Велешка Општа болница отвори Соба за обука на идни родители, едукацијата се закажува на мобилен телефонски број (фото и видео)

Бремените жени, идни мајки, заедно со своите сопрузи, идни татковци, веќе имаат каде во Велес да се обучуваат за родителството. ЈЗУ Општа болница Велес отвори Соба за обука на идни родители на Одделение за Гинекологија и Акушерство. Во оваа соба брачните партнери коишто го очекуваат раѓањето на своето дете ќе се едуцираат за целата бременост, како една животна фаза што е особено значајна за идните мајки од кои се очекува да го надминат стравот од спонтаниот или природен процес на породување, како и за важноста на меѓусебната поддршка при бременост се до негата на бебето, вели д-р Силвија Богоевска специјалист гинеколог и началничка на Одделение за гинекологија и акушерство во болницата.
Во Собата за обука, на четири интерактивни сесии, еднаш неделно, со помош на сестра акушерка Вида Тончова ќе се изведуваат вежби за релаксација, ќе има и вежби на бебе кукла и ќе се гледа едукативен видео материјал од коишто бремените жени ќе го запознаваат своето тело во делот на промените што се случуваат во периодот на бременост. Болницата купи душеци, пилатес топка како и макета на карлица, стручни книги со илустрации за да им го олесни процесот на едукација а располага и со филмувани материјали што сликовито ќе ја помогнат едукацијата.


Исто така на посетителите на обуката ќе им биде овозможено да комуницираат меѓусебно и да разменуваат искуства. Поточно целата едукација е наменета кон што поголема мотивација на партнерите и особено идните мајки да се одлучат за природно породување наспроти избор на породување со царски рез. Во едукацијата, велешка болница, го вклува и болничкиот психолог со едукација на повеќе теми меѓу коишто е и постпородилната депресија.


Се што бремените жени треба да сторат е да се пријават на телефонскиот број 070 349 320 на којшто ќе можат да разговараат со сестра акушерка Вида Тончова и да закажат учество во обуката.

„Тоа што е потребно јавноста да го знае е дека Општа болница Велес има одличен специјалистички тим којшто ќе им овозможи во родниот град да го реализираат породувањето наместо да се изложуваат на дополнителни финансиски трошоци и се породуваат во клиники или болници надвор од него. Овој тим, во месец јануари, годинава, реализира 50 породувања на бремени жени од Општина Велес што одамна не се случило,“ порачаа од Гинеколошко акушерското одделение во велешка болница.
Убавка Јаневска
