Ковач бесен на играчите: Тие шанси мора да се користат… крилата не трчаа доволно

Борусија Дортмунд се наоѓа на работ на елиминација од Лигата на Шампионите откако „милионерите“ загубија со 4-0 на синоќешниот прв меч со Барселона. Тренерот Нико Ковач не го криеше незадоволството од настапот на својот тим, свесен дека сега ќе биде премногу тешко да се стигне до чудесен камбек.

„Заслуживме да загубиме, тоа е реалноста. Откако го примивме првиот гол одигравме добри 20 минути, а потоа целосно застанавме. Барса е голем клуб што знае како да ги казни грешките на противникот, а ние им дадовме премногу подароци. Имавме шанси кои не ги искористивме, а такви ситуации против ривал како Барселона морате да ги претворите во гол. Секако дека нема да се откажеме без борба, јас секогаш се борам, но исто така и сум реален, ова е огромна негатива“, изјави Ковач. 

Тој беше особено бесен на своите крилни фудбалери, кои заборавиле на дефанзивните задачи договарани пред натпреварот.

„Може да се случи да загубите топка, тоа е дел од играта, но мора да се носат исправни одлуки. Крилните фудбалери добро знаат дека на ова ниво мора да ги следат противничките бекови за да не мораме да се браниме со само еден човек по страните. Противниците секогаш го казнуваат тоа… јас секогаш велам дека мораме активно да се браниме, а против Барса не го правевме тоа, особено не на крилата“, критичен беше Хрватот на клупата на Борусија Дортмунд.

Се вчитува...