„Светот што го избрав“ од Калина Малеска е Роман на годината за 2024
„Станува збор за извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори“, се вели, меѓу другото, во образложението на жирито

Романот „Светот што го избрав“ на писателката, професорката и книжевната преведувачка Калина Малеска (1975), во издание на „Или-или“, е годинашниот добитник на наградата Роман на годината, која по јубилеен, 26 пат, ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.

„Станува збор за извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори. Кус, концизен, маестрално напишан, „Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни се наметнал избор што не само не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага“, се вели, меѓу другото, во образложението на жирито.

Романот е во издание на „Или-или“, а жири-комисијата составена од Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните признанија во домашната книжевност.
Во најтесниот избор за наградата , годинава влегоа и двата романи од 43 пристигнати: „Простување“ од Кица Колбе („Или-или“), и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски („Антолог“).

Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, ( годинава за 50 отсто помалку од лани), а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје, која оваа година обезбеди финансиска поддршка од 360.000 денари, од кои 150.000 денари се парична награда за лауреатот, а останатиот дел е наменет за паричен надоместок за членовите на жири-комисијата, за плакета и оригинална статуетка.
„Оваа награда без дилема е своевиден трофеј за литературните дејци во земјава. Изборот „Роман на годината“ е вистински празник за македонското литературно творештво и затоа Комерцијална банка е навистина горда на својот придонес не само за одржување на оваа манифестација, туку и на вредностите и стандардите што ги наметна“, истакна денес на пресот во Скопје, м-р Андреј Јовковски, директор на Самостојната дирекција за маркетинг во Комерцијална банка, по повод објавувањето на добитникот.
Малеска работи како професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ. Нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија. (Л.С.)