Група Г: Словенија и Исланд фаворити, вардарецот Родригез и Куба сакаат втора фаза

Ново ракометно возбудување е пред нас. Во Хрватска, Данска и Норвешка ќе се одржи 29. Светско ракометно првенство на кое одново учество обезбеди нашата најдобра селекција. Планетарниот собир ќе се одигра во пет града, од кои три се во Хрватска: Вараждин, Загреб и Пореч, Хернинг во Данска и Осло во Норвешка. Домаќин на натпреварите за медалите ќе биде „Унити Арена“ во Осло.

Бранител на титулата е селекцијата на Данска, која на овој собир ќе атакува на четвртатата последователна светска титула, но за првпат без големата ѕвезда Микел Хансен, кој замина во пензија.

На Светското првенство ќе учествуваат 32 селекции поделени во осум групи од прелиминарната рунда. Првите три селекции од секоја група ќе се пласираат во главната рунда, додека осумте елиминирани селекции ќе настапат во „Президент Купот“.

ГРУПА Г: Словенија, Исланд, Куба, Зеленортски Острови

  • СЛОВЕНИЈА

Предводена од легендарниот ракометар Урош Зорман кој вторпат ја води селекцијата на Светско првенство, Словенија има свои амбиции и математики. Во групата цели кон првото место, а потоа и во втората фаза се гледа кон што е можно подобар пласман и влез во битката за медали. На теренот словенечката репрезентација ќе биде предводена од Блаж Јанц, Домен Макуц и Алекс Влах, кои играат во одлична форма. 

Клучни играчи: Блаж Јанц (десно крило), Домен Макуц (лев бек), Алекс Влах (лев бек)
Квалификации: Бараж, реми против Швајцарија (60-60) и победа на пенали од 4-1
Историја на СП: 1995 (18), 2001 (17), 2005 (12), 2007 (10), 2013 (4), 2015 (8), 2017 (бронзен медал), 2021 (9), 2023 (10)

  • ИСЛАНД

Селекцијата на Исланд бара враќање меѓу најдобрите десет селекции во светот, првпат по 2011 година. Инспирирани од легендарниот капитен Арон Палмарсон кој отпадна од комбинација за настап, ракометарите на Исланд во групата Г во Хрватска имаат високи цели и желби. Смената на генерации која започна во 2021 е горе-долу комплетирана, сега е позната јасната слика за тимот, меѓутоа покрај неиграњето на капитенот голем удар ќе биде и отсуството на повредениот Омар Инги Магнусон кој е член на Магдебург. Селекторот Снори Стеин Гудјонсон ќе мора да го надополни ова сериозно отсуство. 

Клучни играчи: Виктор Гисли Халгримсон (голман), Гисли Торгир Кристјансон (среден бек)
Квалификации: Бараж, победа од 87-49 против Естонија
Историја на СП: 1958 (10), 1961 (6), 1964 (9), 1970 (11), 1974 (14), 1978 (13), 1986 (6), 1990 (10), 1993 (8), 1995 (14), 1997 (5), 2001 (11), 2003 (7), 2005 (8), 2011 (6), 2013 (12), 2015 (11), 2017 (14), 2019 (11), 2021 (20), 2023 (12)

  • КУБА

По пауза од 16 години репрезентацијата на Куба се враќа на Светските првенства, откако го освои шампионатот на Северна Америка и Карибите во Мексико минатиот мај. Иако во селекцијата на Куба има играчи од Шпанија, Франција и Хрватска, клучен играч на оваа репрезентација е Хансер Родригез. Левото крило на Вардар е меѓу најдобрите поединци во тимот, а освен него треба да се запази на Мањол Зуарез Фис (Мајорка), Франк Кордие (Хуеска), Даниел Гарсија (Бидасоа) и Анхел Хесус Риверо Норис (Ла Риоха). 

Клучни играчи: Хансер Родригез (лево крило), Мањол Суарез (голман), Роналдо Алмеида (лев бек)
Квалификации: Oсвојување на шампионатот на Северна Америка и Карибите 2024
Историја на СП: 1982 (13), 1986 (15), 1990 (14), 1995 (13), 1997 (14), 1999 (8), 2009 (20)

  • ЗЕЛЕНОРТСКА РЕПУБЛИКА

Третпат во својата историја ракометната селекција на Зеленортските Острови ќе настапи на Светско првенство на ИХФ. Со пласман на четвртото место на Африканскиот шампионат во Египет оваа селекција си избори место на планетарниот собир. Под водство на португалскиот стручњак Жорге Рито, се работи за селекција која има ракометари кои главно играат во странство. Најмногу настапуваат во португалското првенство, а капитенот Нелсон Семедо игра во Кувајт. 

Клучни играчи: Леандро Семедо (лев бек), Паоло Морено (кружен напаѓач), Делсио Пина (лево крило)
Квалификации: четврто место на Африканското првенство
Историја на СП: 2021 (3*), 2023 (23)
*Во 2021 на СП во Египет селекцијата на Зеленортската Република се повлече по првото коло поради компликации со ковид-19

Низ историјата само европски репрезентации биле победници на Светските првенства, а Катар е единствената репрезентација надвор од Европа што стигнала до финалето. Тоа го направи во 2015 година.