Ѓапо во 24 анализа: Ниту една држава од Западен Балкан не може да се пофали со добар одговор кога станува збор за фемицид

Сабина Ѓапо од АИРЕ центар во 24 анализа рече дека последното истражување кое го направиле за судските пракси во однос на фемицидот во државите од Западен Балкан покажало дека ниту една од државите не може да се пофали со добар одговор кога станува збор за фемицид.

Според неа, во случаите на родово базирани насилства и семејни насилства голема улога играат и стереотипите.

„Истражувањето кое го направи АИРЕ центар ја покриваше и судската пракса во цел Западен Балкан  и заклучокот е дека ниту една од државите не може да се пофали дека има добар одговор кога станува збор за фемицид. Анализите покажаа дека некои модели на однесување на судиите и обвинителите но и на целиот правосуден ланец како да се копирани во сите држави. Иако сите 6 држави имаат квалитетни законски оквири кои овозможуваат делата на фемицид и родово базирано насилство да се третираат соодветно забележавме дека тие Закони не се применуваат адекватно. Законскиот облик овозможува да се класифицира како фемицид но не се практикува. Казните се често многу поблаги и во проеск имаме од 10 до 12 год казни за фемицид“, рече Ѓапо.

Таа зборуваше и за влијанието на стереотипите врз процесите на пријавување на насилство.

„Секое лице има право за свој избор но доколку тоа лице расте во средина која е подложна на стереотпи треба да знаеме дека влијанието на тие стереотипи ќе биде и врз одлуката на жртвата. За да ја заштитиме жртвата и да не дојде со сериозен облик на родово базирано насилство треба државата да има облици на заштита. Моето мислење е дека секоја земја мора да има прокативна улога во заштитата на жртвите. Токму тие стереотипи во општеството, традиционални верувања, осудите, често влијаат на начинот на кој лицето ќе се однесува кога е жртва на родово базирано насилство. Имаме голм број жртви кои не пријавуваат поради срам, осуда, начинот на кој се постапува во судницата и постапката“, додаде Ѓапо.