
Трудовата инспекција ја затвори спортската сала „Нико Нестор“ во Струга, која ја користат дел од учениците на истоименото средно училиште, како и повеќе спортски клубови од градот, поради утврдена непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените, информираа од Државниот инспекторат за труд за МИА.
По пријава по допрен глас, инспектор од Одделението за безбедност и здравје при работа на 4 април извршил вонреден инспекциски надзор во објектот.
„При надзорот беа констатирани неправилности од кои се утврди дека постои непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените во СОУ ‘Нико Нестор’, кои работат во спортската сала. Согласно член 49 став 2 од Законот за безбедност и здравје при работа, издадено е решение за забрана за користење на салата за вршење работни задачи и одржување настава по спорт и спортски активности, сè до отстранување на неправилностите“, се наведува во соопштението на Инспекторатот.
Дополнително, за дел од утврдените неправилности надлежни се и други институции, поради што се известени Државниот просветен инспекторат, Општина Струга, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи.
Граѓаните на Струга веќе подолг период алармираат за лошата состојба на салата, укажувајќи преку социјалните мрежи дека објектот прокиснува и е во дотраена состојба. Дополнителна спорна точка е и тоа што не е јасно кој е официјален сопственик на салата. Учениците од „Нико Нестор“ ја користат за настава по физичко, а спортските клубови кои тренираат таму, плаќале членарини на Сојузот на спортски федерации на Македонија.
Некои од учениците изјавиле дека се чувствувале небезбедно додека престојувале во салата, додека други велат дека состојбата не била најдобра, но и не толку загрижувачка.