Северна Македонија е наш шампион кога се работи за Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан, што навистина добро функционира и таа прва ги доби средствата за предфинансирање, истакна еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.
Таа потенцира дека од вкупната сума од шест милијарди евра од Планот за раст, за земјава се предвидени 715 милиони евра, во чии рамки е и предфинансирањето од 52 милиони, од кои еден дел се исплатени директно во државниот буџет, а останатиот дел оди преку Инструментот за реформи и раст на Западниот Балкан.
– Во тој поглед, не треба да се грижите за Северна Македонија. Таа навистина е на добар пат, нагласи Кос.
Еврокомесарката потсети дека од вкупната сума на средства од Планот за раст една третина се грантови, а две третини заеми и тие средства се наменети за спроведување на реформите дефинирани со реформските агенди на секоја земја. Најголем дел од средствата се наменети за реформи во владеењето на правото, потоа за развој на бизнисите или деловното опкружување, за дигитализацијата, за транспортот, за енергија и за развивањето вештини.
Според неа, интересна станува следната фаза кога врз основа на добиените извештаи за спроведените реформи ќе зависат идните исплати.