Бизнис
ОПАЃА ПРОДАЖБАТА НА СТАНОВИ ВО ЉУБЉАНА, ПРОСЕЧНАТА ЦЕНА ЗА КВАДРАТ НАДМИНА 4.500 ЕВРА
06.04.2025
Во минатата година бројот на продажби на недвижности за живеење во Словенија продолжува да се намалува, трета година по ред, додека цените продолжија да растат. За 15 до 20 отсто во Словенија е намален бројот на продадени станови во повеќестанбени згради лани, а бројот на продажби на станбени куќи за 10 до 15 отсто, се вели во извештајот за словенечкиот пазар на недвижности за 2024 година, што го објави Управата за геодетски работи. Причината за намалување на продажбата се препишува на прогнозите на Владата за оданочување на недвижностите.
Според податоците на Геодетската управа на Република Словенија, растот на цените на станбените недвижности и земјиштето за нивна изградба минатата година не бил толку изразен како во рекордната 2022 година, но сепак е релативно висок.
На национално ниво, цените на станбените куќи се зголемени за девет отсто, на становите во повеќестанбени згради за десет отсто, а на земјиштето за изградба на станбени згради за 17 отсто.
Според овие пресметки, просечната цена на стан во згради на национално ниво лани изнесувала 2.920 евра за метар квадратен, што е за 310 евра повеќе од претходната година. Просечната цена на продадените станови во Љубљана порасна за рекордни 500 евра и надмина 4.500 евра за метар квадратен.
Просечната цена на една куќа со нејзиното земјиште лани била 165.000 евра, што е за 24.000 евра повеќе од претходната година. Просечната големина на продадените куќи била 161 квадратен метар, а просечната големина на земјиштето 700 метри квадратни. Во Љубљана за куќа со приложена парцела требаше да се платат во просек по 405.000 евра.
Ваквата состојба на пазарот на недвижности го натера словенечкото Министерство за заедничка иднина да го подготви Предлог-законот за финансирање и изградба на јавни станови и нацрт-измените на Законот за домување. Со ова сакаат да ја поедностават изградбата на јавни станови под кирија, а сето тоа треба да влијае на достапноста на становите, пренесува Пословни дневник.