Општество

МАКЕДОНИЈА НЕ БЕЛЕЖИ ПРОГРЕС ВО ЕФИКАСНО УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАДОТ

01.04.2025

Македонија се уште нема ефикасeн систем за управување со отпад, ниту бележи прогрес во оваа насока и покрај континуираната поддршка што ја добива од странските партнери. Се проценува дека најмалку 30 отсто од отпадот во земјава не завршува на депониите, организирано и според предвидените стнадарди, туку е расфрлан речиси насекаде, беше речено пред почетокот на денешната конференција „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“.

Според домашните експерти, во однос на регулативата не назадуваме, но имам проблем со нејзината имплементација.

- Ситуацијата не е добра и покрај напорите од наша страна и од страна на другите партнери. Видовме многу мало придвижување послениве години и покрај нашата поддршка. Од пред осум години кога алоциравме финансиска поддршка за менаџирање на отпадот во земјава, за жал, многу малку е постигнато до денес, изјави Рајан Нокс, извршен директор на SALAR International.

Како што истакна амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, во однос на отпадот и неговото менаџирање не треба да се работи само со властите, туку во целиот овој процес треба да се вклучат сите сегменти од општеството, посебно школите и помладите.

- На вашата земја и треба воспоставување ефикасeн систем за управување со отпад. Треба да се работи не само со институциите, туку и со граѓанското општество, со школите, треба да има обуки за младите да мислат во насока на рециклирање и правилно менаџирање со отпадот, порача амбасадорката.

Градоначалникот на Општина Новаци Стевче Стевановски смета дека е огромен проблемот со управувањето со отпадот во земјава. Имаме ѓубришта, нагласи, но не и депонии.

- Скоро во сите делови од земјата практично имаме ѓубришта, а немаме депонии, регулирани центри за управување со отпад и ова кај нас се провлекува со години наназад, дециден е Стевановски.

Неговиот колега, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески рече дека Прилеп е лидер во справувањето со отпадот и денеска ќе ја наметне темата за формирање меѓуопштински одбор за справување со отпадот.

- Со тоа позитивните искустав на Прилеп ќе ги пренесеме во другите општини и региони каде е планиранио правање регионална депонија. Справувањето со отпадот е најдобра инвестиција и од еколошки апсект и од аспект на потребите на граѓаните. Во Прилеп има 23 000 предадени селективни канти со што се опфатени повеќе од 12 300 домаќинства. Тоа е долгогодишен процес, а моите сограѓани успешно го организираат одлагањетоп на отпадот, нагласи Јовчески, додавајќи дека е во завршна фаза фабриката за селектирање на отпадот.

Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Секторот за управување со отпад во МЖСПП, укажа дека државата дава доволно средства за депонии и системи за управување со отпад.

-Не назадуваме во однос на регулативата, комплетно е хармонизирана со европската и постојано ги следиме новините. Ни недостасува имплементацијата на регулативата. Државата дава дооволно средства за имплементирање депонии и системи за управување со отпадот. Средствата за капитални инвестиции се обезбедени за сите региони за управуавње со отпад. Имаме грант од ЕУ преку ИПА, но и заем од ЕБОР. Ни претстои да поченеме да го воспоставуваме тој систем, да ги воспоставиме структурите на терен кои ќе оперираат во иднина со регионалниот систем за управување со отпад, рече аранфилова Мазневска. 

Партнерската конференција за одржливо управување со отпад, насловена „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“.се фокусира на повеќе прашања врзани со итноста од подобрувањето на системот за управување со отпад во Северна Македонија кој се наоѓа, како што беше речено, пред сериозен предизвик, за што е потребна е промена на пристапот.

- Соочена со растечки еколошки и здравствени ризици, Северна Македонија мора итно да преземе чекори за одржливо управување со отпадот. Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) се наметнува како најдолгорочно и најодржливо решение. 

Овој систем предвидува меѓу другото затворање на нелегалните депонии, изградба на модерни регионални депонии и развој на инфраструктура за рециклирање, што ќе ја приближи земјата кон еколошките стандарди на ЕУ. Подобреното управување со отпадот не само што ќе го намали загадувањето, туку и ќе го подобри квалитетот на живот и ќе ја зајакне довербата во локалните власти, истакнаа учесниците.

Меѓународните искуства покажуваат дека вложувањата во вакви реформи носат конкретни резултати.

- Доколку Северна Македонија не преземе итни мерки, ризикува натамошно зголемување на загадувањето и здравствените проблеми, што ќе создаде уште поголеми финансиски и еколошки трошоци во иднина. За успешно справување со овие предизвици, неопходна е силна координација меѓу националните и локалните власти, бизнис-секторот и граѓаните. Само со стратешки пристап и конкретни реформи, земјата може да се движи кон почиста и поздрава иднина, порачаа учесниците на конференцијата.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано