1009 hPa
41 %

25 °C
Скопје - Пет, 25.04.2025 13:59
Вини Харлоу долго време била телевизиско фрик шоу. Подвижна реклама за аутсајдери. Краволика ученичка. Нејзината кожа е повпечатлива од кoja било облека или производ што таа го рекламира.
Ја обожаваат уметници, дизајнери/ки, фотографи/ки. Кој еднаш се обидел да ја нацрта, фотографира или за неа нешто да дизајнира, повторно и повторно се враќа на тој незаборавен магичен лик.
Таа на свој начин ја комбинира естетиката на Наоми Кембел и Мерлин Монро. Може да се каже дека би било непристојно да не се загледате во неа, особено во совршено распоредените несовршености на нејзината кожа. Во природните бои кои треба да се вклопат со боите и дезените на облеката што ја носи.
„Ми велат дека сум лепрозна, дека би требало да ги контролирам промените на мојата кожа, да ја избелувам, дека кожата ми е таква од изгореници. Ништо од наведеното не е точно”, вели Харлоу.
Каква е вистинската приказна?
Кога имала четири години, Вини забележала појава на мистериозна бела дамка на нејзиниот стомак. Набрзо добила дијагноза: витилиго. Не е познато што ја предизвикува оваа (инаку сосема безопасна) состојба на кожата. Доаѓа до процес кој ги уништува клетките одговорни за создавање на пигментот.
Следните неколку години слични бели точки се прошириле по нејзиното тело и ѝ ги зафатиле рацете, колената и лицето. Витилигото може да се развие на сите типови кожа и да опфати кој било дел од телото, вклучувајќи ги очите, косата и устата. Периодичната депигментација е позабележителна на темната кожа. Кај Вини, избелените делови се речиси симетрично распоредени на лицето и телото.
„Глуми додека не успееш”, било нејзиното мото додека растела. „Ќе си кажувам на себе дека сум убава”, одлучила таа, „додека навистина не почувствувам дека тоа што го зборувам е вистина”. И тоа се случило. Не преку ноќ, се разбира.
Поминале години додека Вини не стекнала самодоверба и научила да се чувствува добро во сопствената кожа. (Кај неа, оваа фраза навистина има смисла.)
На училиште секојдневно била изложена на потсмеvливо мукање, бидејќи нејзините врсници ја прогласиле нејзината кожа за карактеристика на крава... Крајно сурово. (А и кравите денес се соочуваат со претешки барања - треба да бидат виолетови и да даваат чоколадно млеко. Одамна помина времето кога „кравји очи” беше заводлив комплимент.) Денес во Вини, многумина гледаат (женка) гепард, што таа смета дека е секси. (Во секој случај е подобро од божествената крава.)
Вини Харлоу поминала долг пат: од тинејџерка на која ѝ се потсмевале, до кралица на модните писти... Се поставува прашањето дали таа би можела да стигне до точка кога никој нема ни да забележува дека има витилиго?
Таа е горда на својата кожа, но не сака тоа да ја дефинира.
„Ако денес сум целосно црна, сепак сум модел. Ако следниот ден бидам целосно бела, тоа исто така не го менува фактот дека сум модел”.
Растејќи во Торонто со самохрана мајка и две сестри, Вини имала искуство со различни активности: балет, пијано, новинарство. Но, никогаш не се занимавала со манекенство. Неколку пати го напуштала училиштето поради малтретирање и конфликти на кои била изложена меѓу своите врсници. Кога дефинитивно завршила со училиштето ѝ се отворила можност за модна кариера.
Неверојатно е дека ќе ја прослави токму она што ѝ предизвикало толку многу неволји и страдања - нејзиниот изглед, посебноста на нејзината кожа.
Нејзиниот прв ангажман бил снимање музички спот. Потоа таа го напушта Торонто и заминува во Лос Анџелес, прифаќајќи ја поканата да учествува во телевизиското реалити шоу America’s Next Top Model. На прашањето дали би го направила тоа повторно, таа одговара:
„Не, бидејќи сакам да бидам модел, а не ријалити ѕвезда”.
Харлоу била елиминирана од програмата како втора по ред. Тоа е шоу што промовира различност, а сепак експлоатира и создава токсичен коктел на нарцизам и ранливост меѓу учесниците. Витилигото било фрик шоу елемент.
„Ако сакате да гледате еден ист тип на луѓе одново и одново, тоа е она што ќе ви го сервира индустријата. Но, ако упорно бараме нешто поинакво, ќе мораат да ни го дадат. Своевремено ме ставија во категорија со албино модели – не сакам да бидам дел од никаква категоризација!”, изјавува Харлоу.
Вини донела свесна одлука да ја прифати и слави својата кожа таква каква што е и тоа го покажува со тоа што одбива да подлежи на каква било терапија или естетска процедура. Постојат третмани со зрачење, можности за боење на кожата, шминка, па дури и хирушки интервенции - Вини не ја интересира ништо од тоа.
„Луѓето мислат дека сум против каква било промена, бидејќи се гордеам со својата кожа. Ниту сум за ниту против што било, освен за тоа да бидам среќна. И среќна сум без разлика каков избор ќе направите. Дали сакате да ги потенцирате веѓите, да ги здебелите усните, да ја скратите косата, да одите на липосукција – тоа е ваш избор. Сѐ додека ве прави среќни...”
Во однос на шминката Вини е најзадоволна кога носи само маскара и кармин. Надвор од модата, инспирација црпи од музиката, особено од рап сцената. Во најдобрите пријатели ги вројува својата мајка, двете сестри и менаџерот.
Нејзиниот автентичен изглед ја предизвикува перцепцијата за убавина во внатрешноста на индустријата која е опседната со некој вид на т.н. совршенство. Не станува збор само за бојата на кожата, туку за преиспитување на модните стереотипи и улогата на манекенките во животот на младите жени. Вини е доказ дека нашите разлики се наша посебност, колку и да нѐ фрустрираат.
На прашањето што најмногу сака на своето тело, Вини Харлоу без двоумење вели:
„Ги сакам моите усни”.
Извор: https://portaloinvalidnosti.net