На Крива Паланка ѝ се случува вистинска еколошка катастрофа откако, како што дознава Инфомакс, јаловина од базените на рудникот Тораница истекла во водите кои се влеваат во Крива Река.

Со рудникот „Тораница“ управува компанијата Булмак, која е во сопственост на бугарскиот олигарх Николај Волканов, со кој актуелниот премиер Мицкоски се сретна во април минатата година.
Христијан Мицкоски во април, заедно со Драган Ковачки кој еносител на пратеничката листа на партијата во ИЕ 3, се сретна со бугарскиот бизнисмен Николај Волканов (или Влканов, како и да се транскрибира тоа презиме од бугарски). Фотографии од средбата се објавени на Фејсбук страната на Драган Ковачки.
Кој е Николај Волканов (буг. Николай Вълканов)?
Волканов е бугарски бизнисмен, член на бордот на директори на „Мултигруп“, компанија позната во бугарската, а и во македонската јавност по низата мафијашки дејанија на нејзините основачи и директори. Компанијата се поврзува и со атентатот на македонскиот претседател Киро Глигоров, но за тоа малку подоцна.
Волканов има десетици компании во Бугарија, очигледно веќе е навлезен и во Македонија, а Мицкоски можеби му подготвува и свечен пречек во некои македонски гиганти?
Мултигрип е позната, меѓу другото и по атентатот на нејзиниот основач, Илија Павлов, кој е убиен во 2003 година. Во ноември 2002 година, полскиот магазин „Впрост“ го процени неговото богатство на 1,5 милијарди долари, но по само неколку месеци тој беше застрелан од снајпер пред канцеларијата на „Мултигруп“. Не мора да истражувате повеќе, кога на Википенија ќе ја отворите страницата за Павлов, во првата реченица пишува „Илија Павлов е бугарски мафијаш, спортист, бизнисмен, масон“….

Подоцна, во 2010 година, убиена е и сестрата на Павлов и нејзиниот осумгодишен син, во САД.
– Бугарката Славка Најденова (41), сестра на бугарскиот тајкун Илија Павлов убиен во 2003 г., и нејзиниот осумгодишен син, Пол Вилсон, се убиени во нивниот дом во Дејл Сити во САД, пишуваа светските медиуми.

Волканов му бил десна рака на Павлов и наследник на неговиот бизнис, бугарските медиуми пишуваат за доста контроверзи со него и за неговата многу блиска воска со актуелниот бугарски претседател, Румен Радев, неколку пати повикуван на распит во софиското обвинителство и поврзуван со криминали со високи бугарски функционери, но секако секојпат се извлекувал.

Мултигруп се поврзува и со атентатот на Киро Глигоров
Атентатори од српско-руското подземје, југословенската служба „КОС“ или можеби лица од бугарската фирма „Мултигруп“, лица од „Братиславската врска“, домашни служби. Ова се најчестите можни виновници кои се посочуваат за обидот за убиство на првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, кој на денешен ден преживеа експлозија од бомба скриена под автомобил под сѐ уште неразјаснети околности.
Бомбата била поставена во „цитроен АМИ-8“ на улицата Македонија кај хотелот Бристол во Скопје, покрај кој минувал службениот „мерцедес С-500“ со кој Глигоров од претседателската резиденција одел на работа во Собранието. Пред Ситроенот возело „фиќо“, кое му го забавило патот на автомобилот токму во моментот кога експлодирала бомбата, за кое се уште не е јасно кој го возел и зошто. Било изутрина, 9 часот и 50 минути, 1995 година.

По средбата на Волканов со Мицкоски, за нов директор на рудникот е назначен поранешниот градоначалник на Пробиштип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски.
Тоневски инаку, како поранешен градоначалник, кој според локланото население има желба повторно да биде градоначалник, имаше пријава за силување од вработена во Општината. Според општинската службеничка, која од безбедносни причини остана анонимна, градоначалникот ја нападнал во обид сексуално да ја злостави, пренесоа тогаш дел од медиумите. Тоневски тогаш го негираше случајот.
За еколошката катастрофа одговорност бара и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Еколошка катастрофа на Крива Река – итно бараме реакција на Државниот инспекторат за животна средина! – реагира градоначалникот.
– По хаваријата во рудникот за олово и цинк „Тораница“, сведоци сме на сериозно загадување на Крива Река, што претставува директна закана за животната средина и здравјето на граѓаните.
Општинскиот инспектор веќе излезе на терен и ги констатираше состојбите согласно своите законски надлежности.
Сега е време за итна реакција на надлежните институции!
Го повикувам Државниот инспекторат за животна средина веднаш да излезе на терен, да спроведе детална истрага и да преземе сите неопходни законски мерки и санкции против одговорните.
Заштитата на природата и здравјето на луѓето мора да биде приоритет! Не смее да има компромиси кога се работи за животната средина! – напиша градоначалникот на Фејсбук.

Граѓани на Крива Паланка до редакцијата на Инфомакс испратија видеа од катастрофалната состојба на реката. Како што можете да видите на видеото во продолжение, водата е комплетно сива, а веројатно последици ќе има и по животинскиот и растителниот свет во реката.
Упативме и прашања до Државниот инспекторат за животна средина, дали се запознаени со состојбата и што ќе преземат, меѓутоа до овој момент одговор не добивме. Доколку од Инспекторатот добиеме одговор по објавување на овој текст, истиот ќе биде соодветно надополнет.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.