1008 hPa
39 %

26 °C
Скопје - Пет, 25.04.2025 14:59
На 14 јуни 2022 година, на седумдесет и осум годишна возраст, почина Гордана Рајков, светски позната активистка на движењето за правата на лицата со попреченост и прва пратеничка со попреченост во Собранието на Република Србија.
Гордана Рајков е родена на 29 декември 1944 година во Белград. Дипломирала на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Белград и работела како професор по математика. По студиите станува активна во Федерацијата на дистрофичари на Југославија, а потоа стигнува до позицијата потпретседателка и претседателка на Федерацијата.
Работејќи на подобрување на човековите права на европско ниво, таа доаѓа во контакт со активисти од Ирска. Во 1992 година, отпатувала во Даблин, во време кога Даблинскиот центар за независен живот започнува со работа и воведува сервис за лична асистенција.
Три години подоцна, Гордана Рајков ја носи филозофијата на самостоен живот, станувајќи една од основачите, а потоа и претседателка на Центарот за самостоен живот на лица со попреченост во Србија.
Осмислила серија едукативни програми за зголемување на свеста за дискриминацијата и правата на лицата со попреченост, како и програми за поддршка за подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост.
Гордана Рајков е првата личност со инвалидитет која била активна во политиката во Србија: во периодот од 2007 до 2012 година била народна пратеничка на Собранието на Република Србија.
„Ако воопшто не сакате да се занимавате со политика, политиката секако ќе се занимава со вас”, изјавува таа за политичкиот ангажман.
За време на нејзиниот мандат донесен е Законот за социјална заштита со кој за првпат се дефинира правото на користење на сервисот за лична асистенција, по моделот на Центарот за самостоен живот.
Како координаторка на програмата за регионална соработка и советничка за прашања на лицата со попреченост за Југоисточна Европа во белградската канцеларија на британската организација ОКСФАМ, Гордана Рајков станува пионерка на интерсекцискиот пристап во Србија - ја воведува родовата димензија во движењето за правата на лицата со попреченост, се поврзува со активистки за женски права и зборува за двојната дискриминација на жените со попреченост, залагајќи се за поголемо учество на жените со попреченост на раководни позиции.
Авторка е на бројни студии од областа на попреченоста, социјалната политика и сервисот за поддршка, родовата рамноправност и дискриминацијата на жените.
Била членка на Управниот одбор и потпретседателка на Светската организација на лица со инвалидитет, членка на Извршниот одбор на Европската мрежа на центрите за самостоен живот и претседателка на Европската асоцијација на лица со мускулна дистрофија.
Европската мрежа за самостоен живот (European Network for Independent Living) ја вклучува Гордана Рајков во Куќата на славните на ЕНИЛ. Ќе остане запаметена како жена која ги пробивала границите и излегувала надвор од постоечките рамки.
Извор: https://portaloinvalidnosti.net