Македонија
Се гони и таткото на возачот што ја усмрти Фросина: му го давал возилото, а знаел дека нема возачка дозвола

Обвинителството поднесе обвинение и за таткото на Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина Кулакова прегазувајќи ја на 29 јануари на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје.
Обвинението за таткото е за предизвикување општа опасност.
„Во текот на претходната постапка јавниот обвинител обезбеди докази, од кои произлегува дека обвинетиот, во периодот од 4.11.2022 до 30.1.2025 година, со општо опасно дејство предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, свесен дека поради неговите сторувања може да настапат штетни последици, а сепак лекомислено сметал дека тие нема да настапат.
Тој на својот син му давал да управува патничко моторно возило ‘пежо 207’ иако знаел дека синот не смее да управува автомобил бидејќи нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти, и тоа: едно кривично дело – сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година, 11 сообраќајни прекршоци (возење без возачка дозвола, возење под дејство на алкохол, непочитување семафор и пешачки премин) во текот на 2023 и 2024 година, како и кривично дело – сообраќајна несреќа со смртни последици на 29.1.2025 година“, велат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата: Ќе го прифатиме секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за економија и труд, заменик-министерот за економија и труд, државниот секретар во Министерството за финансии и советникот во Кабинетот на претседателот на Владата одржа средба со претставници на синдикатите.
Се разговараше за минималната плата, колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите.
„Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско социјалниот дијалог“, велат од Владата.
Македонија
Утре променливо облачно време со локален дожд попладне

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има локален дожд, а на планините повремен снег.
Ќе дува умерен, а во источните делови и вдолж Повардарието засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на стабилно и топло време, освен утре и во сабота кога ќе има локални врнежи од дожд. Утринските и дневните температури ќе бидат во пораст.
Македонија
Работен состанок за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки

Министерството за внатрешни работи се одржа работен состанок помеѓу претставници на МВР, Државниот правобранител на РСМ, Основниот граѓански суд-Скопје, Апелациониот суд-Скопје и Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Целта на средбата беше дискусија за отворените прашања во врска со роковите за носење на решенијата во дисциплински постапки и други прашања од областа на судските и дисциплинските постапки.
Претставниците на институциите се договорија овие работни средби да продолжат и во иднина со цел меѓуинституционално решавање на сите предизвици со крајна цел заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот.