Додик експресно пристигна во Бања Лука од Москва, Интерпол не распиша налог за апсење

Челникот на босанските Срби, Милорад Додик се огласи во средата доцна вечерта од Бања Лука каде што засега на непознат начи пристигнал по посетата на Москва а во интервјуто за јавниот сервис на ентитетот Република Српска (РТРС), објави дека Интерпол го одбил барањето на Судот на БиХ за распишување меѓународна потерница по него.

„Еве ме“, триумфално рече Додик, кој има статус на бегалец од правдата во Босна и Херцеговина бидејќи по него е распишана внатрешна потерница и му е одредена мерка притвор во траење од еден месец, откако одби да одговори на поканата од Обвинителството на БиХ за распит во рамки на истрагата за наводно „уривање на уставниот поредок“.

Минатата семица, и покрај наредбата до полициските агенции да го уапсат, тој ја напушти БиХ и се појави прво во Израел а потоа во Москва, каде во вторникот беше примен од рускиот претседател Владимир Путин. Граничната полиција на БиХ сè уште истражува како тој ја напуштил земјата без да биде забележан на гранилен преминн или без обиде да биде уапсен.

Во меѓувреме, Судот на БиХ побара од Интерпол да го стави на списокот на барани лица, но таа организација го одби барањето од Сараево.

Според достапните информации, Интерпол така одлучил повикувајќи се на членот 3 од својот статут, кој забранува интервенција во случаи кои имаат „политичка, воена, верска или расна позадина“.

Додик рече дека бил информиран за одбивањето да биде издаден налог за апсење од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ, чија влада го оспорила барањето до Интерпол испратено од Сараево, врз основа на фактот дека лидерот на босанските Срби има и српско државјанство.

„Ја очекував таа одлука“, рече Додик, додавајќи дека му се јавил и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој исто така наводно интервенирал и кај Интерпол.

Го опиша преминувањето на границата во Босна и Херцеговина, велејќи дека тоа го направил „како и досега, без никакви проблеми“.

„Влегувам во автомобилот и ја преминувам границата“, рече тој и најави дека ќе продолжи да патува во странство и нема да дозволи да биде изолиран, бидејќи има намера да ги зајакне меѓународните контакти, пред сѐ со европските десничари од групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент.