Интервјуа
Една од предностите на „Лудус“ е дека се работи за личен бренд
Разговор со Драган Христов, креатор на брендот Лудус – одржлив безродов лабел и основач/иницијатор на Лаб дизајн маркет.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2025г.
Изложена на многу предизвици и непредвидливи фактори, дизајн сцената во Македонија е кревка, но сепак чудесно опстојува и прикажува успеси. Брендовите редовно ги прикажуваат своите креации и иновации, најчесто преку постојните манифестации, фестивали и маркети посветени на дизајнот и на модниот дизајн.
Минатиот месец беше интересен поради два настана во еден, односно по повод роденденот на просторот за продажба на независни креатори Лаб дизајн маркет (кој одбележа еднa година од постоењето), а во организацијата на БИГ СИ Македонија, беа презентирани наградените проекти. На овој настан, како дел од програмата беа презентации на брендовите и изложба на наградени проекти од страна на БИГ СИ (BIG SEE), а тука беа и авторите кои стојат зад нив од Македонија во категорија продукт и моден дизајн од 2018 до 2024 година.
Наградите за производи и за моден дизајн БИГ СИ (BIG SEE) 2025 година ќе се одржат од 9 до 11 октомври годинавa во Љубљана − портата кон Југоисточна Европа, која е препознаена како креативен регион во светски рамки и како идеална сцена за прогресивен дизајн и за визионерски креатори.
Разговарам со Драган Христов, креатор на брендот Лудус – одржлив безродов лабел и основач/иницијатор на Лаб дизајн маркет.
Драган, кој тип на производи има најмногу успех на локалната сцена и дали со вашиот бренд повеќе работите за клиенти надвор од земјава?
„Лудус“ претежно се пласира надвор од нашава земја, на пазарите во земјите од Европа и глобално преку онлајн продажбите на нашиот сајт и на сајтовите кои ги застапуваат нашите колекции. Најпродаван производ се кошулите и тоа белата кошула, додека кај нас одличен одѕив имаме за панталоните, за капутите и за мантилите.
Како успевате да ја одржите вашата независност?
Независноста на „Лудус“ како бренд е најважна за мене и, иако не е лесно да се одржи, сметам дека една од предностите на „Лудус“ е дека се работи за личен бренд, што секако вклучува голем број на вешти соработници и систем на производство, но главната цел е клиентот да почувствува дека зад брендот не стојат комерцијални и финансински мотиви, туку оригинални дизајнерски и уметнички ставови и погледи на светот.
На какви проблеми или олеснителни околности наидувате?
Еден од најголемите проблеми беше производството. „Лудус“ е бренд што се базира на производ и особено беше битна конфекциската изработка на парчињата. Во моментов соработуваме со одлична мала локална фабрика која внимателно и професионално работи на квалитетот на нашите производи.
Разговараше: Лидија Георгиева