• Зоран Мишевски
Реваншот од четвртфиналето на Еврокупот на ЕХФ меѓу Партизан и АЕК Атина е откажан поради инциденти предизвикани од навивачите на белградскиот клуб пред почетокот, кои беа револтирани од сето она што се случи на првиот натпревар во Атина, кој АЕК го доби со 27-22.
Ракометарите на АЕК се вратија во соблекувалната, откако навивачите на Партизан фрлија пиротехнички средства на терен. По соопштението на Партизан со став се огласи и АЕК.
„Нашиот клуб отиде во Белград да го игра реваншот против Партизан, но се чини дека навивачите на домашната екипа имаа други намери. Тие воопшто не дозволија да започне натпреварот, постојано фрлајќи петарди кон играчите на АЕК, што сериозно ја загрози безбедноста, најпрвин непосредно пред почетокот на натпреварот, а потоа кога „црно-жолтите“ се согласија повторно да играат. Еден час и четириесет минути по планираниот почеток, беше одлучено да се одложи натпреварот, а неговиот исход сега ќе го реши Европската ракометна федерација (ЕХФ). Дополнителни изјави ќе бидат дадени дури по натамошна истрага за инцидентот“, се вели во соопштението на клубот од Атина.
Конечната одлука за натпреварот ќе ја донесе ЕХФ врз основа на извештаите на делегатите и судиите, најверојатно во среда.