Македонија
90 отсто од дишните органи на 29-годишниот Карадакоски биле изгорени од пламенот што го вдишал, утврдиле лекарите во Литванија

Директна причина за смртта на 29-годишниот Александар Карадакоски, кој утрово почина во Литванија, се изгореници на дишното стебло, извести попладнево Небојша Настов, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, каде што Карадакоски бил згрижен пред за отпатува во Литванија. Во болницата бил примен околу 6 часот на 16 март. Во текот на денот му се влошила состојбата, па во попладневните часови бил ставен на вештачко дишење, а истовремено му ги лекувале и изгорениците.
„Вкупната површина на изгорениците е некаде околу 36 %, кои претежно се наоѓаа во пределот на главата, вратот и горните екстремитети со длабочина од втор и трет степен, што само за себе кажува за интензитетот на пламенот што го има зафатено. Поради делот од пламенот и чадот што ги вдишал, доаѓа до оштетување на внатрешните дишни органи, што е потврдено и од страна на колегите од Литванија во разговор со нашите анестезиолози при брифирањето за здравствената состојба на пациентите, што морам да кажам дека се одвиваше редовно, секој ден или на секои два дена. Утврдено е со бронхоскопско испитување дека е оштетен голем дел од дишното стебло и како последица на тоа доаѓа до влошување на состојбата, која на крајот резултирала со подлегнување на повредите на 29-годишниот Александар Карадакоски“, рече директорот Настов.
Карадакоски останал во „Св. Наум Охридски“ речиси 24 часа пред да биде транспортиран во Литванија со медицински санитетски авион.
Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека Карадакоски бил во најкритична состојба од сите 193 лица повредени во пожарот во дискотеката.
„Тој беше најтешкиот пациент. Му откажа функцијата на бубрезите на 1 април, беше ставен на дијализа, практично имаше рани на 36 % од телото од втор и трет степен, што отвора простор за инфекции и тоа е таа компликација плус дишните патишта, изгореници на дишните патишта околу 90 %“, рече министерот Таравари.
Министерството за надворешни работи веќе го организира враќањето на телото на Карадакоски. Министерот Таравари рече дека обдукцијата ќе ја направи Судска медицина во Скопје, а сите трошоци ќе бидат покриени.
Карадакоски е еден од 116 пациенти испратени на лекување во странство по пожарот во дискотеката во Кочани. Денес, од лекување во странство треба да пристигнат уште шестмина пациенти, по двајца од Бугарија, Шпанија и Унгарија, па во странските болници ќе останат 69 пациенти. Од нив тројца се во критична состојба.
Во болниците во Скопје во овој момент се лекуваат 14 пациенти, а за петмина веќе е договорен испис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Партиите од ВЛЕН отсега ќе делуваат како еден политички субјект

Коалицијата ВЛЕН известува дека „денес е направен првиот чекор кон целосно политичко обединување, со заедничка визија и обединета структура, како единствена сила што ја претставува надежта, достоинството и иднината на Албанците во оваа земја“.
„На денешниот состанок беше формирано Заедничкото Претседателство на ВЛЕН, како прв орган што ќе ги координира сите политички и организациски активности на коалициско ниво.
Од денес стапува во сила мораториум на јавните активности на политичките партии учеснички во ВЛЕН, при што сите активности и настапи ќе се реализираат исклучиво под името, логото и единственото претставување на ВЛЕН.
Во наредниот период ќе се формираат и другите заеднички органи, вклучително и Раководството на ВЛЕН и Шефот на Изборниот штаб, кој ќе ја води подготовката за претстојните избори.
Пратеничката група на ВЛЕН ќе продолжи да функционира со актуелните пратеници кои го поддржуваат процесот на обединување и се посветени на јакнење на заедничкиот глас на Албанците“, велат од ВЛЕН.
Македонија
(Видео) Запален домот на Александар Пандов: Нема да не запрат и нема да не поколебаат

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов на социјалните мрежи објави дека му бил запален домот.
„Ова е данокот за нашата борба за владеење на правото без калкулации? Ова е цената за удирањето по мафијата! Домот ми беше запален, и имам основано сомневање дека станува збор за смислен атак на криминалците!
Нема да не запрат и нема да не поколебаат. Никој не е над законот! Нема враќање назад кога се бориш за правдата. И кога ќе тргнеш против криминалот, тој се брани со насилство. Но ова нема да ме запре — напротив, само не зајакнува!“, напиша Пандов.
Тој додаде дека очекува институциите да го најдат и казнат сторителот.
Македонија
Милошоски: Не помина интерпелацијата на Левица и СДСМ за Тошковски, целта им беше лична дискредирација и злоупотреба на трагедијата

„Не помина интерпелацијата на Левица и СДСМ против МВР, Панче Тошковски. Целта им беше провидна“, напиша на социјалните мрежи Антонио Милошоски.
„Прво лична дискредитација на Тошковски, а потоа злоупотреба на семејните емоции од големата трагедија во Кочани. Манипулативни намери, наместо реални предлози и поддршка“, додаде тој.