1021 hPa
82 %

13 °C
Скопје - Чет, 17.04.2025 06:59
Три-четири, понекогаш и пет пати месечно, денот го поминувам во кревет, со мигрена, несвесна за светот околу себе. Речиси секој ден од секој месец, помеѓу овие напади, чувствувам ненадејна иритација и наплив на крв во мозочните артерии, што ми кажува дека мигрената доаѓа, а потоа земам некој лек за да ја забавам нејзината појава. Да не земав лекови, ќе можев да функционирам нормално можеби секој четврти ден. Физиолошката грешка наречена мигрена стана, накусо, сржта на мојот живот. Кога имав пет-шеснаесет, дури и дваесет и пет години, мислев дека можам да се ослободам од неа со негирање на нејзиното постоење, со надеж дека мојот карактер ќе успее да ја надвладее физиологијата. Во формуларите секогаш стои: „Дали имате главоболки? Понекогаш? Често? Секогаш? Означете една опција“. Означував една. Свесна за стапицата, секогаш ја избирав првата, за да добијам работа, стипендија, почитување од човечкиот род и Божја милост. „Понекогаш“, лажев. Фактот дека всушност поминував ден или два неделно речиси онесвестена од болка, ми се чинеше срамна тајна, потврда не само за мојата биолошка инфериорност, туку и за сите мои лоши ставови, непријатниот карактер и погрешните мислења.
Бидејќи немав ни тумор на мозокот, ни напрегање на очите, ниту висок крвен притисок, ништо не ми недостасуваше. Едноставно имав мигренозни главоболки, кои, како што знае секој што никогаш немал мигрена, се измислица. Се борев против мигрената, ги игнорирав предупредувањата што таа ми ги праќаше, одев на училиште и, подоцна, на работа, и покрај нив, седев на предавањата по средновековен англиски и ги слушав презентациите додека ми течеа солзи по десниот образ, повраќав во тоалети, се тетеравев до дома, празнев кофи со мраз на креветот и се обидував да ја замрзнам болката во десната слепоочница, мечтаејќи за неврохирург кој би дошол во куќна посета и би ми направил лоботомија, поради што ја проколнував својата имагинација.
Требаше да помине долго време за да ја прифатам мигрената таква каква што е, како нешто со кое можам да живеам како што луѓето живеат со дијабетес. Мигрената е повеќе од обична вообразба и невротична измислица. Тоа е наследен сет симптоми, кои најчесто се манифестираат со непријатни, заслепувачки главоболки, кои ги мачат изненадувачки голем број жени, прилично малку мажи (Томас Џеферсон имал мигрена, како и Јулисиз С. Грант на денот кога го прифатил предавањето на генералот Ли) и неколку несреќни деца на возраст од две години. (Јас првата мигрена ја доживеав кога имав осум години. Нападот се случи за време на вежба за евакуација во училиштето „Колумбија“ во Колорадо Спрингс. Прво ме одведоа дома, а потоа во амбулантата на аеродромот „Петерсон Филдс“, каде што беше стациониран татко ми. Воен лекар ми препиша клизма.) Речиси сè може да предизвика напад на мигрена: стрес, алергија, умор, нагла промена на атмосферскиот притисок, препирка околу плаќањето паркинг. Светло што трепка. Вежба за евакуација. Се разбира, луѓето наследуваат само предиспозиции за мигрена. Со други зборови, вчера целиот ден го поминав во кревет не поради мојот лош став, незгодниот табиет и погрешното мислење, туку зашто и двете баби ми имаа мигрени, татко ми и мајка ми, исто.
Никој не знае точно што е тоа што се наследува. Се чини дека природата на мигрената сепак има врска со нервниот хормон наречен серотонин, кој природно е присутен во мозокот. Количеството серотонин во мозокот драстично опаѓа со појавата на мигрената, и еден лек против мигрена, метисергид или сансерт, изгледа има одреден ефект врз серотонинот. Тој лек е дериват на лизергинската киселина (всушност, фармацевтската компанија „Сандоз“ прва синтетизираше ЛСД-25 барајќи лек против мигрена) и се шпекулира дека неговата употреба доведува до толку многу контраиндикации и несакани ефекти што повеќето лекари го препишуваат само во најтешките случаи. Кога се препишува метисергид тој се зема секојдневно како превентива, а има уште една превентива што дејствува кај некои луѓе – тоа е ерготамин тартарат, кој помага да се намали отокот на крвните садови за време на „аурата“, периодот кој во повеќето случаи ѝ претходи на самата главоболка.
Меѓутоа, штом ќе започне нападот, нема лек што може да го спречи. Кај некои луѓе мигрената предизвикува халуцинации, кај други привремено слепило, се појавува не само како главоболка, туку и како гастроинтестинално пореметување, болна осетливост на сите сетилни дразби, ненадеен неподнослив замор, афазија слична на мозочен удар и неможност да се поврзат дури и најосновните работи. Кога сум во состојба на аура (кај некои луѓе тоа трае петнаесет минути, кај други неколку часа), поминувам на црвено, ги губам клучевите од дома, испуштам сè од раце, ја губам способноста да се фокусирам или да изговорам смислена реченица, и генерално оставам впечаток дека сум дрогирана или пијана. Кога ќе настапи вистинската главоболка, таа со себе носи морници, препотување, гадење, слабост, што изгледа како да ги тестира крајните граници на издржливоста. Фактот дека никој не умира од мигрена, на некој што е сред напад му изгледа како двосмислен благослов.
Мојот сопруг исто има мигрена, што е лошо за него, но добро за мене: можеби ништо толку не го продолжува нападот како осудувачкиот поглед од некого кој никогаш немал главоболка. „Зошто не земеш аспирин?“ од врата ќе речат оние што немаат, или: „И јас ќе имав главоболка да поминев олку убав ден со спуштени ролетни дома“. Сите ние што имаме мигрена страдаме не само од овие напади туку и од честото уверување дека намерно одбиваме да се излечиме земајќи аспирин, дека самите се правиме болни, дека „сами си го предизвикуваме тоа“. И еве, во најнепосредна смисла, во смисла зошто нè боли глава овој вторник, а не минатиот четврток, се разбира дека често се случува. Сигурно постои таканаречена „мигренозна личност“, и таа личност често е амбициозна, склона кон интровертност, со нетолеранција кон грешки и со строга организираност и перфекционизам. „Не изгледате како личност со мигрена“, ми рече еднаш докторот. „Косата ви е разбушавена. Но добро, претпоставувам дека затоа сте домаќинка, која постојано чисти низ куќата.“ Всушност, мојата куќа е уште позапоставена од косата, но без оглед на тоа, докторот беше во право: перфекционизмот може да се манифестира и во облик на пишување и преиспитување во поголемиот дел од неделата, а на крајот да не напишете ниту еден параграф.
Но, немаат сите перфекционисти мигрена, ниту, пак, сите луѓе со мигрена имаат „мигренозна личност“. Од генетиката нема бегање. Се трудев да избегам од сопствената генетика на секој можен начин (во еден момент научив како да си ставам по две инјекции антихистаминици дневно со помош на поткожна игла, која ме плашеше толку што мижев кога го правев тоа), но ни тоа не помогна. На крајот научив да живеам со тоа, кога да ја очекувам, како да ја надмудрам, дури научив да ја гледам повеќе како пријател отколку како препрека. Јас и мојата мигрена постигнавме договор. Никогаш не ми се појавува кога сум во сериозна неволја. Кажете ми дека куќата ми е изгорена до темел, дека сопругот ме оставил, дека има пукање на улица и паника во банките, тогаш нема да добијам напад. Меѓутоа, кога водам герилска војна со сопствениот живот, во неделите проследени со разни недоразбирања околу домаќинството, изгубените алишта, неволно пружената помош, откажаните состаноци, деновите кога телефонот не престанува да ѕвони и ништо не успевам да направам, е, во тие денови мојата пријателка мигрена доаѓа ненајавено.
А кога ќе дојде, со оглед на тоа што сега сум помудра, само ѝ се предавам. Лежам и дозволувам да се случи. Во првиот миг сè е претерано, секој саклет станува страв. Потоа доаѓа болката и се сосредоточувам само на тоа. Токму во тоа лежи корисноста на мигрената, во јогата, во фокусирањето на болката, бидејќи кога болката ќе престане, за околу десет или дванаесет часа, тогаш престанува и сè друго, секоја потајна огорченост, сите саклети. Мигрената дејствува како прекинувач во струјното коло, каде што осигурувачите остануваат недопрени. Кога ќе помине сè, уживам во пријатните моменти на опоравување. Ги отворам прозорците и вдишувам воздух, јадам со благодарност, спијам добро. Го забележувам посебниот изглед на цветот во чашата на скалите. Ги бројам своите благослови.
Слики: Laurie Kaplowitz
Превод: Љупка Евроска
Извор за текстот: https://normalizuj.me/razno/joan-didion:-u-krevetu