27 Февруари, 2025
0.0329

КАЛКУЛАТОРИТЕ НА АКЦИОНЕРИТЕ НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА „СВЕТНАА“ од убави бројки - ќе се дели бруто дивиденда од над 46 милиони евра

Објавено во: Финансии 31 Јануари, 2025

Добивај вести на Viber

Како што и доликува на издавач на хартии од вредност чии акции се на суперкотација на Македонската Берза, Комерцијална банка вчера го објави својот финансиски резултат за минатата година, заедно со детално образложение, односно коментар на бројките во нејзините биланси, но и ја „испука“ веста што многумина ги интересираше, а таа е колкава дивиденда ќе добијат на своите конта акционерите на банката. Без да прави дополнителни стресови и одолговлекувања, банката ја објави Одлуката на Управниот одбор, која ќе оди како предлог и до Надзорниот одбор, а и до Собранието на акционери, за тоа колкав колач во форма на дивиденда ќе добијат сопствениците на акции на најголемата банка во земјава. А, инвеститорите вчера беа запознаени и со плановите на банката за тоа како ќе се одвива и во какви услови нејзиното работење во оваа година, и кои ќе бидат нејзините главни цели и задачи.

Она што е факт е дека од чистиот профит остварен лани од 80,1 милиони евра, во форма на дивиденда ќе одат 46,3 милиони евра, што е ниво од 57,8 отсто од профитот. А тоа е помалку од 70 отсто колку што можеби очекуваа некои акционери, но е сосема солиден износ, а кој банката го објасни и со фактот дека покрај за дивиденда, мора да се мисли и на обврските за зголемување на капиталот, нешто што е барано и од монетарните власти во земјава.

Да видиме како банката го коментира Билансот на успех, односно остварениот фантастичен чист профит за лани на износ од 80,1 милиони евра, за кој, како што веќе напишавме, јавноста можеби очекуваше да биде и малку повисок, со оглед на историски најголемите бројки од 72 милиони евра за првите три квартали од годината, но сепак премногу моќен и убедливо најголем досега, а, како што велат од самата банка, и повисок од нејзините очекувања.

Инаку, во 12 месеци од ланската година банката оствари добивка пред оданочување во износ од над 89 милиони евра, што претставува зголемување за 40,1 отсто во поднос на претходната 2023 година. Оваа бројка го натфрлила и планот на банката за близу 30 проценти.

Треба да се истакне дека за минатата година Комерцијална банка ќе и плати данок на добивка на државата на сума од 9,1 милиони евра.

Со ова, нето добивката е на ниво од 80,1 милиони евра, или 37,5 отсто повеќе во однос на минатата година.

„Нето-добивката, која ги надмина очекувањата за годината, е остварена во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, побавното намалување на инфлацијата што резултираше со повнимателно релаксирање на монетарните политики на ФЕД и ЕЦБ, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата. И покрај тоа, домашната економија забележа одредена стабилизација во однос на кризните периоди кои претходеа, што придонесе за поттикнување на инвестицискиот циклус во реалниот сектор, во чија поддршка Банката учествуваше преку зголемен обем на кредитирање. Дополнително, високата ликвидност со која располага Банката беше искористена за прудентно димензионирање на структурата на активата и пласирање средства во инструменти со помал ризик, но со задоволителни приноси“, се вели во коментарот на некоснсолидираниот Биланс на успех на Комерцијална банка.

Како што објаснуваат од Комерцијална банка, остварената добивка пред исправка на вредност, која е всушност показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 31,7 отсто поголема во однос на минатата година. Ова главно произлегло од зголемените останати приходи од дејноста и зголемените нето-приходи од камата, а во помал обем и поради зголемените нето приходи од провизии и надомести и нето-приходи од тргување.

„Позначителното зголемување на останатите приходи од дејноста во споредба со минатата година е резултат на зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот, како и поради зголемениот износ на наплатени претходно отпишани побарувања“, нагласуваат од банката.

А, како појаснување, тоа се должи на продадениот имот на Еуроникел, а поранешен ФЕНИ, на турскиот конзорциум Јилдирим, што се случи некаде во април минатата година.

Од своето работење лани Комерцијална банка вкупно наплатила приходи од фантастични 145 милиони евра. Тоа е раст за околу 26 отсто во однос на претхподната 2023 година.

„Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на крајот на годината тие бележат зголемување од 14,5 отсто. Планот е исполнет со 114 проценти. Приходите по основ на камата се зголемени вкупно за 17,1 отсто, како резултат на зголемени пласмани кај сите сектори, и покрај почнатиот тренд на намалување на референтните каматни стапки во текот на второто полугодие. Имено, ЕЦБ изврши намалување на трите основни каматни стапки и соодветно на тоа, НБРСМ почна со релаксирање на монетарната политика“, го објаснуваат од најголемата банка процентот на раст на најиздашниот извор на пари за секоја банка, односно нето каматните приходи.

А, поголем раст имале расходите по основ на камата, кои се зголемени за 41,3 отсто, поради зголемените орочени депозити споредено со минатата година.

Но, нето каматната маржа на ниво на банката се зголемилаз од 3,63 отсто на крајот од минатата година, на 3,85 проценти на крајот на ланската година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци биле лани 19,4 милиони евра, или имале раст од 8,4 отсто, во најголем дел како резултат на зголемениот обем на активности, особено во делот на работењето со картички.

Нето-приходите од курсни разлики достигнале над 6 милиони евра и бележат зголемување од 3 отсто во однос на минатата година, но во однос на планот порастот е за 15,6 проценти.

Останатите приходи од работењето на Банката 19,4 милиони евра и се позначително зголемени во однос на 2023 година, како резултат на повеќекратното зголемување кај приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот (Еуроникел), а во помал обем и поради зголемените наплатени претходно отпишани побарувања. И самата банка објаснува дека во тие рамки најголемо учество имаат приходите од продажба на преземен имот од должниците Еуроникел Индустри ДООКавадарци и Нова Рефрактори ДОО Пехчево, евидентирани во април 2024 година. Овде планот е натфрлен со над 59 проценти.

Оперативните расходи биле 44,3 милиони евра, и во однос на минатата година се зголемени за 14,4 отсто, во најголем дел како резултат на зголемените останати расходи и зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Позначителното зголемување на останатите расходи се однесува на расходите за преземени објекти, пред сѐ за преземениот имот од клиентот Еуроникел Индустри Кавадарци, со цел одржување на комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес.

Нето исправката на вредност, односно резервациите за лошите кредити достигнале околу 11 милиони евра, што е намалување од 12,6 отсто, а се должи на ефектите од трансакцијата со Еуроникел.

„Тој во текот на 2023 година забележа влошување во сервисирањето на обврските кон Банката, што придонесе за издвојување на поголема нето дополнителна исправка на вредност. Поради тоа, кон крајот од 2023 година Банката донесе одлука да изврши преземање на заложениот имот со цел да се најде брзо и ефикасно решение за повторно почнување со производство, а веќе во април 2024 година успешно ја реализираше трансакцијата на продажба на комбинатот. На намалувањето на нето исправката на вредност во текот на 2024 година исто така влијаеше и добрата финансиска дисциплина на клиентите и покрај заострените услови пропишани со новата регулатива за управување со кредитен ризик“, објаснуваат од Комерцијална банка во коментарот на Билансот на успех.

Во дополнителна информација што ја даваат до инвеститорите, ги објавуваат своите планови за дивиденда.

„Врз основа на финансискиот резултат утврден за 2024 година и Програмата на мерки и активности на деловната политика и финансискиот план на Комерцијална банка АД Скопје за 2025 година, усвоена на 30 јануари 2025 година од страна на Надзорниот одбор на Банката, Управниот одбор на Банката планира до Надзорниот одбор на Банката, а соодветно и до Собранието на акционери, да достави Предлог Одлука за распоредување на добивката со која ќе се исплати бруто-дивиденда во вкупен износ од 46,33 милиони евра, како и Предлог Одлука за определување на износот на дивиденда за 2024 година со која за една обична акција ќе се предложи бруто-износ од 1.250 денари. Предложениот бруто износ од 1.250 денари за 2024 година е за 37,4 отсто повисок во однос на дивидендата за 2023 година“, децидни се од банката со која раководи Хари Костов.

Од банката најавуваат дека приоритетните цели и задачи на Комерцијална банка АД Скопје за 2025 година се одржување на вредноста на капиталот и негово зголемување со цел доследно исполнување на новововедените капитални барања од страна на НБРСМ, и тоа преку политика на понатамошно издвојување на значаен дел од нето-добивката за резерви, со што би се обезбедила стапка на адекватност на капиталот која ќе соодветствува на планираните активности, максимизирање на профитабилноста на работењето со преземање прифатливи ризици, одржување и евентуално зголемување на учеството на Банката во банкарскиот пазар на земјава, во услови на зголемена конкуренција, како и слични цели на банката.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ИЗВРШИТЕЛИТЕ НАПЛАТИЛЕ 160 МИЛИОНИ ЕВРА: Велат, сумите што ги наплаќале не биле високи, затоа што наплаќале и трошоци

ИЗВРШИТЕЛИТЕ НАПЛАТИЛЕ 160 МИЛИОНИ ЕВРА: Велат, сумите што ги наплаќале не биле високи, затоа што наплаќале и трошоци

ГОЛЕМ ПРОФИТ, А НИСКИ ТРОШОЦИ: Ова ќе бидат најбараните бизниси во 2025 година

ГОЛЕМ ПРОФИТ, А НИСКИ ТРОШОЦИ: Ова ќе бидат најбараните бизниси во 2025 година

ОВА СЕ МИЛИЈАРДЕРИТЕ КОИ ВО САД ПРИСТИГНАЛЕ КАКО МИГРАНТИ И СЕ БОРЕЛЕ ЗА ВИЗА И ПРЕСТОЈ: Меѓу нив се магнати како Маск и газдата на Ebay

ОВА СЕ МИЛИЈАРДЕРИТЕ КОИ ВО САД ПРИСТИГНАЛЕ КАКО МИГРАНТИ И СЕ БОРЕЛЕ ЗА ВИЗА И ПРЕСТОЈ: Меѓу нив се магнати како Маск и газдата на Ebay

ДРЖАВАТА ВЕ НАГРАДУВА СО 50 ЕВРА КАКО ПРЕМИЈА ЗА ВЕРНОСТ: Еве што треба да направи секој Хрват кој сака да вложува во националните обврзници

ДРЖАВАТА ВЕ НАГРАДУВА СО 50 ЕВРА КАКО ПРЕМИЈА ЗА ВЕРНОСТ: Еве што треба да направи секој Хрват кој сака да вложува во националните обврзници

ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ – Се крчкаат законски измени со кои највозрасните ќе добијат „покачување“ од нови 2.500 денари

ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ – Се крчкаат законски измени со кои највозрасните ќе добијат „покачување“ од нови 2.500 денари

ПЛАНИРААТ ДА ЗАРАБОТАТ МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОД ПРОДАЖБА НА СИМБОЛИТЕ НА ЈУГОСЛАВИЈА: На списокот е и куќата на Тито во Кумровец

ПЛАНИРААТ ДА ЗАРАБОТАТ МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОД ПРОДАЖБА НА СИМБОЛИТЕ НА ЈУГОСЛАВИЈА: На списокот е и куќата на Тито во Кумровец

И КУЌА НА МОРЕ ПОЕВТИНА ОД СТАН ВО СКОПЈЕ: Хрватска нуди пристапни цени за недвижности на крајбрежјето

И КУЌА НА МОРЕ ПОЕВТИНА ОД СТАН ВО СКОПЈЕ: Хрватска нуди пристапни цени за недвижности на крајбрежјето

АВСТРАЛИЈА МУ ПРЕСУДИ НА ТЕЛЕГРАМ - апликацијата мора да плати казна од 611 илјади евра

АВСТРАЛИЈА МУ ПРЕСУДИ НА ТЕЛЕГРАМ - апликацијата мора да плати казна од 611 илјади евра

ИНТЕРЕСОТ ЗА КРЕДИТИ НЕ СТИВНУВА – населението должи кај банките над 4 милијарди евра, и долгот на компаниите не заостнува

ИНТЕРЕСОТ ЗА КРЕДИТИ НЕ СТИВНУВА – населението должи кај банките над 4 милијарди евра, и долгот на компаниите не заостнува