лутер е Доналд Трамп од 1517-тата година“). И Трамп понуди свое толкување кога на социјалните мрежи објави дека „оној што ја спасува својата земја не крши никаков закон“ – изјава што Балзак му ја припишал на Наполеон.
Наполеон вообичаено се смета за врвен пример на цезаризмот, концепт создаден во 19-тиот век за да се опише и легитимира специфичен облик на автократско владеење. Дали тоа би бил соодветен опис за Трамп? Иако постојат некои впечатливи паралели, во неговиот режим недостигаат клучните елементи на цезаризмот.
Да ги разгледаме прво сличностите. Дури и пред да ја преземе власта, Наполеон – како и Трамп – интуитивно знаел дека за современата масовна политика пропагандата е од клучно значење. Лично ги уредувал билтените за победите на својата војска и постојано нарачувал промотивни памфлети, портрети и весници со имиња како „Бонапартин дневник“ и „Луѓето на доблеста“. Референците со Цезар – знаменита личност од стариот Рим – кулминирале во 1800-тата година со текстот Паралели помеѓу Цезар, Кромвел, Монк и Бонапарта. Автор бил министерот за внатрешни работи, братот на Наполеон, Лисјен.
Коментаторите наклонети кон оваа паралела истакнуваат дека секој цезар е харизматичен водач кој (пресудно) ја канализира „волјата на народот“. Внукот на Наполеон, Луј – избран за претседател во 1848-та година, ја одбранил својата власт со државен удар во 1851-та година, а потоа се крунисал за цар како Наполеон Трети – тоа го сфатил кога повторно го вовел општото машко право на глас, спротивно на конзервативните елити кои тоа право им го признавале само на земјопоседниците.
Демократијата од наполеонски тип има свои ограничувања. Двајцата Наполеони се потпирале на пропаганда и полиција, строга цензура на секоја критика и задушување на опозицијата. Целта на честите плебисцити била да се демонстрира народната поддршка за однапред донесени одлуки. Тие го либерализирале политичкиот систем само кога биле принудени на тоа, соочени со неизвесност и отпор – Наполеон Први во првите 100 дена по враќањето од Елба, а Наполеон Трети во последните години од своето владеење.
Наполеон бил наречен модерен „медиумски император“, а двајцата Наполеони се потпирале на митот за неверојатниот подем (изненадниот избор на Наполеон Трети во 1848-та година, по неколку неуспешни државни удари, морничаво потсетува на неверојатното враќање на Трамп на власт). Тие исто така ја разбирале важноста на спектаклот за стекнување восхит кај граѓаните. Како што рекол Наполеон Бонапарта: „Влада која штотуку се родила, како нашата, треба да ги восхитува и заплашува луѓето за да се консолидира или ќе пропадне“.
Се разбира, неговите средства за тоа биле милитаристички. Ја покажувал својата блискост со народот преку својот однос со војската, „третирајќи ги војниците како еднакви на себеси, обраќајќи им се со присен, емотивен јазик“, пишува историчарот Дејвид Бел. Освен тоа, Наполеон го разубавил Париз со спектакуларни градби, а неговите инженери го унапредиле системот за водоснабдување и канализација.
Наполеон Трети исто така бил склон кон спектакуларни урбанистички подвизи. Неговиот префект на Сена, Жорж-Ежен Осман, ги изградил прочуените булевари доволно долги за да овозможат воодушевувачки поглед – и доволно широки за војската да може непречено да се распореди во случај на бунт. Во таквиот ран пример на гентрификација, работниците и сиромашните граѓани систематски биле иселувани од центарот на градот.
Трамп, исто така, има архитектонска агенда. Една од неговите помалку забележани извршни наредби, „Промоција на убавата федерална граѓанска архитектура“, повикува на повторна изградба на федералните згради во класичен стил (резултатот, ако воопшто го има, ќе бидат позлатени градби со „бетонски столбови обвиени во пластика“, предвидува еден критичар). Слично на тоа, Трамповата реторика за проширување на САД на Канада и Гренланд потсетува на најмрачните денови од империјализмот во деветнаесеттиот век, кога славата на владетелите се мерела според освојувањето нови територии.
Трамповиот единствен вистински талент лежи во искористувањето на нашата подготвеност да поверуваме во имиџот на успешен бизнисмен, иако неговата реална деловна кариера е низа од неуспеси. Во таа смисла потсетува на Наполеон Трети, „грозоморен медиокритет“, како што го нарекол Карл Маркс, кој ја потхранувал илузијата за својата големина. Благодарение на тоа, му успеало она што политиколозите го нарекуваат autogolpe (самопуч): незаконски опстанок на власт по легалното доаѓање на власт. По неуспешниот потфат на 6-ти јануари 2021-та година, Трамп би можел повторно да се обиде во својот втор мандат.
Сепак, аналогноста со цезаризмот не држи. На основно ниво, Трамп нема никакви постигнувања. Кога Гете ја пофалил „продуктивноста“ на Наполеон, не мислел само на воените победи. Го гледал како човек кој се издигнал сам и ја унапредил француската држава и нејзиниот правен систем.
Додека двајцата Наполеони успеале да се наметнат како личности над партиите и класите благодарение на широка народна поддршка, Трамп е милитантен републиканец кој ја остварува целта на својата партија – намалување на даноците за богатите. Неговиот сојузник Илон Маск не само што не ја гради иднината на американската држава, туку напротив, безобѕирно ја саботира. Додека двајцата Наполеони ветувале ред и крај на револуционерните преврати, Трамп и неговите послушници намерно сеат хаос, воодушевени од идејата дека нередот ќе им користи на одредени бизниси.
Трамповата случајна досетка дека е над законот не зборува за неговите цезаристички амбиции. Тоа не е ништо повеќе – или помалку – од вообичаена авторитарна реторика осмислена за да го легитимира насилството. Автократскиот лидер на Ел Салвадор, Наиб Букеле, ја објави истата фраза, а таа се наоѓа и во манифестот на норвешкиот масовен убиец Андерс Брејвик. Во име на одбраната на Европа од исламот, Брејвик во 2011-тата година во Осло и на блиското острово уби 77 луѓе. Et tu, MAGA?
Карикатури: Matías Tejeda
Извор: https://www.project-syndicate.org/