Културно информативниот центар - Скопје влегува во нова приказна. Овој пат во соработка со сродните културни центри од внатрешноста на Македонија. Се работи за патувачкиот интердисциплинарен и мултимедијален фестивал КУЛТУРЕН АМАЛГАМ.
Во својата основа овој фестивал има за задача да отвори врати кон вистинска и коренита децентрализација на културата во Македонија преку поставување темели на соработка и градење на културна свест во различни средини низ различни градови. Соработката на Културно информативниот центар - Скопје со останатите центри, преку меѓуинституционалниот и мултимедијален фестивал треба да постави темел за понатамошно аплицирање на истиот и низ останатите градови низ Македонија, а по примерот на Скопје, Кратово, Крушево и Битола, кои се предвидени за ова прво издание на фестивалот.
Отворањето на фестивалот започнува во Културно информативен центар - Скопје со изложба на фотографии од Никола Јовановиќ која се состои од 20 црно-бели фотографии на кои се прикажани портрети и сцени од музичкиот свет кои досега не биле објавени. Оваа изложба дава можност фотографиите да бидат прикажани во јавност. Фотографиите се снимени во периодот 2023 до 2024 година на различни локации и секоја од нив раскажува некоја своја приказна.
Настанот продолжува со прикажувањето на филмовите "Митот за Сара", "Мангава диско панк" и "Долу од рајот" од продуцентот Саша Станишиќ во Салон 19:19 од 21 часот. Саша Станишиќ е независен продуцент, режисер и писател од Скопје. Станишиќ е претставник на новата генерација на режисери од Македонија чиј фокус на интерес е сместен на локалните реалистични дискурси кои можат да се протегнат или аплицират по својата универзалност и на други делови од планетата, неговите партикуларни теми често во себе кријат општа човечка детерминанта. Во филмовите на Станишиќ свој одраз има и неговото претходно образование од книжевната компаративистка, која го збогатува неговиот наративен и интертекстуален пристап.
Календарот за другите настани е следен:
Културно информативен центар – Скопје, Скопје
23 јули 2024, 20ч
Дом на културата „Лазар Софијанов", Кратово
27 јули 2024
„Спомен Куќа ТОДОР ПРОЕСКИ", Крушево
6 август 2024
Културно информативен центар – Битола
22 август 2024