Советот на Општина Кочани треба да назначи в.д.градоначалник, продолжува истрагата за трагедијата

Течат роковите за избор на нов в.д.градоначалник на Кочани, по неотповикливата оставка, а потоа и притворот за првиот човек на општината, Љупчо Папазов, кој за речиси седум месеци не успеа да го заврши четиригодишниот мандат што го доби на Локалните избори во 2021та.

Дали е можно, како што веќе се шпекулира во јавноста Независен кандидат да ја предводи општината во овој преоден, но и многу тежок период за кочанчани? Од Владата децидни дека ќе се избере в.д.градоначалник, но велат дека сè уште немаат разговарано кој би можел да ја извршува оваа функција, додека од опозицијата пак со став дека тоа е нешто за што треба да се разговара, но посочуваат дека во ниту еден момент од трагедијата во Кочани не треба политички да се профитира.

На вчерашната седница, Владата ја прифати оставката на Папазов, а откако одлуката ќе биде објавена во Службен весник, советот на општината има рок од 30 дена да избере в.д. градоначалник од редовите на актуелните советници. Сега прашањето кое се отвора е кој ќе седне на градоначалничкото столче до локалните избори, што треба да се одржат во октомври? 

Во однос на истрагата пак, една недела од обвинителството без детали за тоа до каде е предистражната постапка за пожарот во дискотеката на смртта. Оттаму велат дека секојдневно се превземаат истражни дејствија за обезбедување на докази, но какви не се во можност да откриваат, со цел да се зачува тајноста на постапката. Од она што досега е познато, во ефективен притвор се 31 лице од кои 7 се припадници на полицијата. Во куќен притвор пак остануваат двајцата бивши градоначалници, Димитровски и Илијев, како и поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат, Симеска-Димоска.

Инаку, премиерот Мицкоски денес од Штип потенцираше дека веќе се изготвува Новиот закон за пожарникарска служба и во следниот период се очекува доекипирање на противпожарните служби, со приоритет на Кочани, бидејќи во кочанската Територијална Противпожарна Единица во моментов работат двојно помалку пожарникари од потребното.